Кон гостувањето на Магбет исплашена душа во продукција на Хуи операта и Пекиншкиот оперски театар од провинцијата Анхуи
Претставата е беспрекорно направен ситен вез , што ја спојува древната театарска традиција со сензибилитетот на современите кинески театарски творци.
Сотир Трајков
Ретки биле приликите кога театар од далечниот исток гостувал кај нас. Уште поретко била прикажана некоја традиционална форма од тие краишта. Но, благодарение на организаторите на четвртото издание на интернационалниот театарски фестивал „ МНТ Фест “ , на 5 и на 6 јуни 2017, имавме можност во новиот театарски објект да се засладиме со пекиншката опера „ Магбет исплашена душа “, во продукција на Хуи Операта и Пекиншкиот оперски театар, од провинцијата Анхуи. Оваа древна кинеска театарска форма , позната по должината , но и по храната и пијалоците што им се нудат на гледачите , додека ја следат, зашто едноставно човек огладнува по некој час од изведбата, поради бавното темпо во чиновите , кај нас не беше прикажана во традиционално пакување, туку во инстант- класично, на сцена , без било какви закуски за публиката во салонот, во траење од 80 минути. Би се рекло, кратко и јасно како за западни консументи.
Сепак, ништо не пропуштивме од убавата и раскошна игра, пеења, танци, акробации , прикажани низ до перфекција совладаната и одиграна вибрантна кореографија и стилизирани движења, својствени за кинеската-пекиншка опера. Сето тоа беше спакувано во колоритни, традиционални костими, маски, шапки, мечеви и други симболи и обележја за кинеската војска, низ историјата.
А, токму кинеската историја е земена како појдовен пункт во развојот на адаптацијата на овој „ Магбет “, што ја направи Кенг Сун , според најкусата Шекспирова драма , напишана околу 1603 година, во превод на Бјаогуен Џу. Сун го сместува дејствието пред новата ера , ( 770 и 476 год.) , во кинеската држава Веи, одбранета од генералот Ѕи Јин, во изведба на Јушу Ванг, кој подоцна станува крвав владетел по наговор на сопругата, во што се препознава позајмената матрица од односот меѓу кралот Магбет и неговата жена Леди Магбет. Но, режисерскиот концепт на Кина Су не го следи оригиналниот тек на фабулата како кај Шекспир. Во стилот на кинеската опера, дејствието на речиси голата сцена, со минимални реквизити и симболи, за што беше задолжен Пејсен Ванг , тече без реска граница меѓу чиновите и се фокусира на најважните мигови од трагедијата, најавувајќи ја на самиот почеток, со наравоучението – „ Кој за меч се фаќа ,од меч ќе страда “.
Понатаму, фабулата го следи убиството на Кралот (Данкан кај Шекспир), кого во оваа постановка го толкува Кај Џанг, што претставува пресвртница во крвавиот пир на Ѕи Јин до кралскиот трон и неговиот односот со сопругата Ки Ганг. Јушу Ванг како Генералот и Кралот Ѕи Јин, низ текст, пеење и кореографија, разработена во изразувањето на секој гест , емоција и движење на телото, екстремитетите, лицето и очите, маркантно исцртува карактер на свесен и исплашен за направените злосторства, злосторник. А, свирепа, со амбициозен план за сопругот , што го изразува низ прпелкањата како змија до исполнувањето на намерите, со вонредно убав глас кој пее и поттикнува убиства, што ја носат пак до самоубиство, поради сторените гревови, беше прикажаната заводлива и уверлива креацијата на Гингтинг Ку како Ки Ганг. Во претставата се појавуваат и Принцот, Генералот Су, војската, духот ( на Банко по Шекспир), но повеќе како споредни ликови во масовните, танцово-ритуални сцени и стилизирани акции на убиства, без крв. Но , посебно нагласено е присуството на трите вештерки, во адаптацијата претставени како тројца богови, ( во стилот на чои-машки и женски кловнови од пекиншката опера), кои ги претскажуваат и коментираат настаните. Овие улоги ги толкуваат Хе Јанг, Минг Ду и Лисја Ванг. Последнава, особено пленеше со своите силни нозе, кои секое движење и танц го направија во положба на клечење, визуелно доловувајќи го ликот како малечок, дебел, комичен, ама и моќен.
Накратко кажано, како публика уживавме во прецизната актерска игра на целиот ансамбл, во покажаните акробатски вештини и акции, направени од Минг Ду, во кореографијата, осмислена од Леј Љу, во стилизираните движења и пеење стихови, на музика од Џејуен Су и Јинху Џао, во што помага секој гест на актерите при произведувањето глас и мелодии, на кои работеа Јифенг Ву и Ај Сјанг. Тоа зборува за високите критериуми, дисциплина и посветеност кои традициналниот кинески театар ги поставува пред секој учесник, но и за задоволството што му го нуди на гледачот , низ виртуозно стокмените изведби. А, „ Магбет исплашена душа“, не ќе беше квалитетна пекиншка опера што ја освои 13. фестивалска награда за кинеска драма и не ќе беше дел од „ Единбург фестивал Фринџ“, минатата година, доколку не беше беспрекорно направен ситен вез , што ја спојува древната театарска традиција со сензибилитетот на современите кинески театарски творци.
Една мала , но не и неважна забелешка на крајот, за оваа , а и за повеќето странски или изведби на домашни театри од етничките заедници, е отсуството на синхронизација при емитувањето на титлуваниот превод . На почетокот тој се појавува суверено, кон средината на претставата исчезнува, или како во „ Магбет исплашена душа“, е прилично осветлен од рефлекторите па не се чита, за да при крајот на изведбата повторно се појави во целост. Тоа не смее да ни се случува, па колку и да е кратко времето за да се подготви титлот и да се пушта. Тој е неопходен за следење на дејствието од домашната публика, која најчесто нема предзнаење , а и не треба да има ако не е стручна, за тоа што се случува по текстот и што ја очекува низ дејствието. А театар се прави за публиката, нели?