САГА ЗА ЕДНО ФАНТАСТИЧНО И ЕУФОРИЧНО ТЕАТАРСКО ИСКУСТВО
Кон гостувањето на НТ “ИВАН Вазов” во Бугарија на МНТ Фест 2017
Борче ГРОЗДАНОВ
Прекрасно и неодминливо е чувството кога ќе ви биде овозможено макар, сал и за миг да присуствувате на една вистинска театарска магија. И кога во таа магија, неусетно, а сеопфатно обземен, поминувате повеќе од два ипол часа неминовно е резултатот да биде катарзичен…убаво е кога излегувате од театарскиот салон исполнети со докази дека театарот е навистина место каде што животот станува поубав…
Со вакво чувство бев исполнет по присуството (па можам да се пофалам) и комплетното себе учество во претставата “Дон Жуан” што нашиот добар познаник, еминентниот бугарски и европски режисер Александар Морфов, ни ја приушти на МНТ Фест, на сцената на новиот Македонски народен театар.
Посебно е убаво чувството, кога ќе видите како со леснотија се создава слика од зборови, на која не можете да останете имун, па колку и таа да раскажува за сладострастието, отровот, па и бескрупулозноста на #освојувачот на целата земјина топка, небаре Александар Македонски, иако без оружје, односно само како завојувач на женските срца… Тоа е Дон Жуан со незаборавниот актерски имплус на Дејан Донков, сесрдно потпомогнат и потпрен на слугинскиот интелект и импулс на Велислав Павлов, алијас Зганарел! Двајца актери кои создаваат една компактна, жива материја, која растура, но и владее со сцената. Религиозната (не)дилема, што ја носи Дон Жуан и само навидум стамениот неприкосновен атеризам, а во име на љубовта, односно страста е основата која ја носи во себе приказната, митот за љубовникот стар(а) речиси четири века, е сепак, во својата длабочина и приказна за Човекот и човештината, макар и како антипод на вистината дека Бог е Љубов… Покрај споменатите два лика/актери тука беше и една поголема актерска екипа, која со чудесна моќ и енергија го пренесува и хумористично-гротескното, но и сериозноста на смртното, ни покажа дека една претстава живее заедно со театарот, не само додека таа трае… Можеби затоа моќниот Дон Жуан на Морфов, Донков, Павлов, Пападопулу, Духовникова, Врангова, Николова, Ганев, Јорданов, Вергов, Пеев, Цанев, Аврамови, Ангелови, Бистрев, Данаилова и Николова газат суверено повеќе од една деценија на сцената на НТ Вазов од Република Бугарија.
За комплетната магија да се вообличи, заслужни се и костимите на Марина Рајчинова, сценографијата на Александар Орлов и режисерот Морфов, и кореографијата на Мила Искренова, кои со светлата мрачност и мрачноста на светлината, успеаја дилемата и верноста на дуализмот и борбата меѓу доброто и злото да ја сведат, едноставно# само на магија!Браво!