ПРЕМИЕРА
Кон премиерата на претставата “Ричард III” во режија на Пламен Марков, гостин од Бугарија, продукција НТ Штип
Борче ГРОЗДАНОВ
Познатата приказна како преку море од крв се стигнува до власта, раскажана од големиот Шекспир, со Ричард III на чело, е за жал вечно актуелна, грозоморна и тешка, но вистинита и неизмерно повторлива приказна… Оттука, да се види тоа на дело преку сцената, но овојпат како исправено огледало, со чувство за сета негова искривеност имавме можност да ја почувствуваме, кско и тоа дека навистина сме присутни на низа од злосторства, кои како актерски приказ ни го прикажа монструмот од човек, онака, својски, верно, преку еден млад но јасно и одлично профилиран актерски лик, каков што е Иван Калошев, наш човек кој својот професионален уметнички леб го заработува во соседна Бугарија… Кај него, односно кај Ричард III ја видовме сета злобност, бескрупулозност, бесчуствителност, жед за крв, но и премореност од вечната потрага по власт, премореност од газењето по трупови, премореност од самосебе својствената чудовишност, а притоа направено актерски толку верно достапно и зачудувачки енергично, што напросто не остави без здив. Овие се само дел од комплиментите за актерската беспрекорна уметност на Калошев, безрезервно поддржан од Бакингам на Ефтим Трајчов Ѓаурски, кој како сопатник во злодејствијата ни прикажа еден лик, претворен во интригант, полн со себељубие, измама, завист, но и по малку човечност, пред се во однос на убивањето… Ефтим тоа го донесе со многу интелигентно својствен актерски нерв, со многу чувство за партнерска игра, но и сценско дејствие. Освен овие два млади столба приказната многу верно и точно, некои како жртви, некои како содејственици ја плетат уште и Владимир Тулиев (Кларенс), Милорад Ангелов (Лорд Хастингс), Миле Вратеовски (Лорд Стенли), Пеце Ристевски (Лорд Риверс), Виктор Арев (Тирол), Стојан Арев (Брекенбери), Марија Минчева Андонов (Маргарита), Кристина Атанасова Арсова (Елизабета), Валентина Георгиева (војвотката од Јорк – Мајката), Ангелка Нашкова (Лајди Ана), Елена Шорова Дербов (Џејн Шор), Раде Рогожаров (Едвард ИВ), Миланчо Ѓеоргиев Роне (Хенри ВИ) и младите надежни ентузијасти Лазарчо Ѓоргиев (Едвард Кларенс), Петар Јанев (Хенри Ричмонд) и Емилија Ристевска (Маргарита).
… Сите тие со својот габарит и енергичност, но и преку целите и задачите пред се во актерско уметничка смисла, создадоа една лепеза на ликови кои како #поткрепа# на двоецот Ричард Глостер III и Бакингам се дел од идејата убаво срочена и склопена од режисерската рака на Пламен Марков, режисер-гостин од Бугарија, кој Ричардовата борба за власт ја претвора во една голема гробница на суетата и злобата и во тоа успева преку приказна срочена во нецели два часа, но одлично дозирана во есенцијална смисла и раскажана без излишна нарација, со прецизен концепт и повеќе од солидно раздвижен мизансцен и што е најважно, без нарушена Шекспирова метрика.
Се на се, Народниот театар Штип при НУЦК “Ацо Шопов” од градот под Исарот, има театарски продукт со кој може да се гордее.