Moнокл

 

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

  1. Донкихотовски простор

Владо Цветановски беше режисер на големи продукции и мега проекти, трагач и реализатор на бројни и делотворни експерименти во сферата на фикцијата. Еден од нив беше театарската претстава “Дон Кихот“, дело со епска широчина, изведено на Битолската сцена. За неа, самиот режисер Владо Цветановски рече:  “Фала му на Бога што сî уште постојат Дон Кихоти кои веруваат дека вистината, во големи количества, ја има само во соништата и во илузијата и дека тие можат да се претворат во стварност, што се случува сега и овде, а каде на друго место да се прави тоа, ако не во театарот. Театарот е фабрика за соништа. Театарот е донкихотовски простор. Нашиот “Дон Кихот од Ла Манча“ се среќава со сопствениот лик во театарот“.

Се судираат сонот и јавето, мистичното и реалното и од тој судир се изнедруваат духовните вредности. Тоа е таа и таква универзалност и каузалност на театарскиот чин, но и постојаната потрага по вечни и трајни теми и мотиви, актуелни и релевантни содржини, нови постапки и методи, визии, постулати и изразни средства.  Претставата може да се гледа само, па дури и самата себеси – само во театарот.

Владо Цветановски режирал повеќе таканаречени тешки и обемни дела, за кои вели: “Театарските проекти не можеш да ги реализираш сам, како многу од творците во другите уметности, туку мора да најдеш луѓе кои сакаат да се занимаваат со таа тема, на таков начин, во такви околности, со такви средства…

Театарскиот начин на изразување е поврзан најнапред со шаманството, со обидот да се биде медиум меѓу Божјото и Човечкото. По таа ритуална основа, театарскиот израз е близок на секој човек на планетава. Низ театарот се пренесуваат пораките на предците, кои се испишани врз нас, сега и овде. Големите дела станале големи затоа што многу поколенија во нив ги откривала вистинските вредности на предците и затоа сакале да бидат пренесени на потомците“.

 

проф.д-р Христо Петрески

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *