ЗАДОЦНЕТА ТЕАТАРСКА РЕАКЦИЈА

 

Кон премиерата на претставата „ Ничија земја“, во продукција на МНТ, а во режија на Александар Морфов

Претставата не е никаков творечко- естетки исчекор во однос на тоа што до сега е поставено во МНТ. Напротив, се е познато и извесно, од почеток до крај, како да се одело свесно на постигнување комерицијален успех кај публиката.

Македонскиот народен театар го отвори четвртото издание на интернационалниот театарски фестивал „ МНТ ФЕСТ“, со премиерната изведба на претставата „ Ничија земја“, на 03.06.2017 година. Претставата работена според сценариото на истоимениот, со Оскар награден за најдобар странски филм, на босанскиот сценарист и режисер Данис Тановиќ, ја постави истакнатиот бугарски режисер Александар Морфов. Тој воедно ја потпишува и адаптацијата на текстот.

Дејствието во филмот, а и во претставата, се врти околу тројца војници, Чики, Цера и Нино, двајца од босанската армија и еден од српската-ЈНА, кои по сплет на несакани околности ќе се најдат заедно во еден ров на ничија земја, опколени од босанските и српските војски. Според прикажаното, Морфов направил измени во течението на оригиналното сценарио, разработувајќи ја приказната на ликовите за театарска сцена, но ја задржал основната фабула и жанрот на драма со елементи на црна комедија, присутен во филмот. На тој начин, низ режијата тој го портретира светот на бесмисла и апсурд во кој се наоѓаат довчерашните соседи, роднини и пријатели, раскарани и поделени по национална и верска основа, свесно тргнати или втурнати во виорот на граѓанската војна, без одговори на многу прашања. Концептот на Морфов е како лектира. Има јасен вовед, заплет, кулминација и расплет , што овозможува непречено следење на фабулата од страна на публиката, без да

го гледала филмот на Тановиќ. Или што би се рекло , руска театарска школа, подредена на психолошкиот реализам.

Сашко Коцев го толкува ликот на Чики, припадник на босанската армија кој со своите соборци преживува напад од српска страна во една маглива ноќ и така завршува во ровот. Чики е лојален војник на својата армија. На моменти е хуман кон младиот Нино , кој и припаѓа на српската војска, но знае да биде и безмилосен кон него кога треба да се спасува Цера, другиот војник од босанските трупи. Во тој контекст, креацијата на Коцев е чиста, уверлива и трагикомична и во функција на доловувањето на карактер кој се наоѓа и делува „ во тесно“. Коцев е докажан актер и стендап комичар, така што ништо помалку и не се очекуваше од него. На оваа линија се движи и направената улога на Никола Ацески како Цера. Трагизмот на состојбата во која се наоѓа, како повреден војник што лежи врз мина, тој се обидува да го надмине рационално , но и со кажување вицеви, истакнувајќи ја така силата на духот во безизлезот во кој се наоѓа. Сепак, најголем впечаток на авторот на овие редови му остави улогата на безмалку 19 годишниот Нино, што го толкува Александар Михајловски. Тој прикажа повеќеслоен карактер на млад , културен и исплашен човек кој бегајќи од лудилото на војната, на сила е однесен на фронтот. Нино на Михајловски низ дејствието расте во цврста личност која знае да му се спротивстави на Чики и по цена да заработи куршум во ногата од него, при обидот за евакуација на несреќниот Цера од војниците на УНПРОФОР.

Но, „ Ничија земја“ не е камерен театарски чин со тројца ликови. Тоа е ансамблова претстава во која доминира енергијата на подмладокот и на средната генерација актери на МНТ. Тие играат епизодни рољи, а некои од нив и по уште една споредна улога. Овдека треба да се истакне креацијата на Гораст Цветковски како Рамбо, српски командос кој ја поставува нагазната мина под повреденото тело на Цера. Морфов направил одличен избор, доверувајќи му улога на Цветковски во склад со неговиот психо-физички хабитус , која актерот целосно ја оправда. До крајот на претставата , Цветковски го игра и Смит, генерал во војската на унпрофорците, но таа креација е повеќе сведена на гестови, отколку на внатрешно преживување .

Во лепезата забележителни остварувања од редот на војската на УНПРОФОР, партиципираат и Оливер Митковски како Капетанот Дибоаи Калауза и Григор Јовановски како војникот Сержант Маршанд. Нивните улоги се во функција на демистификација на позицијата на меѓународниот фактор во граѓанската војна во Босна и Херцеговина, кој повеќе се занимавал со сопствените секојдневни потреби и задоволства, отколку реално да придонесе во амортизирање на кризата и да го згасне оганот на братоубиствената војна. А, нејзиниот профитерски аспект, особено дојде до израз низ црнохуморните остварувања на Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески и Борче Начев. Тие ги играат улогите на Наредникот Бошко и на Офицерот Миле Прлиќ од српскиот камп и на Офицерот Чело и на војникот Мирза од босанска страна, кои меѓусебе повеќе тргуваат со оружјето за да добијат кокаин, отколку што војуваат. Кајевски игра и фотограф , а Начев , снимател на СИ ЕН ЕН. Но, улогата на медиумите во конфликот на ничија земја , суверено на англиски јазик го прикажа Камка Тоциновски, во епизодната роља на новинарката на СИ ЕН ЕН, Џејн Ливингстон. Во претставата настапуваат и Ненад Анѓелковиќ и Томе Станковски како деминери од трупите на УНПРОФОР, Стефан Спасов во ликот на унпрофорецот Пјер, Кристина Гиева и Марија Кондовска како секретарки во кампот на УНПРОФОР, како и Филип Миленкоски и Александар Иваноски кои толкуваат босански, српски и војници на УНПРОФОР.

Сценографијата е на Никола Тороманов и на Валентин Светозарев. Таа распослана на големата сцена на МНТ, го доловува ровот во кој се случува дејствието и просторот околу него. Завојуваните страни се подигнати на осматрачници од дрвени греди, една спроти друга, означени со знамиња на Југославија и на БИХ , а наоколу се маскирните платна и мрежи поставени високо над сцената и спуштени дури долу во салонот на театарот, како и најразлични реквизити: буриња, парчиња од гранати , ранци, сандаци со оружје и друга борбена опрема. Централно е поставена слика на Јосип Броз Тито, која сведочи за немилите настани во кои тоне југословенската нација по смртта на нејзиниот татко. Тороманов и Светозарев се и автори на костимите кои ги прикажуваат униформите на завојуваните страни и на

унпрофорците, но и отсуството на тие униформи на почетокот на војната. Тоа можеше да се види во слоевитоста на костимот на Сашко Коцев, како босански војник. Дизајнот на светлото е на Крис Јегер, а музичкиот избор го направи режисерот Александар Морфов, јасно разграничувајќи ги интелектуалните светови на Србите-Југословените, кои слушаат рок евергрини и Босанците кои уживаат во турбо фолк музика.

„ Ничија земја“ е мајсторски направена и одиграна претстава со пацифистичка порака, со одлично темпо и динамика, која гледачите ги води на црнохуморно пативање во траење од скоро два часа, кое никого не го остава рамнодушен. Па, неспорно е дека трагичното и апсурдно дејствие, пласирано низ хумор, често изнудува громогласни насмевки кај гледачите во текот на изведбата. Но, клучниот проблем е што претставата не е никаков творечко- естетки исчекор во однос на тоа што до сега е поставено во МНТ. Напротив, се е познато и извесно, од почеток до крај, како да се одело свесно на постигнување комерицијален успех кај публиката преку изборот на текстот и постановката, која ќе ги освои гледачите без многу ментално напрегање. Важно прашање е и зошто сценариото на Тановиќ се поставува дури 16 години по светската премиера на филмот. Како МНТ дури сега да чул за него, а се оглушил во тие години кога за филмот се бараше билет повеќе во кино салите низ регионот. Затоа ваква, каква што е, претставата делува како задоцнета театарска реакција на времето. Јасно е дека војните се вечен проблем на нашата несреќна и во континуирани политички превирања цивилизација , но за тоа постојат и треба да се бараат актуелни текстови кои ќе говорат за денешнината , сега, овде и во светот.

Сотир Трајков