Кон премиерата на претставата „ Бакнати од сонцето“, во продукција на театарот „ Пи“ и Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „ Порака“ од Скопје.
Лица со посебни потреби играат како професионални актери
Театарската игра и музиката се дел од изразните сретства во оваа мултимедијална претстава, кои учесниците ги совладаа, за да го прикажат својот поглед на светот и тоа што го чувствуваат.
„ Сакам да глумам, да снимам филм, да ме гледаат на телевизија “. Наизглед, ова е желба на секоја личност која сака да се реализира на уметнички план и да стекне публицитет. Но кога желбата е искажана од млад човек како Никола Огненовски, штитеник на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „ Порака“, тогаш тоа не е обична, но не е и неостварлива желба . Во претставата со слики и приказни од секојдневниот живот, „ Бакнати од сонцето“, во една романтична сцена Никола Огненовски игра танго со, Катерина Ѓуроска, која исто така го посетува Дневниот центар „ Порака“. Таа вели дека го сака танцот.
– Сакам да танцувам и затоа сум дел од оваа група, вели малечката Ѓуроска.
А, во групата се 15-тина, во најголем број помлади учесници во претставата „ Бакнати од сонцето “. Таа е трет по ред заеднички проект на независниот театар „ Пи“ и Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост. Целта е велат од театарот „ Пи“, формиран од актерите и брачен пар, Златко Митрески и Македонка Илиевска, на лицата со посебни потреби да им се даде можност да се изразат на уметнички план, по примерот на специјализираните театри во Скандинавија.
– Во Македонија , воопшто не се работи ангажиран театар од ваков тип, дали било со социјални случаи или со лица со интелектуална попреченост, какви што се овие деца, овде. Тоа е нешто што не е давање шанса, туку нешто што е нормално за секоја индивидуа која што сака да се ирази на некаков начин во уметноста, без разлика дали е театар или музика, вели актерот Златко Митревски.
Театарската игра и музиката се само дел од изразните сретства во оваа мултимедијална претстава , кои учесниците ги совладаа , за да го прикажат својот поглед на светот и тоа што го чувствуваат. Даваа идеи и ја користеа сопствената имагинација за драмскиот материјал што го собираа и заеднички со менторите, Митрески и Илиевска, го склопија. Штитениците од „ Порака“ , со менторите работеа на повеќе актерски техники. Меѓу нив, оние од Мејерхољд, Станиславски и од други театарски иноватори и режисери. Техниките беа прилагодени на нивната психо-физичка состојба . На сцената во Мала станица, сознанијата од работилниците ги преточија низ говорење текст , поезија, нивни лични доживувања за светот, но настапија и со кореографирани од Валентино Апостоловски и други одиграни дејствија пред камера, прикажани на видео. Велат дека им е убаво да бидат актери и да ги покажат своите уметнички склоности.
– Говорот на текстот ми е најубав. Кога го читам текстот , тоа ми е најдобро, вели Лара Бошковиќ, штитеничка на Дневниот центар
„ Порака“. Јулија Павлова , која исто така учествува во претставата, а главна е во сцената со дрвото, вели :
– Најпривлечно ми е танцувањето , играта и рецитирањето.
„ Бакнати од сонцето “ е направена како колаж. Низ сцените актерите го истражуваат меѓусебниот однос , односот со просторот и со публиката. Од првата сцена со заедничко читање текст, преку таа во автобус со видео, па сцените во кои се доловени убавината на природата и злото кое владее во ветот, до секојдневните активности во Дневниот центар „ Порака“, заедничкото продавање на улица на списанието што го издава центарот и последната сцена која ја слави љубовта како космички подарок за човештвото, овие актери покажаа ентузијазам и воља во доближувањето до професионалните театарски стандарди и кретериуми за работа и докажаа дека имаат концентрација и меморија за секоја поставена задача. Но, она што најмногу восхитува е топлината и меѓусебната подршка што ја манифестираат меѓу себе во текот на изведбата. Се разбира , за поздравување е и влогот на Златко Митрески и на Македонка Илиевска од театарот „ Пи“, кои од 2012 работат како фацилитатори во Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „ Порака“. Без нивниот ангажман „ Бакнати од сонцето“ немаше да биде направена, како и двете претходни претстави, „ Малиот принц“, во 2013 и „ Сонце во мојата уста“, во 2014, реализирани со лицата со интелектуална попреченост.
Исто така, мора да се нагласи дека со овој вид социјален ангажман, независниот театар „ Пи“, отвора нова страница во нашиот театарски простор, промовирајќи специјализиран театар за лица со посебни потреби.
За тоа им симнувам капа и им посакувам уште многу заеднички успешни проекти !
Сотир Трајков