Васил Зафирчев – актер

 

Во прво лице

 ЖИВОТОТ Е СОН

 1. ЗА СЕБЕ: Скромен и едноставен, чесен и одговорен.

2 . ЗА ЉУБОВТА: Љубовта е патот до нас самите, до нашето најубаво и највозвишено јас. Таа е Бог внатре во нас.

  1. ЗА ЖИВОТОТ: Животот е сон.
  2. ЗА ТЕАТАРОТ: Мое уточиште и мој дом. Место на кое се чуствувам докрај слободен и свој.
  3. ЗА ДОБРОТО: Доброто носи добро. И секое добро со добро се враќа. Оти доброто се множи и размножува.
  4. ЗА ЗЛОТО: Отсуство на добро, недостиг на љубов, светлина и убавина.
  5. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Им сакам љубов, за да го најдат мирот.

 – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?: Тие се моето огледало.

  1. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: Животот не е театар.
  2. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Заразна е.
  3. ЗА КОЛЕГИТЕ: Моето театарско семејство.
  4. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Го чекаат своето време.

12 . ЗА ИДЕЈАТА: Апсолутна, вечна и неповторлива.

  1. ЗА СОНОТ: Сонот треба да се сонува со отворени очи.
  2. ЗА ЈАВЕТО: Јавето станува јаве, кога човек престанал да го сонува својот Сон.
  3. ЗА ВИНОТО: Во него е вистината, но и храната на Боговите.
  4. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Местото од кое тргнувам и секогаш одново се враќам.
  5. ЗА ТАНЦОТ И ШАНСОНИТЕ: Мојата втора љубов, мојата друга животна страст.
  6. ЗА КРАЈ: Крајот е нов почеток.

Магичниот свет на мачорот во чизми

 

*Кон премиерата на претставата „ Мачорот во чизми“ , во продукција на Театарот за деца и младинци

*Претставата е податлива за темпераментот и вкусот на денешните деца.

Театарот за деца и младинци од Скопје, започна со реализација на програмата за 2017 година, со премиерата на претставата „ Мачорот во чизми“ . Претставата ја постави режисерот Игор Ивковиќ, според драматизацијата на Горјан Милошевски, базирана на приказната на францускиот автор од 17 век и родоначалник на модерната бајка, Шарл Пјеро.

Фабулата на претставата е за мачорот Макс , кој се бори да ги спаси магичните чизми од ѕверот и волшебник Ужвекс и да го ожени Каспер, најмладиот син на воденичарот со принцезата Сесилија, (што исто така ја заробува волшебникот), во знак на лојалност што од целото наследство на починатиот татко, момчето го избрало токму мачорот. Во тој контекст, претставата зборува за храброста, пријателството и подготвеноста на жртви за повисоки цели, наспроти злобата и алчноста.  За таа цел, драмскиот автор- овдека драматург,  Горјан Милошевски , од целиот материјал на Пјеро направил современа и динамична инсценација, податлива за темпераментот и вкусот на денешните деца. Авторот на овие редови не е сигурен дали сцените со магионичарските трикови биле дел од драматизацијата на Милошевски или режисерот Ивковиќ дополнително ги вградил. Но како и да е, тие одлично функционираат во целиот концепт, подреден на шарениот, весел и магичен свет на децата.

Режисерот Игор Ивковиќ ја развива приказната низ актерската игра и сонгови. Низ играта се прикажани зло-среќните ситуации низ кои поминуваат ликовите , а нумерите што се пеат ги доискажуваат нивните емоции и мотиви. Играта е мешавина од комични до бурлескни и алегориски сцени.

Улогата на храбриот и лојален мачор Макс му е доверена на  Мартин Јорданоски. Тој игра во костим со маска и не само што така успева успешно го долови ликот низ текст, туку покажа  што значи добра физичка подготвеност и развиена телесна пластика. Ликовите на чизмите Акајсија и Енесија , ги толкуваат Емра Куртишова и Марија Ѓорѓијовска. Овие улоги што се играат во костими и со избоени лица, се одраз на младешката полет, ведрина и посветеност на актерките, за секој дел од нив. Ѕверот и волшебник Ужвекс, исто така во костим и со маска на лицето, го игра Мики Анчевски . Од претстава во претстава, тој се наметнува како актер на кој не само што треба да смета матичната сцена, туку и останатите театри во земјава, зашто во секоја улога не изостава да вгради личен печат и тоа да биде добро и да функционира, како што треба. Креации базирани на актерски трансформации, помогнати со костими и маски, покажаа и Ана Левајковиќ, во улогите на Кенгурот Џексон (придружник на Ужвекс) и Волшебничката Хагата, како и Винета Дамческа Мојаноска, низ ликовите на Старата жена и Принцезата Сесилија. Каспер, синот на воденичарат му е доверен на Ненад Митевски, а Кралот го толкува Владимир Лазовски.

За сценографијата и костимите беше задолжена Маре Трајковска- Стефаноска. За разлика од оригинално обмислениот и направен сценски простор од нејзина страна, за потребите на костимографијата во претставата, таа искреира нови, но користеше и постари решенија од фундус , од костимографката Лира Грабул. Триковите со магија, актерите ги изучуваа од Гого Реквием. Музиката е авторство на Виктор Апостоловски, кореографија направи Валентино Апостоловски, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ и Оливер Ставрев.

Кога гледачот ќе дојде на премиера или ќе сака во полна сала да изгледа некоја изведба во Театарот за деца и младинци, ќе се судри со еден проблем, а тоа е отсуството на воздух во салонот. Така беше и на премиерата на „ Мачорот во чизми“. Причина е малечката сцена, која е проблематична најмногу за актерите. Тие не можат да се раскрилат во мизансценот, треба да внимаваат да не турнат нешто од сценографијата или да не се повредат меѓу себе при непромислени и нагли движења. Од друга стара, малиот салон е проблематичен за гледачите од последните редови зашто понапред поставените столбови од подот до плафонот, не дозволуваат комплетен увид на сцената од десната страна, (погледнато од последниот ред седишта). Во вакви околности, успех е секој проект на Театарот за деца и младинци, па и овој. Затоа крајно време е ТДМ да посвети поголемо внимание на запознавање на јавноста и на одговорните инстанци со овој проблем, со надеж дека во догледна иднина ќе добие нов објект каков што заслужува. Ако можеше за дел од другите театри во државата да се изградат нови објекти, тогаш нема причина тоа да не му се случи и на ансамблот на Театарот за деца и младинци, кој постои за да регрутира и култивира нова публика. Ова особено е важно за најмладите гледачи кои не поднесуваат топлина и тешко успеваат да задржат концентрација до крај при следењето на изведбите. Каде тие ќе почнат да учат низ живи слики за вечната борба меѓу доброто и злото, ако не во овој театар ? А, за тоа неопходни се пристојни услови.

Сотир Трајков