Театар: прва драма на Шекспир

Прва драма на Шекспир која била изведена на современ македонски јазик била „Како што милувате“ во 1948 година во Македонскиот народен театар. Илија Милчин, еден од основачите на МНТ и автор на прозниот превод на комедијата, по повод втората поставка на драмата во 1965, напишал: „Ренесансната животна радост бликаше од сцената и секоја нова претстава на комедијата беше вистински празник“.[157]

Во Македонскиот народен театар следат и поставките на „Ноќ спроти водици“ (1951), „Отело“ (1954), „Многу врева за ништо“ (1955), „Венецијанскиот трговец“ (1970) и „Крал Лир“ (1972). Драмскиот театар во Скопје ги поставува „Магбет“ (1972) и „Хамлет“ (1976). Во другите градови од Македонија исто така се поставувале драмите на Шекспир: Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица ја поставува комедијата „Скротена бес“ (1959); „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ја поставува „Ноќ спроти Водици“ (1965); истата драма се изведува и во Штип во 1969. Народниот театар од Битола ги изведува „Хамлет“ (1966) и „Отело“ (1970).

Делата на Шекспир почнуваат да се изведуваат и на албански и турски во Македонија—во 1966, Театарот на народностите во Скопје ја поставува 12ci Gece („Ноќ спроти Водици“ или „Дванаесетта ноќ“), а во 1973 и „Отело“. На албански, пак, е поставена „Сон во една средлетна ноќ“ (Endra e një natë vere), исто во 1973 година.