Тихомир Стојановски
КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ
Театарот е општествен феномен, кој на тлото на Македонија трае најмалку 3000 Божји години. Почетната кота на неговото настанување поаѓа од посветеност и елитноста, од верските обреди и дарувања, од игрите за Бога и секако преку античките театари преминува за време на Дионисовите слави и празнувања во масовност и масовна култура. И понатаму низ историјава на македонсково тло секогаш може да се најдат места и настани кога тој бил дел од елитата и кога бил дел од масовната култура. Но, секако како некоја жива духовна сила се прилагодувал на условите на времето во историската и животната драма. Често преминувал повторно во религиските институции, храмовите, црквите, џамиите, синагогите или во обредните народни игри, често бил повторно омасовуван со скомрахите како патувачки театар, со Богомилите како појава на “проповедна форма на религиски театар” или како театар на слики во црквите и фреските каде се раскажува Божјата приказна или едноставо како “обреден народен театар” во адетите свадби, венчавки, верски процеси, литургии со хор и обраќање кон Бога и други форми и содржини. На пример, денес на говорниците во собранијата на државите каде се држат беседи и монолози, дијалози како во античките трагедии и комедии.
Се разбира не можеме да речеме дека сé е театар. Ако тргнеме од дефиницијата дека тој е “место за гледање” тогаш и таа теорија има свое оправдување.
Еден гледач и еден дејствувач и ете го театарот. Или како што вели една дефиниција за театарот: “две штици и една страст”.