Имаме право на надеж и љубов

 

Кон праизведбата на “Атена со пенис” во режија на Синиша Евтимов,а во продукција на Драмски театар Скопје

Претставата е жестока и издржана политичка сатира со која се исмева и критикува нашата стварност на изгубени вредности и правда.

Театарот на ул. „ Шекспирова“ бр.15 , на 19 мај ја изведе праизведбата на текстот „ Атена со пенис“. Станува збор за претстава работена според сценската адаптација на истоимениот роман на Александар Русјаков, што ја направи Синиша Евтимов, кој воедно е и потписник на режијата .

Од романесканата граѓа на Русјаков, Ефтимов штрихал и допишувал делови во текстот, создавајќи заедно со драматургот Сашка Бошковска, актуелно и повеќеслојно четиво кое се темели на драмска структура низ фрагменти, кое раскажува за комплетното деградирање на семејните, културните и општествените вредности кај нас, денес, низ „кавкијанска “ приказна за животот и премрежјата на еден човек, во еден ден. Резултатот е жестока и издржана политичка сатира со која се исмева и критикува нашата исполитизирана стварност, извулгаризираното со турбо фолк, ни секојдневие , кое е целосно кримилинализирано, обесправено и подредено на сензационалистички медиуми и на трката по пари , за кои поединецот е спремен да се одрече од секоја цивилизациска вредност.

Режијата се базира на мешавината од трагикомичен, фарсичен и гротескен израз. Тоа е постигнато низ умешно прелевање на стиловите, како во актерската игра, така и преку сведено креираната сценска позадина, само со колоритни реквизити и светло , што е дело на Милан Несторов и Александар Ношпал, кој во исто време е автор и на костимите, креирани во современ манир. На сцената доминира слика со сонцето од нашето знаме, кое овдека изгрева над планините. Сликата е изработена во поп арт стил, со точки, по примерот на творештвото на големиот Рој Лихтенштајн. Така е нагласен урбано-фолклорниот контекст во кој делуваат ликовите и нивната ментална матрица.

Фабулата го следи Виктор Велков . Тој е ситуиран „ шалабајзер“, добро позициониран на турбо фолк сцената, кој ја губи контролата над сопствениот живот , откако ќе биде прочитан тестаментот на неговиот починат татко, во кој од големото наследство што се разделува низ членовите на семејството , Виктор ја добива само скулптурата на грчката божица Атена, која на челото има пенис. Се разбира, ова е уметничка интерпретација на скулптурата, ( понатаму во претставата дообјаснета како римска божица Јунона, со пенис).

Таа е симбол за големото ништо што го добива Виктор од наследството, како што тој си мисли. Оваа шах-мат позиција главниот лик го носи до сплет од комични и трагични до апсурд случувања, кои ја одразуваат нашата стварност, во која „ малите риби го јадат стапот “, а „ крупните“ никогаш не се санкционирани и делуваат двојно, дури тројно, како налогодавачи, изнудувачи и како спасители на туѓи животи.

Главната улога ја толкува Рубенс Муратовски. Тој, емотивниот габарит на Виктор го предава со точна мерка и усет за неговите мотиви, низ уверливо одиграни нијанси, доволни гледачите да ги препознаат неговите јанѕи, да го разберат и да сочувствуваат со него. Мајката на Виктор, разведена од неговиот татко, е хистерична жена која љуби да пие алкохол и има млад љубовник, со двоен идентитет. Оваа улога и е доверена на Катерина Коцевска , која покажа што значи да се совлада задачата и да се игра органски, исцело . Филип Трајковиќ, позитивно изненади во улогата на нејзиниот љубовник , нежен и префинет како маж и воедно амбициозна жена во битка за себепромоција на естрадата. Трансформациите кои тој ги прикажа на ниво на идентитети беа добри, но недостасуваше само уште малку силина во гласот. Или можеби авторот на овие редови, од 13 ред во салонот не дослушува добро ? Многу суптилни трансформации понуди и Лазе Манасковски како „ десна рака“ на Виктор, но и како човек од подземјето. Изненадувачка , во функција на драмскиот пресврт, беше креацијата на Диме Илиев, на глава на криминалното подземје, која управува со човечките судбини и која знае да делува дури и како деус екс макина. Гордана Ендровска , како разведена жена од Виктор и Калина Наумовска како една од двете полицајки, низ гротескната игра потсетија на незаборавното драмско наследство на овој театар, од претставите „ Кандит во земјата на чудата“ и „ Кинегонда во Карлаленд “. Двоецот Гоце Тодоровски и Ванчо Петрушевски, маестрално ја дополни сликата за денешното невреме , во кое децата немаат време на детство, туку се зрели во просудбите како возрасни, знаат да се спротивстават, но и да ги заштитат родителите кога тоа е потребно. А, во оваа слика за светот на изгубени души, кои сакаат по секоја цена да успеат во големиот град , влегуваат и креациите на Емилија Мицевска како девојка на Виктор и турбо фолк пејачка , почетничка и Благица Димитровска како девојка на покојниот татко на Виктор, која постојано е дрогирана. Двете играат различни карактери , прецизно и уверливо до детал. Комични епизоди за почит имаат и Јана Стојановска и Александар Степанулески, а во лепезата на превртливи ликови од нашето милје, влегува и интригантниот стар сосед на Виктор, колекционер на антиквитети што сака да ја купи вредната скулптура на Атена со пенис. Оваа улога под маска, за што беше задолжен Ѓорѓи Ѓорѓиевски, ја толкува Зоран Љутков, со особен усет за хабитусот на старецот. Љутков настапува и како полициски инспектор кој влијае во еден миг врз судбината на Виктор.

Севкупната комична атмосфера во претставата , со отфрлени од средината, маргинални, етаблирани и криминални ликови, актерите ја предаваат со жар и полетност, што гарантира лесно и забавно голтање на горчливите пилули, што преку дејствието се сервираат до гледачите.

Тоа е доказ дека „ Атена со пенис“, е уште една хит претстава на Драмски театар што ќе се игра долго на репертоарот, по примерот на „ Болва во уво“ , „ Солунски патридии“, „ Викенд на мртовци“ и погоре споменатите претстави на авторско-режисерското дуо, Венко Андоновски и Сашо Миленковски. Нејзиниот мелодраматичен, среќен крај, е уште еден прилог кон дијалектиката на животот, која театарот ја исцртува, а е сместена во изреката „ После дожд доаѓа сонце“. Сосема оправдано, зашто сите имаме право на надеж и љубов .

Сотир Трајков