проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
Бидејќи актерската акција на сцената постојано осцилира, дури и во една иста изведба, тоа го диктира кондицијата и темпото на манифестирањето на телесното (физичкото), како врзивно ткиво и баланс помеѓу појавувањето (означувањето и значењето) и презентирањето (говорењето и бидувањето).
Но, варира и перцепцијата на гледачот, која зависи од видното поле и неговиот (не)фиксиран поглед, односно неможноста истовремено да гледа на повеќе страни, освен глобално и широко само преку еден панорамски ракурс, или издвоено и детално само на едно место во одреден миг.
И, токму во тој миг, движењето на актерот може да се доживее како режисерски концепт и знак, а во друг миг пак, како лична спонтаност или израз на сценска енергија. Значи, станува збор за дуалната актерска позиција помеѓу присуството и (ре)презентацијата.
Всушност, актерот таа дуалност треба вистински да ја осознае, постојано да е свесен и да води грижа за неа, односно да ја претвори во креативна игра. Тоа не значи дека актерот не е веќе потребен и(ли) дека се претворил во перформер, што имплицитно може да сугерира дека во современиот театар веќе не се потребни актери, туку само изведувачи (кои се, но не мора и да се актери).
Не, нас сé уште нñ треба актерот, но поинаков, самосвоен, креативен и самосвесен. Актер кој успешно ќе надградува и мајсторски ќе си поигрува со и на сцената, односно како што вообичаено и условно се вели: ќе “импровизира“. Значи, актерот да не се исползува и истроши/потроши само за и при реализацијата на режисерскиот концепт, кој се реализира и потврдува дури и само во и при рецепцијата на гледачите.