Јосиф Јосифовски (1927–2001)

 

Јосифовски, Јосиф (1927-2001), актер кој долги години беше носител на главниот репертоар на Народниот театар од Битола. Препознатлив по неговата маркантна фигура, со бујниот баритонски глас, живиот и ведар темперамент и со страста која провејуваше скоро низ сите ликови одиграни на штиците што живот значат.

Роден 1927г. во Велес. Во 1960г. станал член на колективот на Народниот театар – Битола. Тој беше еден од водечките актери на битолскиот ансамбал и долго време носител на репертоарот. Co својот раскошен и еруптивен талент одигрува повеќе насловни и водечки улоги. Неговата трансформација од лик во лик, со сериозноста кон пристапот, со свежината и чистотата ги постигнувал највисоките дострели во градењето на ликовите Клаудие во „Хамлет” од В. Шекспир (1966 и 1989), Франц во „Разбојници” од Ф. Шилер (1967), Јаго во „Отело”од В. Шекспир (1970), Сади во „Дундо Марое” од М. Држиќ (1972), Еротие во „Сомнително лице”од Б. Нушиќ (1978), Императорот во „Подземна република” од Јордан Плевнеш (1991), „Професионалец” од Д. Ковачевиќ (1990), дуодрамите „Партија реми” од Дин Ли Кобру (1986), „Виенско танго”оџ, П. Турини (1987) и др.
Импозантни партии дал и во филмовите „Пред дождот” и „Прашина”. Добитник е на наградата „Војдан Чернодрински” за животно дело.
ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА составувачи: Ленче Андоновска, Науме Горгиевски, Благој Николов, Трајко Огненовски, Гордана Пешевска, Анета Стефановска, Светлана Талеска; превод на англиски Весна Милевска

Национална Установа Универзитетска Библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола