TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Maj 17. 2017

Тихомир Стојановски

Феноменот на македонскиот “политички” или “историски” театар (како масовна култура) завршува деновиве со последните обиди под притисок на еден наш сосед да ни го сменат името. Со години македонската култура и литература се именувала под други имиња. И ние како истражувачи на феноменот на масовниот историски театар “македонската историска драма” ја посочуваме книгата:

“Отпретани сведоштва” на приредувачот м-р Јасмина Најдовска. Во неа е поместена султанска наредба од 07 април 1903 во која “категорично се забранува терминот (називот, именувањето) Македонија што се споменува како локално име”17. Всушност еве ја наредбата во целост:

 

“Со висока наредба на неговото Величество Султанот се известува: Отсега па натаму, во претставките и соопштенијата поврзани со работите на царските вилаети во Румелија, категорично се забранува терминот (називот) Македонија, којшто се споменува како локано име” датумот на предавањето на истата наредба е 26 и 27 март 190318. Каков апсурд и режија на самиот живот. Тој ден, 27 март, денес широко во светот е славен како ден на театарот. Денот кога суштински ни е забрането именувањето Македонија. Мислам дека е ова уште една кота кога театарот и животот се испреплетуваат.

 

Значи имаме драма на преименување која трае до денеска. Како во некоја драма која е силно поврзана со животот кој трае до театарското “сега и овде”. Ни се случува нам. Имено, театарот и денес често се употребува во негативна конотација дека правиме “театар” од нешто или од некого. Или дека во Собранието или во политиката се случува “театар”. Тоа само ја одредува основната природа на сценската уметност дека во неа работите се случуваат поинтензивно отколку во самиот живот. Дека за час и половина колку што би можела да трае претставата се случуваат настани кои опфаќаат трајност повеќе години. Дека во театарот се играат конфликтите на своето време. Дека театарот е совест на општеството. Дека е свето место. Сето тоа се одредници, употребувани реченици-сроченици од луѓето кои се обидувале да му дадат на театарот “подлабока духовност” од едноставното “место за гледање” или место за забава, од древните до сега и овде, до денес. Одредници дека театарот во антиката и преходно на македонско тло бил една институција со црквата, дека бил верско-религиско место и дека тезата, односно дефиницијата дека е само “место за гледање” не ја објаснува неговата длабока духовна и општествена природа и нужност.