Maj 17, 2017
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
Проф.д-р Христо Петрески
РИТУАЛНИОТ ТЕАТАР ВО/ПРЕКУ РЕЖИСЕРСКИТЕ ВИДУВАЊА НА
ВЛАДО ЦВЕТАНОВСКИ
Креативна игра и енергетска размена
Новиот ритуален театар, се одликува со впечатливата и раскошна костимографија, нагласената и во преден план сценографија, динамичната и ускладена сценска игра, а пред сî, со силната и постојана интеракција со публиката. Всушност, во кореографските зафати и решенија преовладуваат митските и фолклорните елементи, при што најприсутна и најекспонирана е артикулацијата на сценската енергија и преголемата и дури предоминантна експерсивност. Притоа, евидентна е тенденцијата за деконструкција на драмскиот лик, кога тој не е (нај)битен, односно акцент се става врз глобалната (заедничка) слика и колективните наместо (само) индивидуалните сцени.
Ликовите кога е во прашање ритуалниот театар – имаат симболички манифестации, односно тие не се ликови во класична идентитетска и ентитеска смисла, па колку што се битни психолошките валери, речиси исто толку, а понекогаш дури и многу повеќе се значајни и доминантни надворешните појавности, т.е. гестови и гестикулации, покази и прикази, пантомимски изведби, а пред сé и над сî – сценски настапи, појави, панорамски движења, гро-планови и други ефекти.
При согледувањето на интегралната партитура на претставата, која е најчесто во вид на кореодрама, воочлива, препознатлива и битна е променета и постојаното менување на горната платформа (ракурсот, позицијата и перспективата). Притоа, сите елементи: светло, движење, звук, простор, поставка… речиси подеднакво се застапени и значајни.
Додека пак, при сценската (ре)презентација на драмската фикција – акцентот е ставен врз сценското присуство и функционирањето на енергетската размена (интеракцијата) со гледачите (публиката).