Во прво лице
ТЕАТАРОТ – Мојот втор дом, мојата психотерапија…
1. ЗА СЕБЕ
Покрај сите искушенија што ги наметнува животот и професијата останав ЧОВЕК
2 . ЗА ЉУБОВТА:
Единствениот збор кој е основа на моето постоење, живеење, инспирација, енергија…
3: ЗА ЖИВОТОТ:
Духовната исхрана за издигање на духот и постигнување внатрешен мир – основна определба.
4. ЗА ТЕАТАРОТ:
Мојот втор дом, мојата психотерапија, се што не можам во животот, благодарејќи на мојот талент успевам да го преусмерам и претворам во уметност. Најпрекрасното нешто – сцената. На неа може се!!!
5. ЗА ДОБРОТО
Од памтивек до ден денес секаде и секогаш доброто победува. Да се биде добар човек и да се остане достоен во борбата против злото. Многу е тешко, но тоа е најдобриот лек за преживување.
6. ЗА ЗЛОТО
Влегувајќи во четвртата димензија на живеење – духовноста, злото зазема замав и тоа метастазира како карцином од највисок стадум. Но единствената борба против него е доброто.
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ
Ги има, ги имало и нека ги. Тоа е нивен проблем не мој.
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?
Богатство за кое животот би го дал. Ги имам многу и се гордеам.
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ
Сите мислат дека ние актерите глумиме во животот – најпогрешното разбирање на актерството воопшто. Актерството подразбира ИСКРЕНОСТ без која не може да се игра на сцена, да се допре до партнерот, до својата душа и со сето тоа да се допре и публиката. Нема глума – тоа е останато од некогаш. Инаку се би било лага, а тоа не го поднесувам.
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА
Ја има, многу ја има. Често грлата ни се разболуваат. Некои се алергични.. Но, и без неа не се може. Во стерилизиран простор, ја нема магијата на мирисот и допирот на сите чувства кои се најважни за постоењето на сцена.
10. ЗА КОЛЕГИТЕ
Се гордеам со мојот театар – навистина има прекрасни колеги, пред се добри луѓе , одлични партнери. Од нив имам и големи пријатели. Прекрасно навистина. Не само во мојот театар, ги имам низ цела Македонија со што посебно се гордеам.
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ
За моја среќа, кариерата не ми дозволи да патам за некој лик. Не дека се што одиграв досега ми се допаѓа, но коцките се редеа, одиграв голем број на посакувани улоги. А за потаму, па што и да дојде ќе го засакам, така сега размислувам.
12 . ЗА ИДЕЈАТА
Основен клуч за почеток на било што во животот. Ја добивам слушајќи музика, гледајќи филмови, читајќи литература, околу себе… а сето тоа го зачинувам со љубов и успехот е неизбежен.
13. ЗА СОНОТ
Сонувам, тоа е она што го сакам а сеуште не сум кажал никому. Тоа е во потсвеста. Го негувам како да снимам кадар по кадар. Кога ќе се навести целина се претвора во идеја и тргнува…Сакам да сонувам..
14. ЗА ЈАВЕТО
Изгрејсонце, светлина, топлина, добрина, убавина – среќа што постојам.
15. ЗА ВИНОТО
Не сум голем љубител, но го конзумирам кога ќе почувствувам потреба. Ако во него е вистината, а јас ја обожувам вистината, наздравувам со вино за неа.
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО
Највредното нешто што може да му се случи на човек во неговиот живот. Бескрајната возвратена љубов никаде и во ништо не е толку возможна колку во своето семејство. Што повеќе???
-.. За поезијата ?
Омилената моја литература. Обожувам да ја говорам. Имам зад себе три концерти и едно видео и едно аудио цд. Многу настапи со жива музика. Следат уште, не запирам. Имам прекрасна публика, нема да и го скратам тоа задоволство.
17. ЗА КРАЈ
Нека победи доброто и како најголемиот лек нека продира моќно во секого… Осветлувањето на душата е моќ која се постигнува со желба . Моја желба е секој да ја добие таа желба и да се насмееме, да ни се озарат лицата, да сватиме дека секоја секунда е вредна да се проживее убаво и среќно. Следната секунда е иднина, претходната неповторливо минато. Да живееме сега и овде.