Клаустрофобија на смртта

 

*Кон премиерата на претставата „ А, што потоа“, независен проект на група млади актери

*Во време кога македонскиот театар низ спорадични постановки, ангажирано ги толкува и коментира несреќите и страдањата на современиот човек, дома и надвор, претставата „ А, што потоа“ се доживува како уште еден прилог против таа репертоарска зачмаеност.

Пред Велигденските празници, во Џебното кино при Младинскиот културен центар, се одржа премиерата на претставата „ А, што потоа“, зад која стојат младите надежи на македонскиот театар. Дипломирани актери и сеуште студенти, вкупно седум, под режисерската палка на исто така младата Драгана Гунин, се одважија и направија ангажиран театар, посветен на жртвите на тероризмот во светот и на крвавата веќе петгодишна војна во Сирија. Сите заедно работеа на текстот, составен од биографии на жртвите кои генерациски се блиски со актерите, од нивните лични доживувања и искуства на различни теми, а во контекст на пацифистичката порака на претставата, додадени се и стихови од песната „ Барбара“ на Жак Превер.

Што се случува кога животот ќе биде заменет со смртта? Што се случува кога надежите, заложбите и поставените цели на младите луѓе, за миг ќе исчезнат под ударите на експлозвните направи, куршуми и друга боева муниција, а тие ќе се разбудат во друга димензија ? Одговорите на овие прашања лежат во претставата. Таа е спој во кој функционира документаризмот и метафизиката, а главна тема е прифаќањето на смртта од страна на жртвите, или соочувањето со „ новиот живот “, после животот.

Режисерката Драгана Гунин, концептот го темели на минималистички израз, низ мешавината од актерски креации и видео секвенци на кои се прикажуваат повеќе терористички инциденти од минатата година во светот, но и од крвави и други сцени со напади од хемиско оружје , во Сирија. Идејата е подигање на свеста во јавноста за генерациите кои завршуваат како ненадоместлива колатерална штета на современата глобална политика . И во таа насока, претставата е исклучително издржана. Во неа настапуваат : Бојан Лазаров, Јанка Лефкова, Нина Максимова, Марјан Наумов, Дарко Ристовски, Благојчо Стојанов и Емине Халил. Секој од нив игра на голата сцена по еден згаснат човечки живот, по една неправедно прекината врвица и секој од нив ја извршува задачата самопрегорно и без да се штеди. Евидентна е младешката полет, желбата да се креира, игра и да се покаже подготвеното. Но , она што е единствен проблем во претставата „ А, што потоа“, е повременото отсуство на мерка во пласирањето на емоциите кои напати делуваат пренагласено или недоволно уверливо за замислениот тивок свет на задгробниот живот. Ова не се однесува на сцените со колективните крици и страдања на унесреќените, туку на миговите на нивните индивидуални пренесувања на дилемите и разочарувањата од новонастанатата клаустрофобична и безизлезна состојба. Исклучоци има , а ги гледаме во прикажаните улоги на Нина Максимова и Бојан Лазаров.

Видео инсертите со терористичките напади и компјутерски направената мапа со топосите каде се случиле инцидентите по светот, се проектираат на платно во позадината на малата сцена, во Џебното кино. Тие го сочинуваат единственото визуелно обликување на претставата, решено на минималистички, но функционален начин. А, поради вознемирувачките содржини, претставата не се препорачува за помлади од 14 години.

Иако „ А, што потоа“ се игра на малечката сцена во Џебното кино, според структурата, таа не е проект работен во камерен формат. Па, доколку изведбите се дислоцираат на друга, поголема сцена, претставата ќе ја покаже вистинската зададеност на мизансценот и широките планови во кои се одвива дејствието, во овој колективно направен театарски чин.

Во време кога македонскиот театар низ спорадични постановки ги толкува и коментира несреќите и страдањата на современиот човек, дома и надвор, претставата „ А, што потоа“ се доживува како уште еден прилог против таа репертоарска зачмаеност. Работена како независен проект , со многу ентузијазам од целата екипа собрана околу неа, постановката е самата по себе успешна зашто доаѓа од најмладата генерација македонски актери кои избрале деликатна тема и општествено ангажиран пристап, за разлика од нивните повозрасни колеги. Морниците кои на крајот на изведбата ги почувствува авторот на овие редови се доказ за добро обмислениот проект. А, актерските креации ? Па, ви се молам, кој може да очекува вонсериски бравури од сеуште недипломирани студенти и млади актери со диплома, од кои дел се заборавени од театрите и им престои тешка борба за да стигнат до некоја од домашните, институционално подржани сцени, доколку сакаат да играат, колку- толку во континуитет. А тие деца вредат, заслужуваат и затоа треба да добијат нови шанси за работа. За некои од нив „ А, што потоа“, беше отскочна штица. А, што потоа со нив? Останува да видиме .

Сотир Трајков