Монокл -ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ

 

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

Ангажираната уметност е фокусирана на занимавање со општествените теми и проблеми, како што се: социјалните неправди, нееднаквоста, нетолеранцијата, милитаризмот, диктатурата, тоталитаризмот, фашизмот, ксенофобијата, национализмот, расизмот и т.н. и т.н. Притоа, еден од типичните и најдоминантните ставови е дека “етиката доминира со естетиката“.

Ова сфаќање е карактеристично за соц-реализмот, па дури  и за историската авангарда на првите децении на Дваесеттиот век и неоавангардата на шеесеттите години од истиот век.

Бројни примери за тоа се: социјалната драма, агит-пром акциите и рускиот театар пред Револуцијата, Брехтовиот марксистички театар, политичкиот театар на Пискатор, соц-реалистичкиот театар и други.

Во екс-Југославија пример за тоа беше Југословенскиот политички театар Јовановиќ/Ристиќ, КПГТ во осумдесеттите години, а кај нас Театарот Свети Никита Голтарот, Зелената гуска и други.

Но, ангажирана уметност е и дневно-политичка уметност, партиската уметност, некнижевните тенденции, програмските цели…

Во ерата на социјално ангажираниот театар се настојува сценската реалност што повеќе да се приближи кон секојдневната реалност, со што се укинува дистанцата помеѓу она што се случува на сцената и гледачите.

Кон драмата се свртуваат оние кои имаат да кажат нешто пресудно и спаносно за човекот, затоа што драмата е во состојба човекот и неговите постапки да ги стави во рамки во кои тие ја добиваат својата најдлабока смисла, вистинската вредност и најширокото значење.

Во драмата се преплетуваат светот на најголемата конктретност и светот на најголемата воопштеност. Значи, театарскиот простор е мегдан за анализа и оценување на човековите постапки. Притоа, гледачите не се само неми набљудувачи, туку и активни соучесници. Тие го губат своето Јас и се идентификуваат не со тоа како некој друг ги гледа, туку со она какви што навистина се тие самите.

Сартр подвлекува дека не постои универзална човекова природа, туку се универзални ситуациите во кои се наоѓа човекот.