Театарот се бори за животот

 

 

 Кон премиерата на претставата „ Девојката и смртта“ , во продукција на независниот Вондерленд театар

*Претставата е вонвременско воспевање на моќта на актерите, во обидот преку сцената да делуваат на создавањето поубав , помирен и поправеден свет за сите нас.

Диктаторските режими оставаат трајни последици врз човечките животи. Ова е пораката на претставата „ Девојката и смртта“, која според драмата „ Смртта и девојката“ , од аргениско- чилеанско- американскиот романсиер, драматичар и активист за човекови права, Владимиро Ариел Дорфман, ја постави режисерот Васил Христов. Премиерата се одржа на 4 Април 2017 , во едно од студијата на независната ТВ 21.

Претставата ја прикажува дијалектиката во односот џелат- жртва, низ приказната за реваншот на една жена, која во минатото поради несогласувањата со диктаторскиот режим во земјата , била брутално мачена со електро шокови, силувана и изложувана на различни други тортури во истражен затвор, додека во позадина се пуштала тестаменталната композиција на Франц Шуберт „ Смртта и девојката“, напишана за гудачки квартет ( бр.14 во Де-мол), 1824 година. Оние што го гледале истоимениот филм на Роман Полански од 1994 година, каде Дорфман е косценарист, со Сигурни Вивер, Бен Кингсли и Стјуарт Вилсон, знаат за што пишувам. А, останатите кои не знаат, нека повелат , да ја погледнат претставата, зашто навистина има што да се види.

Големо достигнување за македонскиот театар, со што воедно се оправдува и смислата на неговото постоење денес, е можноста овој текст, кој прозвучува исклучително актуелно во нашата стварност, да биде поставен. Режисерот Васил Христов, концептот го темели на камерен формат, базиран на текстот на Дорфман, напишан за три актерски креации. Тој ја постави публиката на столчиња, наредени ритуално во круг. На нив од време,- на време седнуваат и актерите, па гледачите лесно ја препознаваат алузијата за потребата од идентификација со жртвата или со џелатот. Друг моќен симбол се голите сијалици , распоредени и спуштени над замислената сцена. Нивната знаковност со употребата на посилна и послаба моќност во текот на изведбата, е во функција на симболиката на страдањата на поединците кои биле грубо испрашувани и малтретирани по затворите во диктаторските системи. Но, семиотиката не завршува овдека. Симболичен е и самиот мрак во кој актерите ќе потонат сосе публиката, при крајот на изведбата, додека под закана за неговиот живот, џелатот го признава сторениот грев и се покајува. Режијата и отстапува голем простор на музиката. Таа речиси и да не запира во текот на претставата. Можеби замислата била Шубертовото дело „ Смртта и девојката“ да биде уште еден актер во претставата. Но, тоа се покажа непродуктивно. Зашто , ако на мачнината која произлегува од ситуациите во текстот, се додадат одиграните мрачни емоции на тројцата карактери, па уште и предсмртната композиција на Шуберт ( или друга музика) без пауза, впечатокот е дека атмосферата непотребно се гуши и станува еднолична- праволиниска, без било какви контрасти на страдањата. А рака на срце, маестралниот текст на Дорфман нуди и такви моменти зашто не го исклучува ни хуморот од своите редови. Тој беше пласиран низ говорот, но не доволно разработен.

„ Девојката и смртта“ уште еднаш го покажа вонсерискиот талент на актерката Ирена Ристиќ. Потписникот на овие редови, кој ретко што не гледал од нејзините претстави, искрено се мислеше пред почетокот на премиерната изведба, што може ново да понуди Ристиќ овде, кога на слична тема, во претставата „ Жената како бојно поле“ , во режија на Владлен Александров, таа исцрта и прикажа многу точна креација на жена –жртва на граѓанската војна во поранешната заедница. Но не, Ирена Ристиќ и овдека беше инвентивна, сугестивна и со мерка ја долови менталната и физичка болка на поранешната затвореничка. Нејзината игра беше пример за органско сплотување со мотивите на карактерот. Ритамот на говорот, експресијата на лицето, држењето на телото и гестовите , беа одраз на студиозно обмислена и градена нова улога, од почеток до крај. И на тој начин, таа беше супериорна.

Улогата на Сопругот на жртвата на поранешниот систем, со амбиции да стане министер за правда и со прифатена функција од новиот премиер, да биде претседател на комисијата за испитување на злоделата на диктатурата, му е доверена на Зоран Љутков. Тој исто така покажа квалитетна, слоевита креација, втемелена на најдлабоките чувства на еден маж кон една жена. Доминантни емоции кои се читаа на неговото лице беа тагата, страдењето, сочувството за саканата, но и потребата да се открие вистината и да излезе правдата на виделина. Во партнерската игра со Ристиќ, Љутков ја покажа другата страна на скршеното огледало што се обидува од ново да се состави. Таа интенција актерот ја прикажа прецизно и вешто.

Но, суперлативите од погоре, не важат за Игор Ангелов, кој го толкуваше Докторот- лекарот или џелатот на жената во затворот. Ангелов имаше простор, согласно текстот, да не заведе, да не излаже, да се посомневаме макар за миг дека можеби тој не бил мачителот, дека можеби жената навистина е душевно растроена и во неговото лице и телесни мириси по грешка го открива својот џелат. Тоа, за жал, не се случи. Ангелов стартуваше уверливо, но во текот на изведбата неговата креација на занесеник по Шубертовата музика кој завршува како свиреп иследник во женски затвор, што се обидува да се спаси од раката на правдата во новонастанатите околности, изгуби и на сила и на уверливост. А, толку повеќе и подобро можеше да направи и покаже.

И покрај забелешките, „ Девојката и смртта“ е легитимен политички ангажиран театар што ги антиципира ситуациите и животите на луѓето- жртви на недемократските општествени поредоци. Како за ука и поука на нашиот партизиран и поделен народ, можеби треба да се размислува , претставата да се игра и на отворен простор , како протест и коментар на случувањата кај нас во изминатата декада и за тоа што допрва ни претстои. Па, дури и да не се гледа од тој агол- локално, претставата е вонвременско воспевање на моќта на актерите, во обидот преку сцената да делуваат на создавањето поубав , помирен и поправеден свет за сите нас. Како костимограф кој понуди современи решенија, беше ангажирана Роза Ред Рот, продуцент е Горан Ацевски, а дизајнот на плакатот го направи Филип Унковски.

Сотир Трајков

ИВАН МАЗОВ ( 1923 – 1977 )

 

 

ИВАН МАЗОВ театарски критичар, публицист, писател

(07. 01. 1923, Кавадарци – 14. 02. 1977, Цеље).

Дипломирал на Високата политичка школа во Белград (1948). Бил прв главен уредник на „Млад борец“ (1944), главен уредник на „Трудбеник“, уредник на „Социјалистичка зора“, на Радио Скопје,на „Партиски живот“, на „Нова Македонија“, работел и на други општетсвени и културни должности. Од 1960 до 1977 пишувал театарска критика во „Нова Македонија“, објавувал во „Современост“,„Хоризонт“, „Вечерен репортер“, „Културен живот“, „Бирлик“, „Флака е влазнимит“, „Разгледи“, „Јехона“, „Политика“, „Вјесник“, „Око“, „Сцена“, „Позориште“, „Одјек“, „Вечер“, „Ослобоѓење“… Пишувал и проза, патеписи, текстови и трудови за современиот македонски јазик. Добитник е на наградите „Крсте Мисирков“ (1969), „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ (1973) за театарско-публицистичката работа. Бил член на разни одбори и тела за театар, потпреседател на Сојузот на театарските критичари и театролози на ИТИ за Југославија (1975/76/77), а од 1978 до 1988/89 овој Сојуз, во рамките на Југословенскиот театарски фестивал „Стериино позорје“ доделуваше награда „Иван Мазов – Климе“ за годишен критичарски опус. Автор е на четири книги со раскази и патеписи, застапен е во повеќе избори, а во четири книги (од Одбрани дела во шест книги) е поместен избор од неговите театарски критики („Култура“, 1982) со наслови: „Сцена на животот“, „Сцената – тврда почва на животот“, „Сцената и човекот“ и „Сцената и современоста“. Автор е на околу повеќе од три илјади текстови. Бил член на разни театарски и оценувачки комисии и претседател на жирито на МТФ “Војдан Чернодрински” (1970).

Во македонската историја од огромно значење се неговите патеписи, „По трагите на Евлија Челебија“, низ Бугарија, Грција и Албанија, во време кога за макледонското население во овие земји се молчеше, или на бикло кој од Македонија му беше речиси забранет пористап. Облавен се и во книгата под заебочки наслов „Размеѓани колепки“ („Современост“, 1978). Автор е и на изборот „Убавината на виното“, песни на поети од светот кои како гости на Струшките вечери на поезијата ја посетиле Тивешијата.

Познат е и како страстен почитувач и истражувач на македонскиот јазик за кое имаат пишувано и Блаже Конески и Трајко Статаовски.

Бил дописник на „Нова Македонија“ од Атина и дописник за Балканот од големата војна во Алжир.

Домот на културата во Кавадарци повеќе од три децении е именуван како „Иван Мазов-Климе“, а една улица во родното Кавадарци го носи исто неговото име.

 

TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

 

Тихомир Стојановски

КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

Нели во :

 

“… Гневот О Божице пеј го…” започнува самиот еп, односно започнува приказната. Со пеење. Или оној кој пее или пое -поет. За некој кој е писмен народот вели “дека е пеан”, односно описменет. Уште една реплика од животната драма. За врската на пеењето и сцената. Всушност, пеењето, играњето оро и хорот се основните елемнти на театарот кои и денес ги содржи современиот театар, пред сé, во драмската поезија, драмските дела во стихови. Всушност тие се највредните и веројатно ширум светот најпоставувани дела на сцената како: Шекспир, Молиер, Лорка, Ростан, Лопе де Вега, античките автори Еврипид, Софокле, Есхил, Аристофан, па дури и еповите се поставуваат на сцената како драмска поезија “Илијада”, “Махабрхарата”, “Сердарот и други.

 

И ете дојдовме до уште една допирна точка, која ја открива скриената природа на сцената. Пеење. Кога некој пее. Кога некому му се пее. Се опева одредена историја и случка. Или му се прави чест и му се пее. Се слави со песна. Или со музиката. Голем дел од историските македонски приказни се опеани во песни и се играат во ора. На сите видови на славење и одбележување. Нели и музите играат оро (да ја споменеме тетовската Менада како археолошко откритие – мома која игра оро), а нашиов народ го прави, го правел и ќе го прави истото. Играл, игра и понатаму ќе игра ора.

 

Во “Илијада” стр. 121 е поместено толкувањето за Менада како:

 

“… жена занесена од Бога и во занес донесена до палава состојба… занесена од Богот Бах или Дионис”14.

 

Се разбира, со тоа играњето повторно се доведува до Дионисовите слави како прапочеток на театарот на тлото во Македонија. Секако, како основа пракорен за македонскиот антички театар. Потоа, имаме дарување на леб и вино како култ, култура на сцената во македонската антика и секако ја имаме свадбата на ќерката на Филип Втори, македонскиот цар во театарот во Еге како крвна жртва за Диониса. Филип Втори е убиен на свадбата на својата ќерка Клеопатра со Александар Молсиски во театарот во Еге, старата македонска престолнина15. Се разбира повеќе за врската на театарот како верско место, храм, светилиште ќе зборуваме во втората глава на овој труд.

Moнокл – Темел на Македонскиот театар

 

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

Темел на Македонскиот театар

 Сето тоа придонесува и претставува зачеток и темел и на основањето на Македонскиот народен театар кој, всушност, е надоврзување не само на почетните традиции, чии темели ги постави луцидниот велешанец Јордан Хаџи Константинов-Џинот уште во средината на 19 век, не само на театарските дострели на Војдан Чернодрински и на неколкумина познати драмски автори, кои дејствуваа сî до почетокот на Втората светска војна, туку и на сејачите на никулците на националната театарска дејност во текот на антифашистичката војна, а посебно со дејноста на партизанската културно-уметничка група “Кочо Рацин”, што е основана во летото 1944 година.

За улогата и значењето на Јордан Хаџи Константинов  – Џинот, посебно за неговиот единствен и незаменлив придонес на планот на театарската уметност , можеби најилустративно говори изјавата на истакнатиот драмски писател Васил Иљоски дадена на критичарот Иван Ивановски (од разговорот објавен во списанието “Современост“, бр. 5, 1976 година): “На првото мое по малку конвенционално прашање за тоа кога ја почувствувал љубовта кон драмската реч, што го поттикнало и што било пресудно да му се посвети на еден од најсложените и најспецифични родови – драмската литература, Иљоски ќе се задржи на три фактори, на три пункта: детските игри, склоноста во она што влегува во комплексот на драма, барајќи ја неа во црковната служба и театарскиот аматеризам. Притоа, авторот на “Бегалка” и “Чорбаџи Теодос” не забораваше да го потсети читателот дека првото театарско доживување што го имал во животот му го должи на училишниот театар на Јордан Хаџи Константинов – Џинот што според неговото мислење, е “прва фаза во новата историја на нашиот театар”!

За јубилејот, на тапет ЕУ и стандардите

КРЕНАТА ЗАВЕСАТА НА 10. ИТФ “ЛИЦА БЕЗ МАСКИ”

Ако се суди по почетокот на јубилејните “Лица без маски” љубопитниците ќе имаат што да видат и за што да размислуваат во текот на петте фестивалски денови, а за тоа можност имаат преку театарските изведби “Претстава со четири актери и неколку свињи”, “Ноќ на огнот”, “Прво ќе ме земеш после ќе ме…”, “Скршена стомна”, “Се на маса”, “Да го поздравиш и да ми го бациш” и “Фармата”

Во светот полн со маски изместени вредности измислени и замислени цели до небо кренати таканаречени стандарди повторно театарот ја потврди улогата на “судија” за она што ни се случува и ќе ни се случува во не така розовата стварност.

Во овој контекст отварањето на 10. Јубилејни лица без маски, започнати од интузијастите Мио и Иги, алијас Миодраг Костиќ и Игор Ивковиќ, едниот директор, а другиот селектор, го продолжи и оправда постоењето на театарската алтернативе денес, овде и сега.

Ова линија на “отпор” кон реалноста продолжии на сцената со гостите од Косово и “Претставата со четири актери И неколку свињи…” и нивната приказна за приоритетната “касапница” наречена ЕУ. Во трка и потрага по новите стандарди и вредности човекот ги губи основните вредности како што се љубовта, меѓусебната комуникација и другарството. Преку завидно сценско темпо четворицата актери и двајцата музичари уште еднаш ни го поставија прашањето: Чуму трката по вредности кога основата е изгубена?!

Всушност ова како сублимат беше и поентата на Снежана Конеска- Руси, која го отвори официјално фестивалот. Само како надоврзување на популарната тетка Снешка, Миодраг Костиќ потенцираше дека нивното “дете” по име “Лица без маски” одново се раѓа веќе 10. пат, а и ќе се раѓа се додека има енергија во овие луѓе ентузијасти.

За жал преку театарска слика добивме едно огромно вистинито пано за тоа дека ерозијата на моралот, колку и да звучи оскиморонски…, е во подем. За час и половина го добивме одговорот или поточно преку одговорот сме натерани повторно да го размислиме и обмислиме своето постоење…. Затоа ако се суди по почетокот на јубилејните “Лица без маски” љубопитниците ќе имаат што да видат и за што да размислуваат во текот на петте фестивалски денови, а за тоа можност ќе имаат преку претставите “Претстава со четири актери и неколку свињи”, “Ноќ на огнот”, “Прво ќе ме земеш после ќе ме…”, “Скршена стомна”, “Се на маса”, “Да го поздравиш и да ми го бациш” и “Фармата” . (Б.Г.)

Вечерва “Прво ќе ме земеш после ќе ме…” и “Скршена стомна

Театарскиот фестивал “Лица без маски” продолжува вечерва со нови две претсави. Во Театар Комедија (20 ч) ќе биде одржана претставата “Прво ќе ме земеш , после ќе ме…” во продукција на Театар “Крик”- комедја и драма од Скопје и во режија на Ѓорѓи Ризески. Во претставата главните ликови се Ѓоко и Кети, тој изрод од мешан брак, таа старлета, пријавени во шоуто “Осакатени души”… Втората претстава е “Скршената стомна” на Интимен театар од Битола, во режија на Софија Ристевска, а  ќе се држи во Конгресниот центар “Александар Македонски” (22 ч). Претставата е за изгубениот и заблудениот човек што нема капацитет да се бори, а секогаш го избира патот на финансискиот прогрес..

Тунел од книги

 ВО КИНА

Нејзиниот несекојдневен ентериер претставува вистинска атракција. Одвнатре изгледа како сцена од научно- фантастичниот филм Inception, во превод „Зачеток”.

Продавницата за книги Јанџоу Џунгшуг, во кинескиот град Џан Јуен, е дизајниран како голема оптичка илузија.

Нејзиниот несекојдневен ентериер претставува вистинска атракција. Одвнатре изгледа како сцена од научно- фантастичниот филм Inception, во превод „Зачеток”.

Главниот ходник, чиј под е прекриен со црни огледала, има форма на пештерски свод, со полици за книги. Рефлективната површина на подот и закривените форми на полиците создаваат впечаток дека се наоѓате во совршено кружна просторија.

Многу посетители се чувствуваат изгубени во таквиот простор.

Помош при движењето низ овој „искривен” простор, обезбедува раздалеченоста на таванот што е во форма на молња и чиј одраз може да се искористи како патека по која се стигнува до другиот дел од книжарницата.

Ана Батева, режисер

Во прво лице

ЉУБОВТА – СПАС НА СВЕТОТ…

  1. ЗА СЕБЕ – борец на долги патеки;
  2. ЗА ЉУБОВТА – полет на духот и спас за светот;
  3. ЗА ЖИВОТОТ – предизвик да се бидеш себе си;
  4. ЗА ТЕАТАРОТ – еден миг на возвишеното; еден миг на реинкарнација; еден миг на воздишка – створение на духовна неопходност, створение заради морална одговорност;
  5. ЗА ДОБРОТО што победува и променува;
  6. ЗА ЗЛОТО кое уништува или „хемороидот“ на денешницата;
  7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ – им простувам, тие не знаат што прават;
  8. – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? – Им благодарам што постојат!
  9. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ доделува убави улоги;
  10. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА или адреналинот што живот значи;
  11. ЗА КОЛЕГИТЕ соборци во битката наречена „Театар“;
  12. ЗА НЕНАПРАВЕНИТЕ ПРЕТСТАВИ или следниот стремеж на мојата имагинација;
  13. ЗА ИДЕЈАТА што те држи жив; причината да постоиш; причината да Си;
  14. ЗА СОНОТ кој го живееш!
  15. ЗА ЈАВЕТО кое инспирира!
  16. ЗА ВИНОТО споделено со семејството..
  17. ЗА СЕМЕЈСТВОТО.. најсигурно прибежиште на моето “Јас“..
  18. ЗА КРАЈ – да се стремиме да бидеме подобри.. заради едно подобро утро, заради еден посветол почеток!

МАЛ ОБРОК ВО ТЕАТАР :)

 

 

Миа Кантарџиева – актерka

Мислев се’ сум видела… се зезнав 🙂 Вечерта се игра “ ЖИВОТ ВО ТЕСНИ ЧЕВЛИ “ , 38ма изведба. Завршува првиот чин. Време е да излезам на сцена. Статирам како камерман во претставата уште од втора година на факултет, и ја обожавам претставата. И така си тече вториот чин, јас внесена во снимањето… кога слушам, нешто ми шушка во публика. Се вртам и гледам во прв ред, веднаш под мојата позиција на сцена, едно младо момче како слатко си јаде пуканки, а до него уште едно пакетче смоки, недај Боже да не му снема… Му се вртам ( нормално, во прикладен момент) и со краток гест го замолувам да престане со активноста… Малиот превртува со очи и почнува полека, уредно да си ја пакува кесата со пуканки (зборувам за онаа поголемата варијанта на кеса со пуканки, па така ја имав таа чест да го слушам како шушка уште цела минута). Тече претставата, јас снимам и си размислувам за “храброста“ на малиот гледач… За неколку минути се вртам, малиот го нема, а мене се’ уште нешто ми шушка… Ми требаше некое време да го лоцирам звукот, бидејќи во исто време, нели, треба и да внимавам на она за што дојдов вечерта…. и ОП! Го здогледувам. Драгото момченце да си се префрлило неколку реда поназад, со цел да не го прекине својот ценет оброк!

Па уште и ме ѕирка дали го гледам, па кога ќе го видам, запира со џвакање. Како на училиште, кога скришно грицкаш на час, и кога професорката ќе те погледне – сопираш. Си викам во себе: Бреееј, инат детееее,кај инат, па и некултурно! После некое време, шушкањето престана. Претпоставувам дека редарите го забележале и го прекинале. На поклон не го видов, а ми остана прашањето во глава: Дали барем ги понудил луѓето околу него со пуканки и смоки?… Се шегувам, секако! Вака “драг“ спомен е жално да не споделам… Не се знае, можеби со овој краток текст, ќе се покрене свеста на младите гледачи, ќе сфатат конечно што е разликата меѓу кино и театар!

А на малечкиот можам само топло да му препорачам: Оди дома, прашај ги родителите што е тоа театар и како треба да се однесуваш кога гледаш претстава. Ако случајно не знаат да ти објаснат, соберете се групно пред компјутер и укуцајте на Википедија “театар“ – се’ ќе ви се разјасни!

 

Петар Милошевски актер

 

Во прво лице

КОЛГИТЕ ГИ ГАЛАМ…

  1. ЗА СЕБЕ: Трагач, сонувач.

2 . ЗА ЉУБОВТА:        Ја има.

  1. ЗА ЖИВОТОТ: Го живеам.
  2. ЗА ТЕАТАРОТ: Го мечтаам.
  3. ЗА ДОБРОТО: Го носам.
  4. ЗА ЗЛОТО: Го чувствувам
  5. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Ги поздравувам.
  6. А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Ги бакнувам.
  7. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: Ја пренебрегнувам.
  8. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Ја дишам.
  9. ЗА КОЛЕГИТЕ: Ги галам.
  10. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Ги одигрувам.

13 . ЗА ИДЕЈАТА:        Ме обзема.

  1. ЗА СОНОТ: Ме прегрнува.
  2. ЗА ЈАВЕТО: Ме сонува.
  3. ЗА ВИНОТО: Ме озарува.
  4. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Ме усреќува
  5. ЗА ЛОНДОН: Се надминуваме.
  6. ЗА КРАЈ: Да се имаме.

 

 

 

Светскиот ден на театарот – еманација на слободата

 

 Кон новата камерната претстава „ Симфонија на паѓањето“ , во продукција на Отворената сцена Театар Чекори

„ Симфонија на паѓањето“ , во Џебното кино, беше можност да се види компактната петчлена театарска екипа на „ Чекори“ , која игра и при тоа знае како да го пласира текстот и песните, а се снаоѓа вешто и со мизансценот на малечката сцена во Џебното кино.

Што е слобода?

Не за кого/каде е речено, туку за кого /каде е печено. Во тој дух, потписникот на редовите што следуваат го избра своето славеничко светилиште за Светскиот ден на театарот, годинава. Ми беше во план , еден друг град, еден друга нова сцена, на која се славеше и се љубеше театарот, но го избрав Театарот Чекори. Зошто? Заради искрениот, ентузијастички, иновативен/ експериментален пристап, што го познаваме од порано, а не го гледаме често на нашите сцените. Во „ Чекори“ се негува толку посветено како да се професионалци , оти љубовта кон театарот и слободата во изразот се нивен заштитен знак.

Што е слобода?

Публиката влегува додека членови на Театарот Чекори ги читаат меѓународната и домашната порака по повод Светкиот ден на театарот . Особено интернационалната порака, која годинава ја упати големата француска, филмска и театарска актерка Изабел Ипер, со својата должина обврзува барем 15 минути читање и слушање. Ако на ова се додаде и пократката, но не помалку изискувачка за читање и слушање, домашна порака, од костимографот, режисер и директорот на НТ Битола, Благој Мицевски, тогаш секој наш гледач кој на 27 Март 2017 беше отишол в театар знае дека речиси половина час од најавениот почеток, претставата не почнала . Е, токму таа слатка нервоза и нестрпливост кај публиката, младите театарски ентузијасти од „ Чекори “ успешно ја заобиколија, давајќи им слобода на своите гледачи , собрани во Џебното кино на Младинскиот културен центар, да изберат што и колку ќе доживеат од пораките, во зависност кој од нив, во која минута доаѓа и дали веќе седнал на столчето или решава од нога да ја следи изведбата поради ограничениот капацитет во Џебното кино. Конечно , така се заштеди секогаш драгоценото време и не се амортизира вниманието на публиката уште на стартот.

Што е слобода?

Да се раскрилиш, да го претставиш творештвото на Данил Иванович Јувачов Хармс, големиот руски детски поет, раскажувач и драматичар- жртва на Сталиновиот режим и еден од предвесниците на европската драма на апсурдот, низ неговиот апсурдистички израз и приказ на светот и векот, отелотворен во песните, расказите и друга кратка проза. Да започнеш со Декларацијата од 1928 година на неговото т.н. Здружение за реална уметност- ОБЕРА У, осудено во 30 тите години на 20 век како реакционерно, зашто делувало наспроти интензивната централизација на тогашната советска култура и оградите што ги наметнал социјалистичкиот реализам во уметноста , а да завршиш со Русија паф ! (паѓа), како силна метафора за падот на вредностите за кои се борел и жртвувал Хармс , но и со коментар за падот на работничка класа денес, заробена во канџите на неолиберализмот и конзумеризмот . Да го прикажеш тоа со доза на партизански бунт, низ театар во театарот на Хармс, кој по примерот на настапите на ОБЕРАУ се доближува до циркусот како форма. Да направиш камерен театар за бесмислата на животот, со многу смисла и со политички и социјално ангажирана порака. Токму такви се претставија потомците на Боре Ангеловски, основачот на Театарот Чекори. По неговата смрт во 2009 година, екипата продолжува да работи, но членството полека се осипува. Матичната сцена во Домот на културата „ Димитар Влахов“ во Автокоманда сега е срушена, зашто се гради нов Центар за култура , па малата, но одбрана екипа во меѓувреме настапува каде што ќе најде. Но, важно е дека опстојува. По премиерната изведба во Салонот 19/19 при КИЦ, во почетокот на Декември 2016, прикажаната прва реприза на „ Симфонија на паѓањето“ , во Џебното кино, за мене беше можност да се види компактната петчлена театарска екипа на „ Чекори“ , која игра и при тоа знае како да го пласира текстот и песните, а се снаоѓа вешто и со мизансценот на малечката сцена во Џебното кино. А, актерите ем високи, ем крупни… Со чиста дикција, со креации и трансформации , какви што налагаше драматизацијата врз творештвото на Хармс и според неа направените физиономии , без преглумување, но со потребниот интензитет во говорот, извиците, криците и без и еден фалш во пеењето , тие прикажаа независен театар кој според високо поставените стандарди за работа и резултат , слободно може да се споредува со професионалниот.

Што е слобода?

Да имаш екипа на која и веруваш, која ја режираш , одбираш за неа костими и музика, правиш сценографија… А, соработката со останатите е неизоставна и сите заедно „ горите “ во име на театарскиот чин. Токму тоа слободарско чувство и одговорност се препознаваат кај Петко Костовски и неговите „ Чекори“. Маја Ѓурчевска, девојка која со особената појавност и актерски талент може да ја посака секој домашен професионален театар. Виктор Петрески , кој не се штеди ни со гласот, ни со телото како инструмент , комичен, но и доволно фарсичен за да ги доживееме жестоко како гледачи, апсурдот, инфантилноста и бесмислата на постоењето, напишани од Хармс. Зорица Стоименовска , со убаво на некласичен начин лице, кое „ плаче“ за да биде поставено пред камера, а во претставата инвентивна во доловувањето на лудоста и детската невиност во светот на Хармс. Кирил Наумоски, момчето за се : игра, дофрла реплики како суфлер, свири на усна хармоника, пее со останатите, пушта музика од компјутер, а ги изработил и реквизитите . И Петко Костовски , произлезен од шеширот на Боре Ангеловски . Тој ја понесува тежината на творечкиот чин зашто ја режира , а во исто време и игра во претставата „ Симфонија на паѓањето“. И тоа го прави без задршка, предавајќи се исцело, но и оставајќи простор за неговите соборци да се покажат.

Што е слобода?

Публиката се предава на творечкиот чин и реагира спонтано на слатко –горчливиот хумот. На крајот долго ракоплеска и никој не си оди од сопчето на Џебното кино, иако по скоро час и половина изведба, нема доволно кислород во просторот . Театарот Чекори ја отсвири својата „ Симфонија на паѓањето“. Но не падна, напротив, успешно се држи на нозе и се вивнува во нови театарски височини. Само напред момци и девојки! Светскиот ден на театарот не можеше да биде посвечен и послободарски интониран со вашата симфонија. А, вашата изведба , уште еден показ за театарот како вечен извор и трагање по слободата. Таа, толку насушно потребна слобода за нас , денес.

Сотир Трајков