Монокл – Војдан Чернодрински

 

проф.д-р Христо Петрески

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

Војдан Чернодрински во својот драмски текст “Македонска емиграција“, меѓу другото, вели: “Вистина е дека Младата македонска дружина не е за доверба… Нејзините членови никому не му се познати ни како дејци по македонските работи, нити пак како граѓани на Бугарија. И јас сум член, но право да речам, ич не ми се оди таму на состанок. Пак  особено во последно време, какви луѓе се примени за членови… Остави се! Фурнаџии, алваџии, бозаџии, мајстори… и какви уште не… Собрани кој од јаже, кој од колец… Не знаат зошто креваат рака, а зошто не… Пак ќе стане некој да зборува… Да умреш од смеа… Кога ќе зареди… море ова, море она, вака, така и не знаеш што уште! И некои од нашите студенти се смеат, други наведнале глави од срам, а трети пак зјапаат во нивните усти и ги слушаат како да им се професори…!

Да… Пак претседателот што е… Остај се… Редактор на весник е, но пази боже… Неписмен дури до таму! Да, убава е, убава е таа идеја на г-дата да се организира здружение од повлијателни лица… а не… И верувам новите членови ќе бидат богаташи, големи трговци, чиновници, учители, офицери… Ќе влезат шефовите на сите политички партии… така, тоа здружение ќе биде едно од најпопуларните. Јас задолжително ќе отидам, дотолку повеќе дека таму ќе се запознаам со повидни лица… Ќе отидам… А?! Ами што ќе стане со кружокот?!“ Зарежи го, запусти го! Јас можеби жалам дека малку повеќе разбирам, но кога повеќето од студентите се такви… Глупости!! Сме се собрале да правиме кружок чии членови ќе се зафатат со агитација… За ослободувањето на татковината! Но кога започнавме, цел еден состанок од 5-6 часа не ни стигна да го определиме изворното значење на зборот агитатор. Едни носат француски, други германски, трети англиски речници за да го побараат и најдат правилното значење на зборот  а г и т а т о р. Кружок… Е, што ми треба мене кружок! Ем сигурно за претседател ќе ме изберат. Па и клетва дадовме… Не знам во што сî се колневме…“

И така натаму, и така натаму, жестоки факти, забележувања и коментари. Како автентични историски сведоштва – тие се докази за еден изминат револуционерен пат, за свеста и совеста на Македонците во миграција, за здружувањата и здруженијата, за конкуренцијата, кариеризмот и нетрпеливоста, за личните интереси, борбата за власт, дискредитирањето на другите собраќа и слично.

Војдан Чернодрински е вистински и солиден хроничар на своето време, со релјефен израз на особините и карактерите на главните и најкарактерстични драмски протагонисти, а неговиот писателски ангажман не само што е евидентен, туку е мошне значаен и неменлив, провокативен, драгоцен и сî уште актуелен!