Кон премиерата на камерната претстава „ Копање “, во продукција на Македонскиот народен театар, во режија на Франц фон Штролхен
И токму кога Ивица ќе ја изговори вистинската причина за изроденото непријателство меѓу саканите пријатели, за нивното разединување долги години, се руши се.
Во пролетната понуда премиери во МНТ, од неодамна се наоѓа и текстот „ Копање“ , од австрискиот драмски автор , со хамбуршка адреса, Кристијан Винклер. За нашата театарска јавност релативно непознат, а за потписникот на овие редови познаник од пред две години, со претставата „ Фиктивна состојба“, која низ современ, мултимедијален израз, ги толкува настаните кај нас, од 2001 година , потенцирајќи го клубскиот живот како можна точка на обединување меѓу двете спротивставени страни (идентитети), во конфликтот. По премиерата во Хамбург, претставата се одигра кај нас, во МКЦ, а во неа меѓу другите актери, учествуваше Ивица Димитријевиќ, кој настапува и во новата претстава на МНТ, „ Копање“. И таа се занимава со прашањето на идентитетот на современиот човек, но низ поинаква приказна и израз, но со ист пристап на актерите кон креирањето на ликовите како во „ Фиктивна состојба“.
„ Копање “ ја режира Франц фон Штролхен , што е всушност уметнички псевдоним, под кој се крие авторот Кристијан Винклер кога самостојно ги поставува своите текстови. Накусо, тој е етаблиран и наградуван театарски уметник во Австрија и Германија , кој негува современа поетика и општествено ангажиран пристап.
Текстот „ Копање“ , а и претставата, се изградени целини од три дела, низ кои се раскажува приказна за двајца пријатели кои по шеснаесет години, повторно се среќаваат во родното село. Тој што доаѓа од градот, со себе за лична сигурност носи уште еден пријател, зашто постои недоверба и доза на нетрпеливост меѓу старите пријатели и покрај потребата одново да се сретнат. Накусо, претставата го тематизира прашањето за пријателствувањето денес во актуелниот социо- политички контекст .
Прв дел : Воведување
Претставата се игра на малата сцена. И не само на сцената, туку и во салонот, каде актерите , седат , стојат и играат меѓу публиката, пред камери, кои дејствието го пренесуваат во живо на сцената, врз насликаната реплика на Александровиот мозаик од локалитетот Помпеја во Италија, на кој е прикажан судир на војската на Александар Македонски со Персијците, предводени од Дариус Трети. На репликата што ја направија ученици од Средното уметничко училиште „ Лазар Личеноски“, претставено е и афтентичното оштетување на дел од мозаикот од вулканска лава, со која бил прекриен тој при ерупција на вулканот, пред 2 000 години. За ова сценографско решение беше задолжен Андреа Коци. Тој е дел од интернационалната авторска екипата на претставата , која Кристијан Винклер ја донесе со себе во МНТ. На ниво на фабула, првиот дел е само приближување на завојуваните страни по многу време. Актерите , Гораст Цветковски, Ивица Димитријевиќ и Александар Ѓорѓиески ги користат сопствените имиња за имиња на улогите, иако во оригиналниот текст, ликовите имаат германски имиња. Таквото обраќање на самиот почеток го навестува играно-документаристичкиот клуч , во кој е решен театарскиот чин, кој со тоа добива поголема интимност и исповедност со публиката. Сето прикажано, според режисерското барање на Винклер, актерите го играат на тенката линија меѓу вистината и лагата, меѓу себе си како ликови и како личности од реалниот живот, делувајќи натуралистички. Со филмски дискурс, на ( микро )игра пред камера, пренесена низ крупни планови на актерите и нивните лица на сликата на Александровиот мозаик, на сцената. Добар почеток, би се рекло.
Втор дел: Спогодување
Двајцата се договараат да играат фудбал на мали голови. За заповедите на изричитиот Гораст и задуманиот Ивица, извршител е Алек. Тој е и кочничар и оној што ја откочува нивната комуникација. Овој дел се игра подинамично од првиот. Се темели на аудитивниот израз, еден вид радиски пренос. Фудбалот се игра и коментира на еден микрофон, ликовите/актерите се физички поблиску еден до друг, а има и искричења меѓу нив . Се игра и говори текст со слушалки на ушите, пред микрофон . Позадината е прилично пригушена. Мозаикот речиси и да не се гледа. Во овој дел започнува комплетното визуелното доживување на претставата, на кое работеше Стефано Коци, како уште еден член од тимот на Винклер. Натуралистичката игра меѓу Ивица и Гораст во еден момент се претвора во потивок приватен говор, но и тоа е дел од концептот на режисерот Штролхен. Исчекување што ќе каже секој од нив, драмски паузи, игра како по Станиславски, игра природна како во животот. Исчекување , што следува понатаму ?
Трет дел: Ископување
Копање . И реално копање земја ( за бунар, според текстот) и симболично, по душите на старите пријатели. Мачно, тешко, но започна и трае. Алек дефинитивно е тој што овдека ја откочува комуникацијата меѓу Гораст и Ивица. Дознаваме дека тој бара работа овде во селото зашто нема, а работел на проектот СК 2014 и дишел фосфор при поставувањето на стиропорните фасади. Сите тројца овдека вложуваат физичка сила, копајќи земја , (во парче од сликата со мозаикот). Вдишаната прашина од земјата што се копа од отворената двослојна дупка на сцената, органски не поврзува со чинот. Моќни сцени кога животот и театарот сраснуваат во едно. По едно наговестување во првиот дел , оживува уште една асоцијација која не тера да замислиме дека Ивица и Гораст како ликови можеби биле и нешто повеќе од обични пријатели во минатото, а потоа нешто се случило. Но што? И зошто долго не комуницирале ? Тензијата и понатаму расте .
И токму кога Ивица ќе ја каже вистинската причина за изроденото непријателство меѓу саканите пријатели, за нивното разединување долги години, се руши се. Сета успешно изградена тензија во 1 час и скоро 20 минути, губи смисла. Или можеби на авторот на овие редови таа му изгледа прилично наивна и бесмислена, во споредба со жестокоста на темите што ги носи денешницата, сега, овде, а и надвор? Но, од друга стара, како да се разбере ваквиот исход во наративна смисла, кога авторот Кристијан Винклер најави дека на мета ниво претставата се занимава со поделеноста на светот денес меѓу левата и десната опција, алудирајќи и на нашите поделби како граѓани во комплетно партизираното општество? Најави ангажиран театар, а претставата за „пукањето и на едно пријателство“ прикажува една, од денешен аспект многу бенигна, прозаична, романтична и старомодна причина. Не дека тоа денес не постои и не се случува меѓу луѓето. Но, тоа влегува во редот на совладувањето на детските болести во љубовта и не е доволно уверливо како базичен проблем за развивање на најавениот поширок ангажиран контекст на макро план, во претставата. А , за што се работи? Кој ќе оди , ќе види! Но крајниот резултат е амбициозна претстава која пред да блесне во полн сјај на крајот, ја губи својата смисла.
Да не се разбереме погрешно. Претставата има и пристоен текст и порака за идентитетот и припадноста денес. Таа има солидно обмислена и направена режија од Штролхен и музика од Горан Трајкоски . Добри и чесно креирани улоги во зададениот клуч, од Цветковски , Димитријевиќ и Ѓорѓиески. И драмска атмосфера што држи. Но има еден проблем. Неуверливата причина за главниот конфликт меѓу ликовите, за што е одговорен Кристијан Винклер.
Сотир Трајков