Во прво лице
Колегите- спектар од најинтензивни бои!
- ЗА СЕБЕ: Сè повеќе и повеќе се обидувам да стигнам до себе. Рационално, но не ретко и интуитивно. Тоа е силна врска. И често успева.
- ЗА ЉУБОВТА: Умешноста е: после искрата, да се задржи пламенот.
- ЗА ЖИВОТОТ: Колку поинтензивно го живееш, толку повеќе си живеел. Ја имам среќата да живеам во село, во тесна врска со природата, па со тоа и шансата многу одблизу да го набљудувам (и партиципирам во) создавањето на божественоста на животот во сите можни форми кои ми се на дофат на сетилата и можностите.
- ЗА ТЕАТАРОТ: Една од најпотентните уметности. Вреди да се биде таму. Ама, исто така и вреди да има кој да те изменаџира добро. За жал, скоро сите театри во Македонија сме ампутирани од тоа наше право!
- ЗА ДОБРОТО: Постои! Го видов вчера во целото битие на еден старец. Купив овошки-садници од него. Убаво ми дојде.
- ЗА ЗЛОТО: За жал, и тоа постои. Дури пред неколку години сфатив што значеше она што нѝ го кажа професорот: „Хамлет мисли (и чувствува) дека светот е исчашен, излезен од своите зглобови.“. Скоро секој ден се обидувам (не само сам, се разбира) малку по малку да го наместам.
- ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Каде се?!
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? – Тука се! За моја голема среќа. Тие се голем дел од моето интензивно живеење.
- ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: (Иако во песната е во друг контекст, сепак:) „You can fool some people sometimes, but you can’t fool all the people all the time.“ – Bob Marley (& Peter Tosh).
- ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Посакувам да ја снема! И наместо неа да има сценска тишина, за да може да се чујат оние што го вложуваат своето битие на сцена, за с а м о еден аплауз.
- ЗА КОЛЕГИТЕ: Спектар од најинтензивни бои! Доста често се валидно мерило за завршената работа. Најбитните соиграчи на сцена. Но, и во кафана. J
- ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Сè уште не сум ги запознал. Се надевам дека еден ден најинтимно ќе ги запознаам.
- ЗА ИДЕЈАТА: Многу е битно да се биде у п о р е н до реализација!
- ЗА СОНОТ: Треба да е мирен. А соништата… е тоа е веќе нешто друго.
- ЗА ЈАВЕТО: Освен тоа што работам најразлични работи, во јавето често с о н у в а м.
- ЗА ВИНОТО: Ако испиеш доволно, освен вистината, во него ќе ја запознаеш и лагата.
- ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Највистинското и најкомплетното среќно патување низ животот. Пополнувач на празнината. Извор на убавини. Љубов.
- ЗА КРАЈ: Силно посакувам нашите потомци да живеат во склад со природата! И човечкиот род (кој би требало да е во својот зенит на совеста и свеста) да престане со теророт врз себе си и врз другите суштества на планетава. Само на тој начин би го избегнале крајот.