Кон премиерата на претставата „ Девојката и смртта“ , во продукција на независниот Вондерленд театар
*Претставата е вонвременско воспевање на моќта на актерите, во обидот преку сцената да делуваат на создавањето поубав , помирен и поправеден свет за сите нас.
Диктаторските режими оставаат трајни последици врз човечките животи. Ова е пораката на претставата „ Девојката и смртта“, која според драмата „ Смртта и девојката“ , од аргениско- чилеанско- американскиот романсиер, драматичар и активист за човекови права, Владимиро Ариел Дорфман, ја постави режисерот Васил Христов. Премиерата се одржа на 4 Април 2017 , во едно од студијата на независната ТВ 21.
Претставата ја прикажува дијалектиката во односот џелат- жртва, низ приказната за реваншот на една жена, која во минатото поради несогласувањата со диктаторскиот режим во земјата , била брутално мачена со електро шокови, силувана и изложувана на различни други тортури во истражен затвор, додека во позадина се пуштала тестаменталната композиција на Франц Шуберт „ Смртта и девојката“, напишана за гудачки квартет ( бр.14 во Де-мол), 1824 година. Оние што го гледале истоимениот филм на Роман Полански од 1994 година, каде Дорфман е косценарист, со Сигурни Вивер, Бен Кингсли и Стјуарт Вилсон, знаат за што пишувам. А, останатите кои не знаат, нека повелат , да ја погледнат претставата, зашто навистина има што да се види.
Големо достигнување за македонскиот театар, со што воедно се оправдува и смислата на неговото постоење денес, е можноста овој текст, кој прозвучува исклучително актуелно во нашата стварност, да биде поставен. Режисерот Васил Христов, концептот го темели на камерен формат, базиран на текстот на Дорфман, напишан за три актерски креации. Тој ја постави публиката на столчиња, наредени ритуално во круг. На нив од време,- на време седнуваат и актерите, па гледачите лесно ја препознаваат алузијата за потребата од идентификација со жртвата или со џелатот. Друг моќен симбол се голите сијалици , распоредени и спуштени над замислената сцена. Нивната знаковност со употребата на посилна и послаба моќност во текот на изведбата, е во функција на симболиката на страдањата на поединците кои биле грубо испрашувани и малтретирани по затворите во диктаторските системи. Но, семиотиката не завршува овдека. Симболичен е и самиот мрак во кој актерите ќе потонат сосе публиката, при крајот на изведбата, додека под закана за неговиот живот, џелатот го признава сторениот грев и се покајува. Режијата и отстапува голем простор на музиката. Таа речиси и да не запира во текот на претставата. Можеби замислата била Шубертовото дело „ Смртта и девојката“ да биде уште еден актер во претставата. Но, тоа се покажа непродуктивно. Зашто , ако на мачнината која произлегува од ситуациите во текстот, се додадат одиграните мрачни емоции на тројцата карактери, па уште и предсмртната композиција на Шуберт ( или друга музика) без пауза, впечатокот е дека атмосферата непотребно се гуши и станува еднолична- праволиниска, без било какви контрасти на страдањата. А рака на срце, маестралниот текст на Дорфман нуди и такви моменти зашто не го исклучува ни хуморот од своите редови. Тој беше пласиран низ говорот, но не доволно разработен.
„ Девојката и смртта“ уште еднаш го покажа вонсерискиот талент на актерката Ирена Ристиќ. Потписникот на овие редови, кој ретко што не гледал од нејзините претстави, искрено се мислеше пред почетокот на премиерната изведба, што може ново да понуди Ристиќ овде, кога на слична тема, во претставата „ Жената како бојно поле“ , во режија на Владлен Александров, таа исцрта и прикажа многу точна креација на жена –жртва на граѓанската војна во поранешната заедница. Но не, Ирена Ристиќ и овдека беше инвентивна, сугестивна и со мерка ја долови менталната и физичка болка на поранешната затвореничка. Нејзината игра беше пример за органско сплотување со мотивите на карактерот. Ритамот на говорот, експресијата на лицето, држењето на телото и гестовите , беа одраз на студиозно обмислена и градена нова улога, од почеток до крај. И на тој начин, таа беше супериорна.
Улогата на Сопругот на жртвата на поранешниот систем, со амбиции да стане министер за правда и со прифатена функција од новиот премиер, да биде претседател на комисијата за испитување на злоделата на диктатурата, му е доверена на Зоран Љутков. Тој исто така покажа квалитетна, слоевита креација, втемелена на најдлабоките чувства на еден маж кон една жена. Доминантни емоции кои се читаа на неговото лице беа тагата, страдењето, сочувството за саканата, но и потребата да се открие вистината и да излезе правдата на виделина. Во партнерската игра со Ристиќ, Љутков ја покажа другата страна на скршеното огледало што се обидува од ново да се состави. Таа интенција актерот ја прикажа прецизно и вешто.
Но, суперлативите од погоре, не важат за Игор Ангелов, кој го толкуваше Докторот- лекарот или џелатот на жената во затворот. Ангелов имаше простор, согласно текстот, да не заведе, да не излаже, да се посомневаме макар за миг дека можеби тој не бил мачителот, дека можеби жената навистина е душевно растроена и во неговото лице и телесни мириси по грешка го открива својот џелат. Тоа, за жал, не се случи. Ангелов стартуваше уверливо, но во текот на изведбата неговата креација на занесеник по Шубертовата музика кој завршува како свиреп иследник во женски затвор, што се обидува да се спаси од раката на правдата во новонастанатите околности, изгуби и на сила и на уверливост. А, толку повеќе и подобро можеше да направи и покаже.
И покрај забелешките, „ Девојката и смртта“ е легитимен политички ангажиран театар што ги антиципира ситуациите и животите на луѓето- жртви на недемократските општествени поредоци. Како за ука и поука на нашиот партизиран и поделен народ, можеби треба да се размислува , претставата да се игра и на отворен простор , како протест и коментар на случувањата кај нас во изминатата декада и за тоа што допрва ни претстои. Па, дури и да не се гледа од тој агол- локално, претставата е вонвременско воспевање на моќта на актерите, во обидот преку сцената да делуваат на создавањето поубав , помирен и поправеден свет за сите нас. Како костимограф кој понуди современи решенија, беше ангажирана Роза Ред Рот, продуцент е Горан Ацевски, а дизајнот на плакатот го направи Филип Унковски.
Сотир Трајков