проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
Темел на Македонскиот театар
Сето тоа придонесува и претставува зачеток и темел и на основањето на Македонскиот народен театар кој, всушност, е надоврзување не само на почетните традиции, чии темели ги постави луцидниот велешанец Јордан Хаџи Константинов-Џинот уште во средината на 19 век, не само на театарските дострели на Војдан Чернодрински и на неколкумина познати драмски автори, кои дејствуваа сî до почетокот на Втората светска војна, туку и на сејачите на никулците на националната театарска дејност во текот на антифашистичката војна, а посебно со дејноста на партизанската културно-уметничка група “Кочо Рацин”, што е основана во летото 1944 година.
За улогата и значењето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, посебно за неговиот единствен и незаменлив придонес на планот на театарската уметност , можеби најилустративно говори изјавата на истакнатиот драмски писател Васил Иљоски дадена на критичарот Иван Ивановски (од разговорот објавен во списанието “Современост“, бр. 5, 1976 година): “На првото мое по малку конвенционално прашање за тоа кога ја почувствувал љубовта кон драмската реч, што го поттикнало и што било пресудно да му се посвети на еден од најсложените и најспецифични родови – драмската литература, Иљоски ќе се задржи на три фактори, на три пункта: детските игри, склоноста во она што влегува во комплексот на драма, барајќи ја неа во црковната служба и театарскиот аматеризам. Притоа, авторот на “Бегалка” и “Чорбаџи Теодос” не забораваше да го потсети читателот дека првото театарско доживување што го имал во животот му го должи на училишниот театар на Јордан Хаџи Константинов – Џинот што според неговото мислење, е “прва фаза во новата историја на нашиот театар”!