Светскиот ден на театарот – еманација на слободата

 

 Кон новата камерната претстава „ Симфонија на паѓањето“ , во продукција на Отворената сцена Театар Чекори

„ Симфонија на паѓањето“ , во Џебното кино, беше можност да се види компактната петчлена театарска екипа на „ Чекори“ , која игра и при тоа знае како да го пласира текстот и песните, а се снаоѓа вешто и со мизансценот на малечката сцена во Џебното кино.

Што е слобода?

Не за кого/каде е речено, туку за кого /каде е печено. Во тој дух, потписникот на редовите што следуваат го избра своето славеничко светилиште за Светскиот ден на театарот, годинава. Ми беше во план , еден друг град, еден друга нова сцена, на која се славеше и се љубеше театарот, но го избрав Театарот Чекори. Зошто? Заради искрениот, ентузијастички, иновативен/ експериментален пристап, што го познаваме од порано, а не го гледаме често на нашите сцените. Во „ Чекори“ се негува толку посветено како да се професионалци , оти љубовта кон театарот и слободата во изразот се нивен заштитен знак.

Што е слобода?

Публиката влегува додека членови на Театарот Чекори ги читаат меѓународната и домашната порака по повод Светкиот ден на театарот . Особено интернационалната порака, која годинава ја упати големата француска, филмска и театарска актерка Изабел Ипер, со својата должина обврзува барем 15 минути читање и слушање. Ако на ова се додаде и пократката, но не помалку изискувачка за читање и слушање, домашна порака, од костимографот, режисер и директорот на НТ Битола, Благој Мицевски, тогаш секој наш гледач кој на 27 Март 2017 беше отишол в театар знае дека речиси половина час од најавениот почеток, претставата не почнала . Е, токму таа слатка нервоза и нестрпливост кај публиката, младите театарски ентузијасти од „ Чекори “ успешно ја заобиколија, давајќи им слобода на своите гледачи , собрани во Џебното кино на Младинскиот културен центар, да изберат што и колку ќе доживеат од пораките, во зависност кој од нив, во која минута доаѓа и дали веќе седнал на столчето или решава од нога да ја следи изведбата поради ограничениот капацитет во Џебното кино. Конечно , така се заштеди секогаш драгоценото време и не се амортизира вниманието на публиката уште на стартот.

Што е слобода?

Да се раскрилиш, да го претставиш творештвото на Данил Иванович Јувачов Хармс, големиот руски детски поет, раскажувач и драматичар- жртва на Сталиновиот режим и еден од предвесниците на европската драма на апсурдот, низ неговиот апсурдистички израз и приказ на светот и векот, отелотворен во песните, расказите и друга кратка проза. Да започнеш со Декларацијата од 1928 година на неговото т.н. Здружение за реална уметност- ОБЕРА У, осудено во 30 тите години на 20 век како реакционерно, зашто делувало наспроти интензивната централизација на тогашната советска култура и оградите што ги наметнал социјалистичкиот реализам во уметноста , а да завршиш со Русија паф ! (паѓа), како силна метафора за падот на вредностите за кои се борел и жртвувал Хармс , но и со коментар за падот на работничка класа денес, заробена во канџите на неолиберализмот и конзумеризмот . Да го прикажеш тоа со доза на партизански бунт, низ театар во театарот на Хармс, кој по примерот на настапите на ОБЕРАУ се доближува до циркусот како форма. Да направиш камерен театар за бесмислата на животот, со многу смисла и со политички и социјално ангажирана порака. Токму такви се претставија потомците на Боре Ангеловски, основачот на Театарот Чекори. По неговата смрт во 2009 година, екипата продолжува да работи, но членството полека се осипува. Матичната сцена во Домот на културата „ Димитар Влахов“ во Автокоманда сега е срушена, зашто се гради нов Центар за култура , па малата, но одбрана екипа во меѓувреме настапува каде што ќе најде. Но, важно е дека опстојува. По премиерната изведба во Салонот 19/19 при КИЦ, во почетокот на Декември 2016, прикажаната прва реприза на „ Симфонија на паѓањето“ , во Џебното кино, за мене беше можност да се види компактната петчлена театарска екипа на „ Чекори“ , која игра и при тоа знае како да го пласира текстот и песните, а се снаоѓа вешто и со мизансценот на малечката сцена во Џебното кино. А, актерите ем високи, ем крупни… Со чиста дикција, со креации и трансформации , какви што налагаше драматизацијата врз творештвото на Хармс и според неа направените физиономии , без преглумување, но со потребниот интензитет во говорот, извиците, криците и без и еден фалш во пеењето , тие прикажаа независен театар кој според високо поставените стандарди за работа и резултат , слободно може да се споредува со професионалниот.

Што е слобода?

Да имаш екипа на која и веруваш, која ја режираш , одбираш за неа костими и музика, правиш сценографија… А, соработката со останатите е неизоставна и сите заедно „ горите “ во име на театарскиот чин. Токму тоа слободарско чувство и одговорност се препознаваат кај Петко Костовски и неговите „ Чекори“. Маја Ѓурчевска, девојка која со особената појавност и актерски талент може да ја посака секој домашен професионален театар. Виктор Петрески , кој не се штеди ни со гласот, ни со телото како инструмент , комичен, но и доволно фарсичен за да ги доживееме жестоко како гледачи, апсурдот, инфантилноста и бесмислата на постоењето, напишани од Хармс. Зорица Стоименовска , со убаво на некласичен начин лице, кое „ плаче“ за да биде поставено пред камера, а во претставата инвентивна во доловувањето на лудоста и детската невиност во светот на Хармс. Кирил Наумоски, момчето за се : игра, дофрла реплики како суфлер, свири на усна хармоника, пее со останатите, пушта музика од компјутер, а ги изработил и реквизитите . И Петко Костовски , произлезен од шеширот на Боре Ангеловски . Тој ја понесува тежината на творечкиот чин зашто ја режира , а во исто време и игра во претставата „ Симфонија на паѓањето“. И тоа го прави без задршка, предавајќи се исцело, но и оставајќи простор за неговите соборци да се покажат.

Што е слобода?

Публиката се предава на творечкиот чин и реагира спонтано на слатко –горчливиот хумот. На крајот долго ракоплеска и никој не си оди од сопчето на Џебното кино, иако по скоро час и половина изведба, нема доволно кислород во просторот . Театарот Чекори ја отсвири својата „ Симфонија на паѓањето“. Но не падна, напротив, успешно се држи на нозе и се вивнува во нови театарски височини. Само напред момци и девојки! Светскиот ден на театарот не можеше да биде посвечен и послободарски интониран со вашата симфонија. А, вашата изведба , уште еден показ за театарот како вечен извор и трагање по слободата. Таа, толку насушно потребна слобода за нас , денес.

Сотир Трајков