Миа Кантарџиева – актерka
Мислев се’ сум видела… се зезнав 🙂 Вечерта се игра “ ЖИВОТ ВО ТЕСНИ ЧЕВЛИ “ , 38ма изведба. Завршува првиот чин. Време е да излезам на сцена. Статирам како камерман во претставата уште од втора година на факултет, и ја обожавам претставата. И така си тече вториот чин, јас внесена во снимањето… кога слушам, нешто ми шушка во публика. Се вртам и гледам во прв ред, веднаш под мојата позиција на сцена, едно младо момче како слатко си јаде пуканки, а до него уште едно пакетче смоки, недај Боже да не му снема… Му се вртам ( нормално, во прикладен момент) и со краток гест го замолувам да престане со активноста… Малиот превртува со очи и почнува полека, уредно да си ја пакува кесата со пуканки (зборувам за онаа поголемата варијанта на кеса со пуканки, па така ја имав таа чест да го слушам како шушка уште цела минута). Тече претставата, јас снимам и си размислувам за “храброста“ на малиот гледач… За неколку минути се вртам, малиот го нема, а мене се’ уште нешто ми шушка… Ми требаше некое време да го лоцирам звукот, бидејќи во исто време, нели, треба и да внимавам на она за што дојдов вечерта…. и ОП! Го здогледувам. Драгото момченце да си се префрлило неколку реда поназад, со цел да не го прекине својот ценет оброк!
Па уште и ме ѕирка дали го гледам, па кога ќе го видам, запира со џвакање. Како на училиште, кога скришно грицкаш на час, и кога професорката ќе те погледне – сопираш. Си викам во себе: Бреееј, инат детееее,кај инат, па и некултурно! После некое време, шушкањето престана. Претпоставувам дека редарите го забележале и го прекинале. На поклон не го видов, а ми остана прашањето во глава: Дали барем ги понудил луѓето околу него со пуканки и смоки?… Се шегувам, секако! Вака “драг“ спомен е жално да не споделам… Не се знае, можеби со овој краток текст, ќе се покрене свеста на младите гледачи, ќе сфатат конечно што е разликата меѓу кино и театар!
А на малечкиот можам само топло да му препорачам: Оди дома, прашај ги родителите што е тоа театар и како треба да се однесуваш кога гледаш претстава. Ако случајно не знаат да ти објаснат, соберете се групно пред компјутер и укуцајте на Википедија “театар“ – се’ ќе ви се разјасни!