Тихомир Стојановски
- КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ
Ако театарот, говорниот театар започнал со словата на Бога (како чин на елитност) и преку нив се облагодарувале сценските дејства, тогаш и самата сцена и актерите и гледачите (чин на масовност) би требало да бидат дел од таа боженственост, односно на сцената í ја дават првичната и древна состојба на свето место. Со тоа се одредува еден начин на однесување кон зборот во театарот, кон запишаниот и изговорениот збор низ сценските дејства на театарот. Да не заборавиме дека театарските претстави во антиката започнувале со обраќање кон Бога. Му се играле на Бога. Му се дарувале нему. И тоа е една од почетните коти на театарот. На обредниот театар. На посветениот елитен театар. Да не ги заборавиме култовите од времето на матријархатот за Големата Мајка откриени на македонската почва во Говрлево, и Тумба Маџари (7000 г. п.н.е.), во Скопско како и во пелагонискиот регион, како и мегалитската опсерваторија Кокино (2000 г. п.н.е. во Кумановско) како култно место кон Сонцето како неолитски ранотеатарски форми на обредност и посветеност. Тие сведочат за култови, обреди, религиско-верски дејанија како прапочеток на театарот на македонско тло, сведочат за организириран духовен живот на македонсково тло. Тие сведочат за религиската основа на театарот, за неговата линија од Боженствената посветеност (елитност) и обожувањето и славењето на Бога на слави и празници од целиот народ (како мсаовност).
На пример, на почетокот во епот “Илијада” на Хомер ги имаме стиховите (напишан по некои извори 1200 до 1500 г. п.н.е. по некој 800 г. п.н.е.):
“Гневот о Божице пеј го на Ахила синот Пелеев, кобниот гнев што им задал на Ајхајците безбројни болки силни во ад испраќајќи многубројни јуначки души, а пак труповите нивни правејќи ги пленој на псите и на јастребите сите…”13.
И нели во само неколку реда од епот на Хомер имаме цела низа од причини и последици, некаков гнев на Ахила, болки на Ахајците, адска судбина на многумина. Гибел и смрт, трупови кои се храна на псите и јастребите и се разбира имаме пеење и обраќање кон Бога. Пеење. Да се пее. Да се биде пеан. Опеан. Згуснато време од неколку реда стихови кои искажуваат многу дејственост како во театарот.