проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
Прегледувајќи ги и/или реконструирајќи остатоците од библиотеката на Јордан Хаџи Константинов Џинот, професорот Харалампие Поленаковиќ евидентирал неколку потенцијални/хипотетички “урнеци“ со кои – можеби – посакувала да се споредува и првата овдешна театарска практика: третиот том на делата на Стерија (издание од 1853, со “Ајдуци“ и “Женачка и мажачка“), текстот на квазиисториската мелодрама “Воислав краљ сербскиј“ на земунскиот учител-просветител Василије Јовановиќ (издание од 1851), најпосле и четвртата книга од обемното и некогаш мошне популарно издание на “Забаве за срце и разум“ (Будим, 1836) во кое што – меѓу другите посрби – е отпечатена и мелодрамата на неизбежниот Коцебу “Загубеното дете“ (Поленаковиќ, 1987:164). Европската театарска мелодрамска мода стасува, еве, и до отпатните (да не кажеме провинцијални) балкански дестинации.
Европската театарска мода дефинитивно стасува и до македонската почва во 1874. И тоа – најпрвин – во Велес, во училиштето Вакув, во месноста Прцорек крај Вардар.
Аматерска театарска трупа, составена од локалните даскали, пред некои 130 години – на 25 декември 1874 – ќе ја изигра својата прва претстава. Сочувани се насловот на пиесата и името на авторот: “Пропаднат трговец или смртна жртва“ од оној ист Крсто Пишурка, кој осумнаесет години порано во Лом ја поставил “Многустрадална Геновева“.
Токму оваа “Геновева“ – одиграна во Велес во јануари 1875 како втора продукција на амбициозните локални даскали – ќе биде причина за првиот вистински театарски скандал забележен во овие краишта. Херо го предизвикала извесна Тенка А. Коларова, учителка, која се осмелила да ја одигра мелодрамската протагонистка – Геновева, лично. Локалниот весник “Напредок“ – број 44 од 31 мај 1874 – јавно ќе ја предупреди дека на една чесна мома, згора на тоа и учителка, не и’ личи да се занимава со сојтарии (моралните конотации се подразбираат, макар што не се директно искажани!), ама храбрата Тенка А. Коларова ќе продолжи да ја игра својата ролја и во следната сезона. Макар што – потоа – за жал, сосема исчезнува и од скандалозните хроники, и од македонската и балканска театарската сцена, оваа куражна млада дама македонската театрологија ја смета за прва македонска актерка“.