Кон премиерата на претставата „ Авантурите на Аладин“ на големата сцена на МНТ
Според прикажаното во оваа бајка, таа е легитимен театарски чин, колку за деца, толку и за возрасни.
На 22 Март, на големата сцена на МНТ, се одржа премиерата на детската претставата „ Авантурите на Аладин“. Според приказните за Аладин, од збирката „ Илјада и една ноќ“, чии творби настанале меѓу 9 и 14 век, адаптацијата ( драматизацијата) и режијата ги направи Бојан Трифуновски. Неговиот концепт на ниво на нарација се разликува од оригиналните приказни за Аладин, но останува пораката дека љубовта, добрината и истрајноста победуваат, наспроти злобата и алчноста за материјални вредности и висок општествен статус.
Адаптираните приказни за Аладин , ја прикажуваат љубовта меѓу сиромашниот син на перачката и ќерката на императорот , Џасмин, уште од мали нозе. За таа љубов да биде крунисана со брак, Аладин мора да стане принц зашто императорот не ја дава ќерка си за сиромашни. Од тие причини , за да заработи пари и слава, Аладин се впушта во авантури. Ја прифаќа поканата на лошиот Абаназер Велики , (во оригиналното дело е Великиот везир Јафар), да ја извади од мрачната пештера волшебната ламба , за што ќе биде богато награден. Но, по таа случка, кога Аладин се враќа променет, благодарение на магијата на добриот дух од ламбата, Абаназер ќе се обиде да ја украде ламбата. Но, на среќата на Аладин и Џасмин работат и Робинката од прстенот, со магија и нејзиниот сакан, принцот Леополд. Тие на момчето му подаруваат килим што лета за да си ја спаси идната сопруга. Ова е накратко сижето на првата детска претставата , поставена на големата сцена во новиот објект на МНТ.
Сижето е подредено на класичната драмска структура, со почеток, средина и крај. Така дејствието е погодно за разбирање од страна на децата. Авторот на овие редови имаше можност во тоа лично да се увери на предпремиерната изведба, на која имаше деца од предучилишна и училишна возраст. Нивните реакции пријатно изненадија и беа доказ дека Трифуновски успешно си ја завршил работата. А, кон целоклупното доживување на младата публика, влијаеше и употребата на адаптирани сонгови на светски поп и рок хитови , хуморот, афтентичните костими и сценографија што ја доловија убавината на источната традиција и култура од приказната . Но, според прикажаното во оваа осовременета верзија, приказната за Аладин е легитимен театарски чин и за возрасни. Присутниот аспект на борбата за егзистенција на Аладин и неговата мајка, во нарацијата, отвора простор претставата , чиј драмски материјал потекнува од дамнина, да се чита како коментар за екстремно изразениот материјализам денес во светот. Во таа насока, режисерот на крајот има порака за сите гледачи, без разлика на годините, дека не треба да се биде себичен во животот.
Абаназер Велики – Сашко Коцев
Од аспект на актерски креации, „ Авантурите на Аладин“, е претставата на Сашко Коцев. Тој настапува во улогата на злобниот и алчен Абаназер Велики, кој колку е страшен за децата, толку е и комичен. Оваа постигната мерка меѓу две крајности, Коцев ја темели врз сугестивна и сочна креација, за почит. Тука некаде е и Никола Ацески, во ликот на веселиот Дух од ламбата кој копнее по слобода. Неговата жовијалност произлегува од текстот, но и од темпераментот на Ацески. Тој направи улога со особен печат, како што и Славиша Кајевски го прикажа Императорот. Но кај Кајевски, костимот , а пред се гласот кој минува низ семплер, многу помогна за ефектната креацијата. Тоа, за жал, не е случај со останатите учесници во претставата. Тргнувајќи од Александар Михајловски, кој ја толкува улогата на Аладин, преку неговата мајка и перачка – Камка Тоциновски, Дарија Ризова во улогата на Џасмин, Драгана Левенска како Робинката од прстенот и Леонора, до Ненад Ангелковиќ во улогите на Страшилото и Принцот Леополд. Овие актери дадоа се од себе на сцената, беа забавни, играа коректно, но кај нив недостасуваше трансформација, таман толку за да не ги гледаме на сцената нивните прикажани способности во постари претстави или нив самите. Тоа посебно важи за Михајловски како протагонист, кој неодамна успешно настапи во ликот на Силјан Штркот Шанца, на малата сцена на МНТ, а овдека како Аладин не отиде ни чекор понапред. Веројатно, сличните мотиви на двата тинејџерски лика го спречија во тоа. Во претставата настапуваат и деца од Драмското студио на актерката Магдалена Ризова Черних : Анастасија Ташковска како малата Џасмин, Дарио Ефтимовски како Малиот Аладин и Енџи Николоска, Изабела Јакимова, Бранко Атанасов, Ема Давчева, Стефан Миленков, Мина Јелушиќ, Магдалена Младеновска и Лазар Христов. Тие толкуваа епизодни улоги на слуги и поданици во дворецот на императорот. Нивната менторка добро ги подготвила за говорење текст и за сценски движења, па нивниот аматеризам ни во еден миг не беше „ изеден“ од професионализмот на останатите актери во претставата. Напротив, сите заедно се бореа за пополнување на големата сцена, при што најпроблематично на пати се покажа пласирањето на текстот во салонот.
Авторка на сценографијата, која го доловува раскошот на Средниот Исток, е Илина Ангеловска. Како костимографки за прв пат во МНТ работеа Антонија Гугинска- Јорданоска и Елена Вангеловска. Тие направија функционални костими со кои се заокружува бајковитоста на претставата, со акцент на социјалните разлики на ликовите. Автор на обработките на сонговите е Џијан Емин, а кореографијата е на Александра Кочовска Начева. За сценските борби и видео анимациите беше задолжен Миодраг Константинов.
Накратко, „ Авантурите на Аладин“ е обид да се направи спектакл и со него да се привлече нова, млада публика во МНТ. Сега, кога целта е постигната, останува да се види колку тоа ќе се одрази на билетарницата.
Сотир Трајков