Кон премиерата на претставата „ Говорна мана“, поставена во МНТ
„ Говорна мана“ е уште една издржана претстава на малата сцена на МНТ, која ја оправдува смислата на постоењето на театарот , сега и овде.
На малата сцена на Македонскиот народен театар, на 15 март се одржа премиерата на претставата „ Говорна мана “. Претставата ја постави Драгана Милошевски Попова, по текстот на истакнатиот српски сценарист, филмски и тв режисер, Горан Марковиќ. Милошевски Попова во својата режија прикажа „ помакедончена“ варијанта на текстот на Марковиќ, напишан и праизведен 1997 година, со сменети имиња на локациите во текстот и на некои од лицата за кои зборуваат ликовите во претставата. Се разбира, тоа е постигнато низ драматизацијата на која работеше Дејан Дуковски како драматург и стручен консултант, во која се додадени делови од Шекспировата трагедија „ Ричард Трети“, но и текстови од други автори.
„ Говорна мана“ е жесток коментар на нашата актуелна стварност. Го преиспитува степенот на притисок што може да го издржи поединецот, растргнат меѓу сопствената интима, егзистенцијален безизлез, но и професионален успех, во услови на комплетна општествено-политичката деструкција. Низ приказната за бизнисменот кој има политички претензии, но и говорна маана, па бара и плаќа славен актер и професор на Драмска академија да му држи часови по сценски говор за корекција на мааната, се открива фаталната врска меѓу театарот, политиката и тајната полиција. Дејствието во оваа камерно поставена претстава е подредено на жанрот црна комедија, а драмската структура ги доловува светот на суровата реалност и светот на театарот, кои последователно течат еден по друг, пред очите на гледачот.
Во основа, претставата се базира на креативната енергија на актерите. Игор Џамбазов, во улогата на актерот и професор Мишел Радински, направи уште еден лик за паметење. Тој игра со особено чуство за мерка во пласирањето на емоциите и мотивите на рољата, така што гледачот тешко може да разликува кого гледа, Игор или Мишел ? За тоа е заслужна сличноста во емотивната позадина која Мишел ја добил од авторот Марковиќ, со минатиот живот на Џамбазов. Но, евидентно беше и дека Игор е мајстор на својот актерски занает, кај кого преглумување и промашување нема.
Улогата на бизнисменот Петар му е доверена на Ивица Димитриевиќ. Тој портретира човек кој смета дека се може да се купи со пари, за да се дојде до пасакуваната цел. Од друга страна, се работи за улога чии тајни мотиви се откриваат дури подоцна во претставата , па за секоја почит е инвентивноста на актерот умешно „ жедни да не пренесе преку вода“ без да ја открие тајната за улогата, што не е направена и не се игра „ на прва топка“.
Сашка Димитровска настапува во ликот на Славица. Таа е девојка, но и колешка на Мишел Радински, која покрај саканиот се заплеткува во Гордиевиот јазол, наметнат од Петар. Нејзината улога е во функција на описот на амбициозноста меѓу младите актери од внатрешноста, кои се борат за свое место под сценските рефлектори во главниот град. Но, ја доловува и кревкоста на љубовната врска во непредвидените околности. Во таа насока, Димитровска прикажа регистар од најнежни до најжестоки емоции, исклучително точно и сугестивно.
Во оваа интимна, тивка, но во исто време и жестока претстава за театарот, прикажан како жртва на општествената стварност , настапуваат и Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска. Тие играат улоги на актерки. Низ нивниот богат и колоритен сценски израз (со говор, движења и пеење), го допираме светот на театарот што ја коментира актуелната стварност. Овдека треба да се спомене и двојната улога што ја има суфлерката Зорица Благоевска. Таа, не само што е суфлерка која делува во позадина, вршејќи си ја својата секојдневна задача, туку е и лик (на суфлерка), кој со гласот е присутен на сцената, дооформувајќи ја сликата за театарското секојдневие. За минималистички сведената сценографија и за костимите кои прават разлика меѓу совремието и потребите на театарот, беше задолжена Илина Ангеловска. А, музика за претставата компонираше Горан Трајкоски.
Накратко „ Говорна мана“ е уште една издржана претстава на малата сцена на МНТ, која ја оправдува смислата на постоењето на театарот , сега и овде. Интригантноста и општествениот ангажман што го поседува таа, од гледачот изнудуваат смеа и размислување над актуелните состојби во земјава, околу прашањето „ ќе не биде или не “. Тоа гарантира дека „ Говорна маана “, ќе се игра уште долго и со успех ,на репертоарот на МНТ.
Сотир Трајков