проф.д-р Христо Петрески
Од Европа и Балканот до Велес
Познатиот театролог Јелена Лужина во својот текст “Балканската театарска сфера како работна хипотеза“ (избрани есеи) хронолошки и сеопфатно ги изнесува следниве факти: “Еден од најрелеватните извори на театрографската граѓа врз која со сигурност се потпира театарската но и културната историја на повеќе балкански народи, фамозниот “Цариградски вестник“ (една драгоцена публикација која што, од 1 јануари 1848 па во следните десетина години континуирано се печати во Цариград, на бугарски јазик), во бројот 48 од 18 август 1851, го објавува првиот од вкупно седумте парадрамски дијалози на скопскиот даскал Јордан Хаџи Константинов Џинот, основоположник на македонскиот театар (останатите шест негови дијалози ќе бидат објавени во текот на 1852 и 1856 година). Македонската театрологија е убедена дека, пред да ги отпечати, Џинот овие дијалози ги има изведувано со своите ученици, во неделите или на празниците, по богослужбата, во училишната зграда која се наоѓала до црквата Света Богородица во Скопје. Освен дијалозите на својот промотор и режисер, училишниот театар на Џинот најверојатно изведува и некои сценки од пиесите на други балкански автори.