Кон премиерата на претставата „ Венецијанскиот трговец“ , копродукција на Драмски театар и Артмедиа
„ Венецијанскиот трговец “ е чесно направена претстава која смета на силата на нашите театарски надежи. Секоја нивна несигурност и замор се одразува на комплетната изведба.
Драмскиот театар ја заокружи програмата од 2016, со премиерната изведба на комедијата на Вилијам Шекспир „ Венецијанскиот трговец “, одржана на 7 март 2017година. Режијата на делото , во кое се препознаваат аспекти од други романтични комедии на Шекспир, ја потпишува Наташа Поплавска Петров . Нејзината постановка го враќа ова ретко изведувано дело на македонската театарска сцена, по 46 години. Имено, во далечната 1970 „ Венецијанскиот трговец “ е поставен во МНТ, а во улогата на Евреинот , трговец и лихвар – Шајлок, настапил Петре Прличко. Но тоа е историја.
Она што сега се игра на сцената на Драмски, е една современа постановка, базирана на театарската традиција. Имено, режисерскиот концепт на Поплавска , е граден во стилот на т.н. пучки, народен или уличен театар, што се практивувал во елизабетијанската ера. Тогаш кодексот на доброто владеење не им дозволувал на жените да играат во театар, па сите улоги им биле доверени на мажите , а женските улоги ги толкувале млади момчиња, чиј глас сеуште не бил сменет кон подлабок. Во тој афтентичен стил се поставувани и Шекспировите дела. Така и режисерката Поплавска го вообличи „ Венецијанскиот трговец “, низ кастинг избирајќи актери од ансамблот на Драмскиот театар, за сите улоги. Исклучок е актерката Јана Стојановска која игра наратор, што не води низ дејствието и напати го коментира, низ говор и пеење. И тоа добро и уверливо го прави. Нејзината креација е пример за тоа како режисерот знае да го извлече максимумот од актерот, а при тоа да му ги прекрие слабостите.
Наместо во Атина, каде што е сместено дејствието во оригиналниот текст, во оваа постановка тоа се случува во Венеција , пред и за време на карневалот. Па така, користењето на маските во претставата, на ниво на нарација ја дополнува сликата за вечната човекова потреба да се крие зад туѓиот идентитет и ја потенцира играта на животот, меѓу лагата и вистината. Но, повеќеслојниот приказ на релативизираниот идентитет денес, доаѓа пред се до израз низ жанровската разновидност што допира до травестија, постигната преку поделбата на женските улоги, на машкиот подмладок на Драмски , од кој како уште еден исклучок во претставата се искусните и докажани актери Диме Илиев и Анастас Тановски . Илиев игра комична улога. на т.н. Прва Дама. Тоа е конципирана улога, според драматизацијата на Дарко Спасов, од текстовите на ликовите Саларино и Соланио, кои се пријатели на Антонио и Басанио. Тановски настапува во улогите на Тубал, Евреин кој е пријател на Шајлок и како Дуждот од Венеција. Тој претседава со случајот на земаниот милионски залог од Шајлок, од страна на трговецот Антонио за потребите на неговиот пријател Басанио. Накратко, оваа комично- трагична претстава испраќа моќна порака за потребата од жртвување во име на пријателството и љубовта, критикувајќи го изразениот материјализам , но и антисемитизмот. Шајлок како карактер прецизно го креира Јовица Михајловски. Тој прикажува повеќе валери во психолошкото боење на улогата. Од бескруполозен лихвар и трговец, преку дискриминиран Евреин од Антонио, до загрижен татко за ќерка си Џесика, кој се труди да ја омажи за припадник на нивната вера.
Сепак, претставата се потпира на потенцијалот и креациите на актерскиот подмладок. Бравурозна креација покажа Стефан Вујисиќ во улогата на богатата наследничка Порција , по чија љубов тргнува Басанио. Вујисиќ кон крајот се појавува и како адвокатот Балтазар во кој се маскира Порција, помагајќи му така на својот сакан да се спаси од исплатата на залогот во парче месо од неговото тело. Вујисиќ успева да ги заобиколи клишеизираните модели и да понуди афтентична и комична креација на жена. Таа креација колку се потпира на внатрешните мотиви на карактерот, толку ги истакнува и надворешните физички атрибути на Порција, преку гласот, држењето на сцена, гестовите и движењата . Не се за потценување ни улогите на Дамјан Цветановски, кој настапува како Басанио и како мошне симпатичниот кнез од Мароко, кој низ хип-хоп нумера и се додворува на Порција. Сепак кај него и кај дел од останатите млади учесници во претставата ( Григор Јовановски како Џесика, подоцна Кнезот од Арагонија, Сергеј Димоски во ликот на Грацијано и Јаков Спасов во улогата на Лоренцо) , говорењето на текстот во стихови на пати не се разбира и се „ преџвакува “, што значи дека тој дел од играта актерите ќе мора сами да го совладаат и поправат низ изведбите. Корекција треба и од Зоран Иваноски, актер гостин во претставата од НТ-Прилеп, кој ја игра улогата на трговецот Антонио. Одговорноста со него да започне претставата, веројатно му е тензична, па неприродно вреска и не наведува на прашањето, каде и како треба да заврши меланхолијата, иманентна за неговиот Антонио , ако вака жестоко стартува ? Во продолжение, Иваноски игра коректно но без особен печат во креирањето на улогата . Тој личен печат не отсуствува кај ликот на Златко Митревски, кој го толкува Ланселот Гобо. Од епизодна роља на слуга најпрвин кај Шајлок, а потоа кај Басанио, тој направи креација во која се чита и нашата актуелна општествена стварност , во која се избира меѓу вистинските патриоти и предавници. И Марко Илиќ беше сугестивен и забавен како Нериса , слугинката и придружничка на Порција. Во тоа му помогнаа костимот и периката.
Визуелно, „ Венецијанскиот трговец “ е чиста и сведена претстава на гола сцена, каде актерите господарат, употребувајќи по некој реквизит. Заслугата за тоа ја има Емил Петров, како автор на нејзиниот дизајн . Но добро е што Поплавска овдека оди чекор понапред во однос на нејзините поранешни претстави, умешно заменувајќи ја употребата на видео на пример, со светла , за кои беше задолжен Милчо Алексасандров. На тој начин е избегнат тој маниризам на честа примена на исти изразни сретства во претставите од страна на нашите режисери . Но, во стилската и жанровска лепеза , Поплавска сепак не го одбегнува кабарето како заштитен знак на нејзиното досегашо творештво. Тоа се гледа низ играта, пеењето и свирењето во живо на Јана Стојановска. Комплименти за оваа актерка која не само што покажа како треба да се изгледа и пее во театар, туку и за нејзината музикалност искористена за компонирање на музиката за претставата , што се изведуваше во аранжман на Лука Ѓоргиевски.
„ Венецијанскиот трговец “ се игра во костими на Александар Ношпал. Тие се современи реплики на костимите од елизабетијанското доба и се во функција на прочитот на делото од страна на режисерката. Во целокупниот изглед на претставата партиципираа и Маја Митиќ и Ирина Лозинска. Тие беа задолжени за сценските движења и за кореографираните парчиња од играта на актерите.
Општиот впечаток е дека „ Трговецот “ е чесно направена претстава која смета на силата на нашите театарски надежи. Секоја нивна несигурност и замор се одразува на комплетната изведба. Така беше на премиерата кога по еден час изведба, динамиката падна, па вториот час помина помалку славно иако актерите даваа се од себе. Решението е во усвојување на сите зададености во концептот , а пред се во совладување на текстот, со цел изведбата да тече побргу и посигурно, како вода. Но, не поради тоа што гледаме приказна која се случува во град на вода, туку за целосно доживување на вредното Шекспирово дело.
Сотир Трајков