ВЕНКО АНДОНОВСКИ – професор, писател

 

ИНТЕРВЈУ

ВЕНКО АНДОНОВСКИ

Роден 30 мај 1964 Куманово, Република Македонија
Занимање македонски писател, раскажувач, романописец, есеист, критичар и книжовен теоретичар.

Творештво

Венко Андоновски дипломирал на Филолошкиот факултетБлаже Конески“, во Скопје. Тој е доктор по филолошки науки и работи како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Андоновски е член на Македонскиот ПЕН центар. Во 1990 година постанал член на Друштвото на писателите на Македонија.

Папокот на светот во земјата на чудата

Со професорот Венко Андоновски трагавме низ граничните области на личниот и општествениот живот и пронајдовме траги кои ја дефинираат тенката линија меѓу реалноста и фикцијата.

Бескомпромисен во секој аспект на животот, Венко Андоновски создаде имиџ на тврдокорен интелектуалец кој не страда од желбата да им се умилкува на моќните елити. Сам и свој, доследно ја гради професорската и книжевната кариера на прозаист, драмски писател и литературен критичар. Како мајстор на книжевниот занает отсекогаш бил растргнат на повеќе страни. Романот за Тоше Проески го пишува паралелно со сцените за драмата „Господа Глембаевски“. Често го гледаме во улога на критичар на секојдневјето и промотор на новите книжевни дела и појави. Се врати и кон пишувањето колумни во дневниот печат.

Едновремено, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ редовно на своите студенти им држи предавања со интересни, често и провокативни теми. Студентите му возвраќаат со голема посетеност на неговите предавања и со огромна почит на неговата личност. Навистина е тешко да се направи список со сите книги и текстови кои ги објавил, уште потешко е да се набројат белешките кои не успеал да ги врзе во компактно книжевно дело.

Сепак, неговото животно искуство зрачи не само од неговите писанија, туку и од неговите зборови. За „Лајф-магазин“ зборува отворено, директно и без пардон. Тука ги забележавме неговите ставови зад кои отсекогаш стоел, стои и понатаму ќе стои, без разлика како тие ќе бидат прифатени од другите луѓе.

  • Ако тргнеме од локацијата каде го правиме разговорот, како излезе годинава две Ваши драми да бидат поставени во Драмскиот театар во Скопје, од кои едната веќе е на репертоарот, а другата се подготвува за наесен?

Прво имаше идеја да се предложи текстот „Олово на перница“, посветен на покојниот Димитар Станкоски, режисер и мој пријател. Таа претстава му е посветена нему затоа што тој ја даде идејата. Кога одев кај него во посета во домот „Сју Рајдер“, имаше двајца ликови кои беа кревет зад кревет, а кои никогаш не си ги имаа видено лицата. Тој ми остави аманет да напишам претстава за нив затоа што тие двајца луѓе кои никогаш во животот се немаа видено се караа како да се знаат со години. Тоа е првата идеја и идејата беше да се постави во Драмски, но не можеше бидејќи Министерството дава средства само за една претстава, а јас веќе ја имав пријавено „Господа Глембаевски“, тоа е текстот што сега го работам и кој сакам да го направам да биде една студија на нашето време, значи време кое произведе максимални богаташи и максимална сиромаштија, и сакав фактички да видам дали Крлежа би можел, кога би бил Македонец, да се вклопи во таа наша слика во која има максимални богаташи и максимална сиромаштија, а нема средна класа.

Едниот проект отиде како приватен проект, односно како проект од Битола преку Тихо Стојановски, а другиот проект е регуларно пријавен во Драмски театар и тој го чекаме наесен да се финализира. Текстот е речиси готов и се надевам дека наесен ќе имаме нешто конкретно во рака, односно дека ќе почнат првите проби на текстот. Во секој случај, јас сум познат по тоа дека правам секогаш по два текста одеднаш, односно едниот е порано напишан, другиот е потазе напишан, но ги пласирам во еден ист момент. Не е точно дека секоја година пишувам драмски текст.

  • Сепак, во последниве 15-ина години се сторија десетина драмски текстови. Дали пишувањето драми доаѓа како излез од Вашиот секојдневен професионален живот?

Имам една среќа што другите писатели ретко можат да ја имаат. Среќата се состои во тоа што пишувам романи, пишувам и драми, а пишувам и научни студии. Значи, благодарејќи на тоа што сум полиграф, имам време во еден живот на некој начин да спакувам три животи. Но нема ред во таа работа. Некогаш излегуваат две драми една по друга, еве, на пример, роман не сум напишал веќе седум години. Наесен веројатно ќе се појави романот што го најавувам веќе долго време, кој е поврзан со судбината на Тоше Проески. Кога немам роман пишувам драми, кога немам драми пишувам научни студии, кога немам научни студии пишувам учебници и така цело време сум зафатен.

  • Се случило ли да немате ништо за пишување?

Таков момент досега не ми се случил. Дури имам голем проблем да си барам резервно време и да не можам да го најдам. Многу ми е жал што многу работи ќе останат незапишани затоа што сè си има свое време кога треба да се запише. Ако напишеш белешки и ако тоа го ставиш во тетратка, па ќе кажеш ќе се навратам по некое време, многу често се случува на таа белешка воопшто да не можеш да најдеш контекст и да ја реконструираш. Така пропаѓаат многу идеи.

  • Излез има во дневните весници и колумните. Повторно се вративте кон пишувањето колумни?

Колумната за мене е нешто што е најважно во тој дневен импулс за пишување затоа што таа прави една чудна работа – таа фактички те тера секој ден да размислуваш на актуелни теми, а еднаш неделно да мора да седнеш и да срочиш три страници текст. Се сеќавам на еден мој професор кој ми велеше вака: „Си го трошите попусто талентот со колумните. Треба да седнете да пишувате роман“. Меѓутоа, не е секогаш така, затоа што во моментот кога ќе седнеш да пишуваш роман и ако имаш празна страница пред себе, тогаш те фаќа уплав. Колумните се тренинг за да можеш да го направиш другото. Покрај тоа, имаат и една психотерапевтска димензија – се ослободува човек од многу фрустрации.

  • Токму во колумните можат да се прочитаат Вашите критички согледувања на нашето време, кои ги објавувате во најкратка, но најдиректна форма токму во колумните. Што е тоа што Ве мотивира дел од секојдневјето да го ставите во пишана форма?

Неодамна имав прилика да си ги пролистам книгите со моите колумни што се веќе објавени и забележав една работа: половина од работите кои ги пишувам во расказ, во роман и во драма, дури и цели реплики има, јас веќе сум ги нотирал во колумните. Но, таму не се развиени во некоја уметничка форма. Таму се ставени само во функција на некоја дневна политика за нешто да се објасни или да се даде пример за нешто што не чини. Така што мислам дека колумните за мене се некој резервоар кој ми ги прибира темите за литературните дела и мислам дека моите литературни дела на некој начин зреат преку тие колумни. Многу пати во тие колумни, два-три реда се, не е повеќе, многупати во моите колумни во два-три реда се наоѓа јатката на некое мое идно дело.

  • Доаѓаме до темата на актуелниот број на „Лајф-магазин“, а која гласи „Земјата на чудата“. Тоа е една синтагма која има повеќе референци со Вас, и во однос на драмските текстови, како „Кандид во земјата на чудата“, и во однос на романот „Папокот на светот“. Која е Вашата замислена „земја на чудата“ или, пак, таа има некоја реална основа?

Секогаш кога сум ја користел синтагмата „земјата на чудата“, секогаш прво сум мислел на Луис Керол и на „Алиса во земјата на чудата“. Тоа била мојата стартна основа и секогаш сум се прашувал како може еден човек кој, пред сè, е математичар, да направи таква фикција, како што е направена во тоа дело. За мене „земјата на чудата“ почна да станува земја на чудата во една негативна смисла. Сите ние од чудото очекуваме да ни донесе некој бенефит, односно некоја неочекувана среќа во нашите животи.

Меѓутоа, Македонија стана земја на чудата во една негативна смисла. На пример, можно е од утре со закон да ни кажат дека не е вторник, туку дека е четврток и дека со закон веќе нема среда како ден во неделата. Така што „земјата на чудата“ кај мене значи негирање на елементарната човекова логика. Ние секој ден во весниците гледаме и читаме и следиме дека постојат човечки судбини во кои нема елементарна логика. И тие луѓе едноставно не можат да го објаснат својот несреќен крај, значи говорам за трагични приказни, освен со тоа дека се случило чудо во нивните животи. Одеднаш доаѓа некој закон којшто животот им го претвора во пекол, им го претвора во некое чудо, така што кога ја пишував „Кандид во земјата на чудата“, мислев на таква Македонија. На земја на негативни чуда.

Иако, морам да кажам, кога говорам за „земја на чудата“, најверојатно во новиот роман ќе има и едно поинакво чудо. Никој не може да објасни какво е тоа чудо да се роди таков човек, како што беше Тоше Проески и какво е тоа чудо да се изгуби на тој начин како што се појави. Ние сите мора да одговориме на тоа прашање, мора да сфатиме дека тоа чудо ни го дарил Господ, како што ни ги дарува чудата секој ден. Да бидам целосно концизен и јасен – ние живееме во свет кој самиот по себе е чудо! Нема ниту еден рационален одговор зошто пченичното зрно кога ќе се стави во земјата про’ртува на точно одреден датум, и на ниеден друг датум, и во ниедна друга годишна доба. Самата вегетација, самиот живот, самото тоа што ние сме овде е веќе чудо.

Меѓутоа, интересно е како ние светот го сфаќаме како да треба да постои, како да не е чудо, како да е нешто амортизирано, како да е анестезирано. Прво, самиот податок што јас, токму јас седам овде и говорам за овие работи укажува на една многу чудесна математика. Во еден грам сперма има над пет милиони сперматозоиди. Како се случило токму тој да дојде до таа јајце-клетка, па од другата страна има иста комбинаторика и еве сега јас да пишувам драми, да разговарам со тебе. Ние веќе имаме добиено премија со тоа што сме родени. Ние веќе сме чудесни со тоа што рулетот на животот нè исфрлил тука каде што сме. Затоа мислам дека претеруваат луѓето кои бараат чуда покрај тоа чудо на животот, и чудото на светот.

  • Сега, тоа чудо на животот постои наспроти „папокот на светот“, или паралелно со „папокот на светот“?

Мислам дека е паралелно затоа што постојат некои необјасниви работи. Како е можно оваа земја за која сите ние велиме, ако сме искрени, велиме вака: Кај ми даде Господ да се родам во оваа земја, баш тука, кога има многу поубави и поразвиени земји? Токму таа земја ги породи првите фрескосликари, првата писменост, првите богомили, значи оние кои беа дисиденти во однос на црковните норми, како е можно да постои Кокино, за кое уште не знаеме што е!

Значи, Македонија, или „папокот на светот“, како што јас ја именувам, самата по себе е едно од најчудесните чуда. Можеби тоа е земја која ни кажува дека фактички целиот свет е чудесен, а ова место тука е најчудесното од сите чудесни места. Многу сум горд што сум роден овде и немам идеи, како некои мои колеги-писатели, да пишувам скаредности за Балканот, да кажувам дека ние сме примитивци, дека водиме војни. Напротив, мислам дека ние сме најчудесниот дел од планетава затоа што знам како живеат и Американците и Холанѓаните и многу други, сум бил, сум прошетал и мислам дека таму нема чуда. Овде има!

  • Како човек како го доживувате, или го дефинирате контингентот на дуалитети, од дуалитети внатре во човековата личност, до дуалитетите во природата? (Сакаш да бидеш богат, а да не работиш.)

Без дуалитет би немало ни здрава личност. Ние сите ја сфаќаме личноста како нешто хомогено, затворено, стабилно. Не е така. Јас не можам да знам каква личност сум додека го немам другиот во себе. Затоа што додека јас живеам во некој свој свет за кој мислам дека тоа е свет на доблест, додека не ми дојде првиот пораз со кој треба да се соочам, јас нема да знам дека сум доблестен човек.

Второ, може да се случи порокот да излезе многу подоблестен од оние доблести кои сум ги живеел. Инквизицијата долги векови живееше во идеја, и тоа е темата на романот „Вештица“, дека нејзината доблест е најдоблесната доблест што може да постои. На крајот излезе дека таа доблест е една крвава пресметка со сите кои мислат различно. Така што без дуалитет нема развој на личноста и мислам дека е добро што тоа е така.

Мене ме ужасува кога ќе видам генерации млади луѓе кои се униформирани, направени според еден ист формат, и немаат ни скепса, немаат ни потреба да се сомневаат. Еве, сега е модерно да се каже дека светот не чини! И што со тоа!? Нема дуалитет, ја нема втората идеја дека можеби светот чини, а ние сме тие кои не чинат! Така што тука гледам добра шанса да се развие личноста. Личност која нема дуалитет во себе не е личност.

  • Како ја дефинирате двојната природа на вселената? Човештвото сè уште не знае дали светлината е честичка или бран!

Не е важно дали светлината е честичка или бран, но знам дека таа светлина мене ми прави стравотни трауми кога го гледам залезот на сонцето. Дали е честичка или бран, тоа нека одговорат астрофизичарите. Интересно е дека науката инсистира на едно од тие две решенија. Дури кога и двете би биле точни, во ништо не би се променила убавината на залезот. Науката може да одговори дали светлината е честичка или бран и веројатно некогаш ќе одговори, меѓутоа нема да може да ми одговори зошто сакам да го гледам залезот на сонцето. А на пример, изгрев не сакам! Има луѓе кои го сакаат обратното.

Мислам дека човечкото суштество, сепак, е родено за убавина и за уживање и дека треба да се посвети на тие прашања, а не мора манијакално да трага по она што е суштината на нештата. Така мислам затоа што, на крајот на краиштата, секоја радикална наука заглавува во еден вид научен тероризам којшто те принудува да прифатиш едно решение. Ако е доволно доблесна науката, на крајот ќе излезе дека сите патишта водат кон Бога. Односно дека има едно нерешливо прашање за кое нашите мозоци и нашите умови едноставно не се способни да пронајдат решение.

  • Колку на овој проблем се надоврзува поделбата на материјален и на духовен свет?

Ние немаме никаков доказ, еве колку векови постои филозофската мисла, на пример, триесет векови човекот систематски размислува за материјалниот свет, ние сè уште немаме никаков доказ дека материјалниот свет навистина постои. Апсолутно немаме никаков доказ од една едноставна причина – ние не сме објасниле што е материја! За материјата знаеме дека е атом, дека околу неговото јадро кружат електрони, но мислам дека тоа ништо не значи. Има еден многу прост факт. Има моменти кога човековото суштество живее во целосно материјален свет, а се чувствува дематеријализирано. Во моменти на тешка депресија, во моменти на тешко разочарување од нешто, има една тенка линија, а тоа сите сме го почувствувале, на која човек чувствува дека животот му е сон. И се прашува дали сето тоа што го гледа навистина постои, дали сето тоа што му се случува навистина постои.

Од друга страна, пак, имаме многу вивидни соништа од кои не можеме да се ослободиме, барем јас имам и многупати пред будење мислам дека сонот бил еден вид јаве. Тоа е онаа старата, уште во јапонската книжевност фиксирана дилема: дали јас бев пеперутка која сонува дека е човек, или сега сум човек кој сонува дека е пеперутка? Значи, ние немаме доказ дека ова што го викаме „материја“ навистина е сè што постои и дека тоа е она за што треба да се фатиме во нашите согледувања.

Второ, самиот податок дека сме смртни суштества значи дека ние ќе го напуштиме овој материјален свет, но никој од нас не сака да верува дека тоа ќе биде нашиот крај. Оттука веќе продолжуваат религиите, со „вечен живот“ и слично. Но, никој од нас не сака да се помири со фактот дека материјата е сè. И сите веруваме дека тоа е некој циклус кој ќе продолжи понатаму и веројатно ќе нè одржи живи. Самата смрт е измислена за да нè потсетува на тоа дека ние можеме да бидеме бесмртни. Така што материјата за мене не значи апсолутно ништо.

  • Што, од друга страна, значи зборот?

Зборот е најчудесното нешто што можело да ни се случи во овој свет на чудата, затоа што да се дојде до идеја дека може да се разговара за нешто, веќе подразбира идеја дека ти можеш да се одлепиш од светот и да го гледаш од дистанца. Библијата вели дека со зборот почнал светот. Зборот има творечка моќ – може да создаде цел космос.

Меѓутоа, како што живееме низ епохите, ние сфаќаме дека зборот има и една ужасно разурнувачка, деструктивна моќ. Имено, сè повеќе живееме во свет во кој зборовите како да служат да не се разбираме, а не да се разбираме. Како некој да сака да ни каже дека, покрај зборовите, можеби постои и една друга комуникација меѓу луѓето, а тоа е енергетска комуникација која може да ги замени зборовите. Знам дека ова може да звучи како на границата на парапсихологијата, меѓутоа јасно ми е дека со некои луѓе енергетски се разбирам без никаков збор, а со некои луѓе можам да потрошам тони и тони зборови, или да напишам и студии, и повторно да не се разбереме. Зборот е убав само тогаш кога е во служба на уметноста, на уметничките жанрови и само тогаш кога те води во некој друг свет различен од материјалниот.

  • На кој начин ја користиме моќта на зборот во нашето време? Дали тоа го правиме на правилен начин?

Мислам дека ние зборовите ги сведовме на обични монети. Како што во банка одиме да размениме евра за денари, или како да плаќаме сметка во банка. Мислам дека комуникацијата во денешно време ја сведовме на економска варијанта на комуникација со зборови. Денес има луѓе кои воопшто не користат зборови. Печалат пари, пишуваат цифри и не се способни за елементарен разговор. Од друга страна, има многу луѓе кои копнеат по обичен разговор и често велат „морам со некого да разговарам, морам некому да му се исповедам, ми треба разговор…“.

Мислам дека денешното време целосно го потцени зборот и дека тоа допрва ќе ни се врати, допрва ќе се види какви последици ќе остави тоа потценување на зборовите. А многу често премногу ги трошиме зборовите во политички говори, во реклами и слично. Внимавајте, во комерцијална реклама се користи зборот „совршенство“! Тој збор порано бил користен само во свети текстови. Зборот „совршенство“ се користел само во Библија, во Куран, во текстови кои носеле духовна широчина. Денес, кога гледаме „Топ-шоп“, ги слушаме зборовите: „Сакате да имате совршени мускули?“. Е, не можете да имате „совршени мускули“! Совршени мускули може да има само во светите книги, кај античките херои, во старите митови. Денес се чини дека ја излижавме вредноста на зборовите, како кај монетите кои многу често се користат и полека им се брише и реверсот и аверсот и веќе немаат ниту лице, ниту заднина.

  • Неодамна добивте награда за најчитан автор. Колку таа награда Ви е драга, имајќи предвид дека во денешно време владее мислењето дека не се читаат книги?

Многу ми е драга. И ќе кажам дека веќе една деценија знам дека сум најчитан автор во Македонија и секогаш кажувам – најчитан не значи и најдобар. Тоа сакам веднаш да се разбереме. Меѓутоа, мене ми е драга затоа што јас секогаш кога сум пишувал нешто, знам дека сум го пишувал за некого, да допре до некого. Смислата на комуникацијата е тоа што ќе го испратиш да стигне до некого. Дури и оние очајници што пуштаат порака во шише се надеваат дека тоа шише нема да се скрши и дека пораката ќе стигне барем до еден човек кој ќе ја прочита. Мене таа награда ми е драга затоа што е направена анкета во библиотеките низ Македонија. Значи, не во книжарниците каде што се купуваат книгите, туку во библиотеките каде што обично доаѓаат луѓе кои немаат пари да купуваат книги. Затоа велам дека таа награда ми е најдрага од сите награди што сум ги добил досега, дури и од „Балканика“, затоа што сега знам дека некој човек отишол во својата библиотека да земе книга од мене, која не е негова, ќе ја прочита и ќе ја врати. Значи дека нема пари да ја купи, а издавачите нека мислат, и државата нека мисли, зошто тие луѓе да немаат пари да си купат книга, зошто таа книга да не се спушти на некоја нормална цена, и онака нема профит од продажбата на книгите ниту за издавачот, ниту за мене како автор.

  • Од библиотека ќе се префрлиме на факултетот. Знаеме дека студентите многу Ве сакаат, и како професор и како писател. Што е тоа што Вие сакате Вашите студенти да го научат во животот?

Се обидувам да ги натерам да размислуваат пошироко од стереотипите. Книги има премногу… Еве, на пример, едно предавање на културолошките студии беше на тема – порнографија. Навалија над стотина студенти и веројатно мислеа дека ќе зборувам за порнографијата која тие ја имаат секој ден. На интернет можеш да си најдеш сајт и цел ден да гледаш порно филмови. Сепак, им објаснив дека порнографијата воопшто не е поврзана со телото. Идејата е дека секогаш кога предаваш нешто, се зема некоја тема со која ќе можеш да им ги прошириш видиците на студентите, за тие полесно да сфатат дека проблемот е многу поширок од тоа што на прв поглед е очигледно. Поентата на тоа предавање беше дека порнографија е сето она што ти создава невиден копнеж по тоа, а ти не можеш да го допреш. Ако гледаш порно-филм на сајт и на екранот на мониторот некои луѓе водат љубов, во секој момент кога ќе се обидеш со прстот да се вмешаш во таа ситуација, а копнееш да се вмешаш затоа што е најприродна човечка ситуација, тогаш ќе ја почувствуваш границата на виртуелната стварност. Така на студентите им објаснив дека порнографија е секој копнеж по нешто, или по некого, кое не може да биде допрено.

Порнографија е да копнееш по џип кој не можеш да го купиш. Порнографија е да сакаш да го допреш твојот декан да му поставиш прашање, а не можеш да дојдеш до него, не можеш да го допреш, не те прима. Порнографија е да сакаш да одиш кај претседателот на републиката и да му кажеш дека имаш само уште 200 денари во џебот, а да не можеш да допреш до него. Мислам дека од тоа предавање студентите си заминаа со целосно раширени сознанија дека телесната порнографија е само најситното делче од една економија која врти пари на она што е атавистичко. Убавото тело секогаш го привлекувало вниманието на луѓето. Меѓутоа, феноменот на порнографијата е многу поширок и тоа е социолошки феномен и што е најинтересно, сè повеќе станува политички феномен. Политиката ја користи порнографијата за свои цели.

  • Каков е Вашиот однос кон политиката?

Мојот однос кон политиката е познат затоа што и јавно сум изјавувал дека ми биле нудени врвни политички функции и секогаш сум ги одбивал затоа што верувам само во една работа – среќен е оној човек што може да заработува од онаа професија која навистина ја сака. И да живее од таа професија. И добра е само онаа држава која на секој што ја сака својата професија ќе му овозможи да си живее од неговата професија.

Политиката е зона на компромис. Политиката е зона на послушност. Не велам дека е лоша. Таква работа има и во фудбалот. Ќе ти кажат каде да играш и мора да си послушен и да играш таму каде што ќе ти кажат. Компромис не правиме само во политиката, туку и, на пример, во медицината. Ниту по мое, ниту по твое, и на пациентот ќе му кажеме една средна дијагноза за да не го трауматизираме. Сакам да кажам дека за мене политиката е неприфатлива затоа што, под број еден, не можам да правам компромиси и второ, не можам да се занимавам со организација на многу луѓе кога ни самиот себеси не можам да се контролирам. Во една драма имам 12 ликови во себе. Тоа е некој знак на потенцијална креативна шизофренија. Замислете, да говориш на 12 различни јазици низ 12 различни ликови и од тоа да направиш една хармонична целина. Значи, затоа сум убеден дека не треба да бидам ништо повеќе од уметник и затоа одбив доста атрактивни, и амбасадорски и министерски и пратенички, функции и тоа сум го кажувал и не го кријам, луѓето тоа го знаат и мислам дека политичарите полека ме избришаа од своите списоци, што е многу добро за мене.

  • Малку од духовната сфера, врз основа на рецептите на срцето, што е тоа што човек треба да го направи во животот?

Човек само треба да се обиде да не отстапи од самиот себе. Нема друга формула. Од 17 години се борам да останам тој што сум. Нападите се стравотни. Нападите прво доаѓаат од системот на школување. Во системот на школување има една ригорозна дисциплина која од тебе бара, ако не си за едно нешто да те направат за друго, или можеби си талентиран за едно, но на општеството му треба нешто друго. Затоа цело време се борам да останам она што сум сакал да бидам, а отсекогаш сум сакал да бидам уметник. Дури и не сум успеал да издржам докрај, бидејќи сакав да бидам музичар, а пишувањето е некоја моја резервна професија. Сепак, не отстапив од мојата желба. Уметник е уметник, а можеби е подобро што не станав музичар, што би рекол мојот пријател Михаил Ренџов, кој е и музичар и поет, кој вели: „Ти не си свесен колкав музичар си во литературата“.

  • На истата тема, но од спротивен агол, што е тоа што човек не би смеел да го направи во животот?

Тоа прашање е лично и субјективно и секој си ги поставува границите на тоа што не би требало да го направи во животот. Меѓутоа, ќе се ограничам на оние општости, кои веќе се познати, а тоа е – никогаш немој да го ограничуваш другиот околу тебе во она што сака да го прави. Дури и студентите и децата не ги ограничувам. Имав студенти кои жестоко ме критикуваа на почетокот од моите предавања, некои од нив продолжија да ме критикуваат, некои од нив со текот на времето станаа мои приврзаници. Ниту на едните, ниту на другите не гледам со никаков посебен гнев или со симпатија. Сами одбираат. Човекот е суштество кое треба да одбере. И тоа е единствената дефиниција. Кучето не може да одбере, мачката или лавот исто така. Импулсите, односно инстинктите ра ководат со нив. Човекот е суштество кое може да одбере и тука е неговата трагедија – што и да одбере, секогаш ќе се прашува дали го одбрал правилното. Мислам дека тоа е човечката суштина и не треба да прави нешто надвор од својата волја и копнеж. Треба само да го земе она што го сака – и ништо повеќе.

  • Колкави се границите на слободата на избор?

Слободата… Апсолутната слобода, според мене, е најтешкото ропство. Затоа што ако сè ти е дозволено, тогаш си најголем роб и нема да знаеш од каде да почнеш. Меѓутоа, има нешто што во животот се вика слобода на она по што копнееш. Според мене, има два глагола – сака и мора. Сите ние како човечки суштества се соочуваме со тие два глагола. Јас сакам многу работи, но јас морам утре да одржам предавања, или да сослушам луѓе кои не ми се пријатни, или нешто слично. Меѓутоа, идејата е никогаш да не се запостави глаголот сака. Понекогаш човек треба да каже „па и не морам тоа да го направам“, односно ќе го направам тоа што го сакам.

Имало денови кога сум имал преполна агенда во тефтерот и кога ќе ја погледнам и ќе ми стане јасно дека не можам целата да ја остварам, знаеш што сум правел? Сум се качувал во првиот воз, сум одел до Велес, не оти имам некого во Велес, ќе прошетам малку покрај Вардар и ќе се вратам назад. Тој ден јас сум го направил она што го сакам, а сум сакал да избегам од обврските. Затоа мислам дека формулата на среќата не е ниту во големи пари, ниту во големи проекти. Идејата е да си го сочуваш тоа мало „сака“ што секој ден тебе ти кажува што сакаш, а што не мораш. Така што треба да се најде баланс меѓу тие две нешта.

  • Кон што се стреми човештвото во услови на современата демократија?

Се стреми кон пропаст. Тоа е јасно. Демократија значи владеење на народот, во етимолошката форма. Меѓутоа, тука има напакувано доста стапици. Кога ќе го погледнеш народот ќе забележиш дека, како кај секој животински вид, има подобри примероци, има послаби примероци, има и никакви примероци. Затоа демократијата ја сфаќам како една многу перверзна стапица бидејќи не е можно да се оди напред со идејата дека секој човек има по еден глас. Не се сите луѓе исти и не се сите луѓе со исти капацитети. Кога би ја бранел спротивната теза, секако, би бил обвинет за елитизам. На пример, ако некој завршил 15 школи треба да има три гласа, а некој кој не завршил школо треба да има еден глас. Сепак, не е ниту така. Има умни водоводџии кои треба да имаат три гласа. Има академици во МАНУ кои не треба да имаат ниту еден глас.

Сакам да кажам дека ние немаме општествена решетка, или форма на уредување, која тоа би го регулирала. Демократијата е една обична измислица и фикција која никогаш не профункционирала. Знаеме дека постоела демократија и во античкиот свет. Која демократија!? Робови работат, другите уживаат, и тоа се викало демократија! А на што личи денешната демократија? Како може човек којшто убил тројца, и поради тоа избегал од државата, да има глас како што имам и јас!? Мислам дека не може така. Тука се држам до Сенека, кој вели: „Мнозинството гласа, а малцинството го движи светот напред“. Колку да е тоа парадоксално, малцинството во науката, во уметноста, интернирано по ќошињата на општеството, тоа прави некакви пронајдоци. Ќе направат добра претстава, ќе измислат гума со која ќе скокаш два метри во височина, или да возиш автомобил без да ги менуваш гумите… Тоа се луѓето кои го движат светот.

Гласањето кое го викаме демократија, тоа мора да се случи за да има власт, ред, закони, поредок, за да не се убиваат луѓето. Инаку, демократијата е многу „трики“ поим. И тоа Европа го сфаќа. Тоа личи на комунистичкото мото – секој човек е ист и треба да има еден глас. Па, нели, западните демократии се бореа против комунизмот, ги урнаа сите комунистички држави токму поради тој принцип. Излегува дека ги урнаа поради истиот принцип кој сега ни го проповедаат – еден човек, еден глас. Тоа не е така и сите луѓе не се исти, ама, пак, не можеш да им определиш колку гласа треба да имаат во таа политичка конституција на општеството и во изборот на власта. Така што, за мене демократија е единствено само ова – демократијата е лична работа и таа се сведува на тоа никогаш да не се изневериш себеси. И крај! Нема ништо друго.

  • А кон што се стремиме?

Мислам дека и светот веќе не знае кон што се стреми, освен кон бескрајна акумулација на пари и капитал, а интересно е што тој капитал е целосно безвреден. Има еден закон на парите, кој веројатно сите го почувствувале. Кога ќе добиеш плата, до оној момент додека ги плаќаш сметките кои ги должиш, парите имаат смисла. Потоа почнуваш парите да ги трошиш бесмислено. Додека ги исплатиш кредитите и сметките, дотогаш имаат смисла, а потоа немаат смисла. Во светски рамки има богаташи кои сè отплатиле, во плус се на сметката, успеале да обезбедат колена и колена на-напред. И што ќе им прават на тие пари? Парите мора да бидат инвестирани во нешто. Сигурно е дека нема да бидат инвестирани во сиромаштијата, туку ќе бидат инвестирани во нови пари и колку што повеќе се множат, ќе доаѓаат до нови идеи како да ги потрошат парите. И на крајот ќе мора да ги трошат на бомби, затоа што најефикасниот начин за трошење на парите е војна. Нема друг! Така што мене не ми се допаѓа ситуацијата и мислам дека светот со бескрајна акумулација на капиталот оди кон војна.

Тони Димков

МКД

Интервјуто е преземено од книгата „Зборот остава траги“ (Магор, 2016), а првично е објавено во „Лајф магазин“, во бр. 55, мај 2011 година.