Димитар Андоновски, композитор
ДИМИТАР за себе во Театарот- Покрај мојата љубов кон театарот, длабоко во мене се таеше и желбата и надежта дека еден ден ќе работам во него било како тонец или било што,што е поврзано со музичкиот дел на една претстава. Често знаев дома да седнам и да работам, создавајќи инструментална музика, налик на театарската . Кога за прв пат мојата музика ја слушна мојот драг другар и најголем соработник – режисерот Андреј Цветановски, ми ја даде шансата и ми ги отвори вратите во театарскиот свет започнувајќи со претставата “Крал Иби”. И така започна се… Веднаш добив понуди и од други режисери, со кои се здобив со големи искуства кои ми помогнаа да го осознаам театарот уште повеќе и да ја сфатам суштината на неговото постоење, како треба и кој е процесот на создавање на една театарска претстава. Сфатив дека создавањето музика во театар е посебна категорија и е вистинска дарба од Бога. Покрај тоа што треба да го носиш во себе, потребна е и дополнителна едукација. Сметам дека е голема штета и недостиг што кај нас не постои школо или предмет за музичка театарска образование како што имаат на Запад. Тоа ќе помогне на многу млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со тоа.
Како автор на музика се појавувам во следните театарски претстави: Крал Иби, Тајното оружје, Последната ноќ, Ревизор, Жени од подземјето, Снежана и седумте џуџиња, Волшебната приказна, Трудна приказна, Сон на летната ноќ, како и на документарните филмови: Браќа Миладиновци, Димитрија Чуповски и “Животиште” – посветен на режисерот Владо Цветановски.
Кој е патот што води кон музиката за претстава?
- Пред се е имагинацијата и инспирацијата. Иако претставата е жив процес и трпи измени, мене музичкиот концепт за одредените сцени веќе ми е поставен во мојата глава и многу често ми се случува, кога режисерот бара нешто од мене, во истиот момент да имам идеја како би требало да звучи тоа. Морам да признаам дека глумците и режисерите се најголема инспирација во музичкиот процес.
Што е главна појдовна точка, при раѓањато на звукот, односно кој елементи/ефекти се потребни за тоа?
- Креирањето на звукот за една театарска претстава пред се зависи од текстот на претставата, од нејзината суштина и пораката која сака да се испрати, а особено главен ефект се идеите на режисерот. Кога сето тоа ќе се склопи и добро анализира, веднаш ја имаш појдовната точка за старт на раѓање на музиката.
Протекува ли музиката во твојата глава на пробите или ја осознаваш кога доаѓаш до крајот?
- Многу често музиката и идеите навираат во мојата глава уште на самиот почеток и на пробите, но некогаш е потребно доза на повеќе на имагинација за творење. Освен тоа, како што претходно споменав тоа е процес кој трпи измени до самиот крај, а тоа носи промени и во музичкиот дел.
Извира ли музиката за театар во тебе или е некој друг момент е пресуден?
- Сметам дека ја поседувам дарбата за творење на театарската музика и тоа е мојот главен адут.
Има ли тетарската музика надоплнување со она што го работиш во студио?
- Иако се тоа два различни правци, сепак, истите се надополнуваат и заедно, мене лично,многу ме исполнуваат. Сепак станува збор за музика, така што уживам и во пеењето и во создавањето музика за Театар…
Зошто Димитар влезе во овие води, и од каде потребата да се пробаш и на ова поле?
- Бидејќи пред се тоа е нешто што духовно ме исполнува, а потоа и поради потребата за моето уметничко изразување. Оваа е работата која сакам да ја работам до крај.