Трговецот ни дојде дома, во Драмски

 https://venecijanskiot.wixsite.com/dramski

 

Кога се ќе се собере и одземе, Драмски има уште еден продукт, со кој би требало речиси неминовно да ја влече својата “клиентела” кон билетарницата и во салонот на театарот во Карпош

Борче ГРОЗДАНОВ

Драмскиот театар и во 21. век ја крена прашливата завеса за да не пренесе и однесе четири века наназад во времето на Вилијам Шекспир и неговиот Венецијански трговец, раскажувајќи ни уште еднаш приказна во која Елизабетанската раскош профункционира современо и денешно. На тоа беа сведоци сладокусци во преполниот салон во четвртокот навечер, гледајќи како преку спојот на една младешка енергија која надоаѓа персонифицирана преку шестмина млади актери, а споена со искуството на уште неколкумина бардови даде денешен, успешен резултат. Неколкуте помалку срамежливи аплаузи на отворена сцена потврдија дека разиграноста која ни ја понуди режисерот Наташа Поплавска и колоритноста споена со мракот и певливо искажаната тема за дилема: – “Човечноста наспроти месојадството….”, овоплотена преку желбата за освета на лихварот – Евреин Шајлок и пријателската жртва од страна на Венецијанскиот трговец Антонио, а се во име на љубовта, преточена од пустата желба на Басамио пријател на трговецот на кого му треба азно за да дојде до срцето на саканата Порција…

Овој самоинтригантен зачеток на приказната наречена Венецијански трговец во Драмски нека ви биде повод и мисла водилка да ја посетите оваа претстава бидејќи навистина имате што да видите: пред се, овде мислам на веќе споменатата актерска енергија носена од Дамјан Цветановски, алијас Басамио, а во една сцена и кнезот од Мароко, кој уште сега докажува дека ќе владее со сцената; па преку Стефан Вујсиќ и неговата Порција (травестијата играна во Шекспирово време мошне умешно ја користи Поплавска), преку која навистина овој млад актер ја докажува својата способност за успешна и “верна” мимикрија, па преку Марко Илиќ, кој, исто така, е жена, другарката – слугинка на Порција или живата Мериса заедно со Григор Јовановски, кој ја игра Џесика создаваат трио, а во исто време и секој за себе, на кои/е може уште сега да им позавидат и некои поискусни актери. Од оваа гарда успешно се снајдоа и Сергеј Димоски и Јаков Спасов, како Грацијано и Лоренцо, верните сопатници во приказната за парчето месо (не)откинато од човечката злоба, но и големото срце кое го надвладува љубовта… Во широката лепеза на успешни актерски креации се вплетени и искуството на Јовица Михајловски, кој неговиот Шајлог го носи искусно и со актерски дозиран нерв, особено при презентирањето на неспособноста да ги долови своите “високи, понекогаш и месождерски апетити”, потоа фантастичниот Диме Илиев, кој преку првата дама “чесно и совесно” ни ја дораскажа приказната притоа не криејќи го своето актерско мајсторство, во тоа исто така успешни беа помладите, но веќе поискусни актери Зоран Ивановски како трговецот Антонио, кој со многу мали амплитуди успешно варира и ги игра психофизичките изблици на неговиот лик (можеби инспириран од тоа што го гледаа и неговите колеги, кои дојдоа специјално од Прилеп да го гледаат неговото гостување во Драмски), како и Златко Митрески кој (не)спретниот и (не)среќниот Ланселот го пренесе со живец својствен на веќе искусен познавач на сценската уметност, Крајот или можеби новиот почеток(?!) намерно оставен за младата Јана Стојановска, која редуцираната реплика преточена во вешт сонг и умешна игра и пластичност на и со телото ги вплете во една врзивна нишка на целата венецијанска (и не само таква приказна…)

За сето тоа да биде убаво за око и за да се заслужи речиси 10-минутниот аплауз искажан простум од околу 400-тината театарски сладокусци, но и колеги и пријатели, секако, дека е заслужен и колоритниот и Венецијанско-Шекспировски костим сочинет од Александар Ношпал, а тука се и музиката на која актерката Стојановска, Лука Георгиевски и Андреј Блажевски, надополнети со кореографијата на Ирена Лозинска, сценските движења на гостинката од Белград Маја Митиќ и дизајнот на Емил Петро, секако, надоврзана на вештите мисловни раце на режисерот Поплавска и драматургот Дарко Спасов, кои го осовременија четиривековниот трговец.

Сето ова значи дека кога се ќе се собере и одземе, Драмски има уште еден продукт, со кој би требало речиси неминовно да ја влече својата “клиентела” кон билетарницата и во салонот на театарот во Карпош.