Вања Лазарова ( 1930 – 2017 )

in memoriam

Роден        27 АПРИЛ 1930 с. Страцин Кратовско
Почина     12 МАРТ 2017 Скопје

 

„Со маки сум се родила, со жалости јас ќе си умрам“… Веруваме дека ова се стиховите што на секој од вас му дојдоа на ум по веста за заминувањето на големата уметница, 86-годишната Вања Лазарова денеска во Скопје.

Доајенката на македонската песна е родена на 27-ми април 1930 во с. Страцин, Кратовско, во музички надарено семејство. Нејзиниот татко бил пратеник од времето на Кралството Југославија. По завршувањето на учителското училиште, станаува игроорка во „Танец”. Подоцна е учителка во оркестарот „Пеце Атанасовски” каде на своите ученици им ја пренесувала љубовта кон музиката.

– По завршувањето на учителското училиште, станав играорка во „Танец”. Бев премногу срамежлива за да пеам, а и кога пеев тоа беше само во дует. Дури подоцна почнав да пеам сама и тоа, практично, принудно. Имено, останав единствен женски вокал во „Танец” и тогаш морав да ја совладам срамежливоста… Годините минати во „Танец” ми се многу драги. Имав можност да ја претставувам културата на мојата земја и да го покажам македонското културно богатство низ целиот свет. Без лажна скромност ќе кажам дека каде и да одевме ја кревавме публиката на нозе. Во Лондон имавме чест да настапиме пред кралицата Елизабета Втора и пред Винстон Черчил во познатиот Ројал Алберт хол. По настапот не чекаше публика која сакаше наши автограми, а весниците беа полни со пофални зборови за нашиот настап и за македонскиот фолклор. Настапував пред многу значајни личности, пред државници и аристократи, а морам да признам дека имав желба да настапам пред претседателот на некогашната СФРЈ, но таа желба не ми се оствари… – вели Лазрова во едно од ретките интервјуа за „Македонска нација” во 2010 година.

Во текот на кариерата, Лзарова пее со различни фолклорни ансамбли. Беше член на ансамблот на Македонската радиотелевизија, а настапувала и со Македонската филхармонија. Таа е првата македонска пеачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ и „Филипс“. Добитник е повеќе меѓународни музички награди. Настапувала и на голем број концерти на повеќе континенти.

-Јас сум воспитана така да не вреднувам се низ призмата на денарот. Песната е на прво место. Сепак, денес некои други звуци, не изворно македонски ,се слушаат повеќе на радиостаниците. Во ред, и таквата музика има свој круг слушатели, нека се слуша. Но, да се потиснува македонскиот фолклор е непростливо. Овде повторно ќе се потсетам на зборовите на големиот руски етномузиколог Мојсиев. Тој рекол: Кога одиш низ Босна не пеј, ќе те натпеат; кога одиш низ Србија не играј, ќе те надиграат; а кога си во Македонија ниту пеј, ниту играј, затоа што ќе бидеш и натпеан и надигран. Мене најголемата награда ми е што младите ме знаат, што бараат автограм, што ме почитуваат. Имав свои ученички во рамките на оркестарот „Пеце Атанасовски” на кои сакам да им ја пренесам својата љубов спрема изворната народна песна. Да, љубов. Кога се пее изворна песна, тука нема одредени правила, строго поставени. Секогаш им велам дека треба да пеат со душа, од срце, така најдобро ќе ја отпеат песната, треба да ги чувствуваат мелодијата, текстот… – објаснува тогаш Вања.

Помладите генерации веројатно најмногу ја паметат по нејзиниот придонес во музиката од филмот „Пред дождот” на Милчо Манчевски, кој доби награда „Златен лав” на фестивалот во Венеција во 1994 г.