Франц Кафка

Франц Кафка

Franz Kafka

 

Роден         3 јули 1883     Прага, Австро-Унгарија

Починал              3 јуни 1924  Виена

Бил -Aгент за осигурување, управник на фабрика, писател на романи и раскази

Националност:                Чешки Евреин

Жанр:   роман, расказ

Правец – модернизам, егзистенцијализам, надреализам, претходник на магичниот реализам

Значајни дела – Процес; Замок; Преобразба


Франц Кафка (германски: Franz Kafka;  3 јули 1883 во Прага – 3 јуни 1924 во Виена) — еден од водечките писатели на германски јазик од XX век. Најголемиот дел од неговите дела се објавени постхумно. Неговото уникатно дело продолжува да ги предизвикува критичарите и обиди за негова класификација генерално завршуваат без успех. Во неговите најпознати дела, романите „Процес“ и „Замок“, како и новелата „Преобразба“, Кафка говори на теми како корупцијата на бирократите, алиенацијата и немоќта на поединецот да влијае врз општествените случувања.

 

Живот

Таткото на Кафка, Херман Кафка бил трговец, имал двајца браќа Георг и Хајнрих кои умреле како деца, пред Кафка да наполни шест години, и три сестри: Ели, Вали и Отла. Иако неговиот мајчин јазик е германски, Кафка одлично знаел и Чешки бидејќи неговиот татко бил чешки Евреин кoj потекнувал од Прага и сакал неговиот син одлично да ги зборува и двата јазика. Кафка имал познавање и од францускиот јазик и култура, а еден од неговите омилени автори бил французин, Флобер.

 

Од 1889 до 1893, Кафка оди во основно училиште во Прага, а матурира во 1901. Се запишува на студии на Карловиот Универзитет во Прага и се здобива со диплома: доктор на правни науки во 1906г. Потоа работи како приправник, па како агент во осигурителна компанија, тогаш и започнува неговата писателска кариера. Тој ја опишува работата во оваа компанија како нешто што го прави само за да заработи пари.

 

Во 1917 година се разболува од туберколоза и неговото семејство му помага во опоравувањето, најчесто е присутна сестра му Отла со која имал одлична комуникација.

 

Уште додека е на училиште тој активно организира литературни и социјални случувања, промовирајќи ги во Еврејскиот театар и покрај негодувањата на неговиот најблизок пријател Макс Брод кој вообичаено го подржувал во работите кои ги прави. Наспроти неговиот страв од тоа да не стане физички и ментално антипатичен, луѓето биле импресионирани од она што го прави, од неговиот момчешки, чист и асктески надворешен изглед, неговата интелигенција и чуден смисол за хумор.

 

Врската со неговиот доминантен татко е честа тема во она што го пишува. Во раните 20-ти доживува многу важна љубовна афера со чешката новинарка и писателка Милена Јасенска и во 1923 набрзина се сели во Берлин обидувајќи се да се оддалечи од влијанието на неговото семејство и да се фокусира на пишувањето. Во Берлин ја сретнува Дора Диамант, 19-годишна дисидентка која потекнувала од ортодоксно Еврејско семејство и била доволно независна за да се оттргне од нејзиното минато во гетото. Дора станува негова љубовница и поради неа Кафка пројавува интерес за Талмудот.

Творештво

Ги објавил романите „Процес“, „Замок“ и „Америка“, збирката кратки раскази „Градењето на кинескиот ѕид“ и расказите „Метаморфози“. Самиот Кафка изразил желба да се спалат делата, затоа што не ги работел со книжевни намери. Можеме да му заблагодариме на неговиот пријател Макс Брод што тоа не е направено.

 

Книжевното дело на Кафка му припаѓа на германското експресионистичко движење. Врз него делувале делата на Сигмунд Фројд, а егзистенционалистите го сметаат за свој претходник. Пишувал со едноставна, речиси фактографска техника, изобилно употребувајќи ја филозофската и религиозната симболика, често на граница на алегорија. Неговиот логичен, збиен стил му овозможувал совршено природно да ги изнесува своите фантастични визии.

 

Во своите дела ја изложува идејата за бесплодноста и немоќта на човекот да ги сфати принципите и механизмот на светот. Малите луѓе кои се покоруваат без прашање, секогаш се во милост на „власта“, додека оние кои се бунат, се осудени.

Процес

Јозеф К., банкарски службеник во некој германски град, е уапсен од непознати причини. Никој не му кажува за што е обвинет, а тој не може да открие ни каков е тој суд што тајно заседава во некоја зграда во градот, и каква моќ има. Тој се обидува да се брани, и бара помош од било кој што има врска со мистериозниот апарат што е против него. Малата слугинка му советува да признае сè што се бара од него, и да се стави на милост и немилост на судот.

 

Неговата вина е утврдена, и тој дознава дека има само две можности: или случајот да се одложи на некое време, или да биде привремено пуштен на слобода, но да може да биде затворен кога судот ќе нареди. Јозеф К. му се спротивставува на судот, сака да дознае за што и пред кого е виновен, повикувајќи се на принципите на разум и правда. Најпосле, доаѓаат двајца таинствени агенти и го убиваат.

 

Романот бил предмет на бројни интерпретации. Тиранскиот, брутален и ирационален судски систем кој го прогонува Јозеф К., се толкува како човечка злоупотреба на божествените закони. Како и да е, Кафка во романот креира атмосфера на безизлезност.

 

Критички интерпретации

Постојат повеќе критики кои се обиделе да го објаснат и да ги толкуваат делата на Кафка интерпретирајќи ги преку одредени школи на литературната критика – како што се модернистите, магичните реалисти итн. Очигледната безнадежност и апсурноста кои се врежани во неговите дела се сметаат за симболичен егзистенцијализам. Други пак се обидуваа да лоцираат Марксистичко влијание во неговата сатиризација на бирократијата во делата како Процес, Замок итн, а некои критичари пак сметаа дека главната инспирација на Кафка е анархизмот и анти-бирократскиот индивидуализам. Дури и денес постојат интерпретации на неговите дела преку јудаизмот (поради фактот што бил Евреин и пројавувал интерес за еврејската култура).

 

Борхес прави неколку перцептивни забелешки во однос на ова стојалиште за јудаизмот: преку Фројд (поради семејните несогласувања) или како алегорија на метафизичко барање на Бога (Томас Ман се согласувал со оваа теорија).

 

Темите на отуѓеност и прогонување се повеќе пати нагласени, и посебен акцент е ставен во делото на Марти Робер – кое делумно е инспирирано од делото на Жил Делез и Феликс Гуатари кои расправаат дека кај Кафка нема стереотипи на осамени фигури напишани од мака, туку неговото дело е многу повеќе промислено, субверзивно и на крајот на краиштата повеќе “весело” отколку тоа се чини. Биографите рекоа дека често Кафка им ги читал поглавјата од книгите на кои работел на своите најблиски пријатели, и овие читања биле концентрирани на самите себе, со константна, но често пати игнорирана, хумористична линија во неговата проза. Милан Кундера упатува на есенцијалниот надреалистичен хумор на Кафка како главен претходник на идните артистички дела на Федерико Фелини, Габриел Гарсија Маркес, Карлос Фуентес и Салман Ружди.

 

Кафка на филм

Во 1962 година, Орсон Велс го напишал и го режирал сценариото кое всушност е адаптација на романот “Процес” од Франц Кафка.

Стивен Содерберг го режирал полубиографскиот филм за Кафка во кој се меша неговиот живот и фикцијата од неговите романи. Сценариото претставува комбинација на многу негови дела, вклучително и делата “Процес” и “Замок”.

“Прекрасниот живот” на Франц Кафка е краток филм од 1993 година каде што се меша и делото “Метаморфозис”.

 

Библиографија

Раскази:

Опис на борба (1904-1905)

Подготовки за венчавка на село (1907-1908)

Судење (1912)

Огнарот (1914)

Во Казнената колонија (1914)

Селото Шломастер (1914-1915)

Блумфелд, постариот ерген (1915)

Управникот на гробницата

Селскиот доктор (1917)

Ловецот Грахус(1917)

Извештај за Академијата (1922)

Истрага за куче (1922)

Мала жена (1923)

Дувло (1923-1924)

Пејачката Жозефина (1924)

Новели:

Преобразба (1915)

Романи:

Процес (1925)

Замок (1926)

Америка (1927)

Дневници:

Дневникот на Франц Кафка

Сина осмина ракопис

Писма:

Писма за Фелис

Писма за Отла

Писма за Милена

Франц Кафка: Писма за семејството, пријателите и уредниците