50 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО Цела година уметничка дружба со актерот Мите Грозданов

ПО ПОВОД ЗЛАТНИОТ ЈУБИЛЕЈ – 50 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО

5 март 2017
На светскиот ден на театарот на 27 март на неговата матична сцена во Драмскиот театар од Скопје, Грозданов ќе има две изведби на монодрамата “Црв”, првата од 18 часот за учениците од средното училиште “Јосип Броз Тито ” од Скопје, а официјалната “десетка” и мини јубилеј е во вечерниот термин од 20 часот за сите љубители на театарот односно на монодрамата.

Еминентниот македонски актер Мите Грозданов годинава одбележува златна годишнина-50 години актерско творештво. По тој повод овој бард на македонското глумиште речиси цела година ќе ја анимира театарската публика стартувајќи веќе од денеска со настап преку монодрамата “Црв”, што по роман на Дејан Трајкоски ја адаптираше неговиот син Борче, и тоа во Домот на културата “Ѓорче Петров” во чест на Сојузот на пензионерите на Македонија.

На светскиот ден на театарот на 27 март со истото дело на неговата матична сцена во Драмскиот театар од Скопје, Грозданов ќе има две изведби, првата од 18 часот за учениците од средното училиште “Јосип Броз Тито ” од Скопје, а официјалната “десетка” и мини јубилеј е во вечерниот термин од 20 часот за сите љубители на театарот односно на монодрамата.

Патешествието на актерот не застанува тука, туку на 3 мај со монодрамски парчиња од легендарниот Митке од “Коштана” на Борисав Станковиќ, Грозданов ќе настапи пред пензионерите од Оптина Кисела Вода.

За 25. мај е закажан спектаклот “Историска хронологија” со учениците од ” Ј.Б.Тито” од Скопје во атриумот на гимназијата. Во чест на долгогодишната соработка со драмскиот аматерски фестивал во Кочани, Грозданов повторно ќе има монодрамски настап.

Во рамките на годишната прослава наесен се планираат претстави и во Кавадарци, Битола, Прилеп, Охрид, Гевгелија, Струмица…

Завршницата е предвидена со театарскиот перформанс “Дибови глави” што според сопствен расказ ќе го адаптира Грозданов.

Прославата на овој редок актерски јубилеј се заокружува со филмската недела на Мите Грозданов што од 8. до 14. декември се планира да се одржи во Кинотеката на Македонија.

Инаку Мите Грозданов во својата богата кариера зад себе има оставено траг од шеесетина улоги, од кои повеќето главни на матичната сцена на Драмскиот театар од Скопје и уште четириесетина гостувања на сцените на МНТ, НТ “Антон Панов” од Струмица, НТ Штип, Албанскиот театар…, како и 9 монодрами, педесетина аматерски спектакли и претстави речиси низ целата република (Гевгелија, Кочани, Кавадарци, Тетово, Струмица…), но и стотици ТВ серии, ТВ филмови и радио драмски остварувања. Грозданов е основач и предводник на “Театар Македонија” првиот официјален приватен театар, каде се јавува и како режисер и како актер.