НАМЕСТО ХЕПИЕНД

проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

Пиесата “Минерва и девет музи“ е најпоучното литературно дело на Џинот. Таа е добро замислена и, може да се каже, добро исполнета. Идеите на просветувањето, а ние би рекле на просветлението, и издигнувањето на културното и здравственото рамниште на народот и патриотскиот порив за будење на нацијата попримиле книжевно-уметнички израз.

Џинот создавал пиеси и заедно со учениците подготвувал мали театарски претстави. Тие биле од отворен тип, односно можеле да присуствуваат и бесплатно да ги гледаат сите. Значи, неговите претстави биле оригинални и главно со патриотски содржини.

Јордан Хаџи Константинов – Џинот бил назначен во 1848 година за скопски учител од страна на Ѓорѓи Попович, угледен скопјанец и почесен конзул на Русија во Скопје.
Инаку, Џинот како учител во Скопје бил голем ентузијаст и развил разновидна и содржајна дејност. Тој прорповедал во куќата каде што живеел, проповедвал во црквите, проповедвал во училиштето, создавал пиеси, воведувал нови предмети во наставата, но и шишувал во весници. Неговите проповеди биле во врска со верата, народот, воспитувањето и однесувањето на луѓето. Џинот бил добар христијанин, пламен говорник и високо достоинствен човек и сакал сите да бидат како него.