За писанијата на буквите и зборовите на хартијата која за многумина живот значи
Папирусот е
Папирусот претставува материјал за пишување и оправдано е мислењето дека со преработката на египетската билка всушност почнува историјата на книгата. Вештината за изработка на папирусот ја изумиле старите Египќани уште околу 2000 год. пр.Хр. и оттогаш папирусот наоѓа широка примена во другите цивилизации на Стариот свет каде што писменоста почнала да се развива во полн ек. Старите Грци го прифатиле овој материјал, од нив Римјаните. Називот папирус потекнува од речната мочуришна трска ciperus papyrus која растела во изобилство покрај наводнетиот брег на реката Нил во Египет. Зборот е египетски и во превод значи она од реката, а историчарот Херодот во своите историски записи го нарекува библос. Папирусот во антиката се задржал долго како и во средниот век, бил на цена, но подоцна во XI век бил потиснат од пергаментот. Римскиот историчар Плиниј Помладиот ни оставил сознанија за техниката на изработка на папирусот.
Во кратки црти производството се одвивало на следниот начин:
Стеблото на трската бидејќи било високо го сечеле во должина од 15 – 40см. Потоа срцевината била расцепувана на долги и тенки ленти со ширина од 2-3 см. Лентите биле редени една до друга врз камена подлога во вертикален и хоризонтален распоред под прав агол. Потоа лентите биле целосно посипувани со нилско блато или со лепило од пченично брашно со цел да се залепат и спојат во текстурата. Мазнењето на папирусот врз камената подлога се вршело со помош на рамни камени орудија. Следно, израмнетата површина се оставала на сончева топлина за сушење. Откако папирусот го добил својот тенок облик, заради заштита и лесно складирање бил свиткуван на свиток (rotulus) што го држат дрвени стапчиња (umbilici) на чиишто краеви се ставале мали рачки (cornua). Се пишувало со помош на каламус само врз една страна на папирусната површина. Каламусот бил цевче од трска зашилено на едниот крај. Подоцна го засекувале шилецот за да му дадат еластичност на цевчето при пишување на тенки и дебели букви. Мастилото што го употребувале се подготвувало од смола или гареж во вода. Во антиката се користела само црната боја.
