ЛИКОВИТЕ КАЈ БЕКЕТ

 

Бекет е загубен во бескрајот на возможни реалности на овој свет. Но во неговиот подрум. Таму е темно и суво и жешко бидејќи подрумот свушност е шупа од лим на пладневно сонце. Таму има големи котели во кои цело време врие вода за некои големи кади направени за големи задници. Има едно прозорче кое се користи за дотур на јаглен за печките. Старите понекогаш ќе погледнат низ прозорчето и во окото ќе им заврши некоја раска, а младите редовно голтаат јаглен. Јагленот не е квалитетен, па мора постојано да ги хранат огновите под казаните. Основната воља да се живее и покрај сè, не е јасна. Обиди за самоубиство има секој ден, сите се безуспешни. До таму што „играта“ престанува да има значење. Во таа смисла што во неговите дела можеби водечки аспект е уморот или можеби неуморноста. Умор од светот, од живот полн со страв и параноја. Од сите прозори и врати, огледала и стакла од излози, вирчиња со вода, животински и човечки очи. Го гледаме во филмот “Film”(1965) на Дејвид Рајнер Кларк. И секако паранојата отелотворена во беспрекорната изведба на Бастер Китон. Филмот разговара со ирскиот филозоф George Berkeley, чии филозофски теми и дискусии често ротирале околу субјективизмот и материјалното. Близок до грчките филозофи, по мисла, во однос на светот на идеите. Според него постојат само две работи: души(spirits) и идеи(ideas). Душите се едноставни, активни битија кои создаваат и доживуваат идеи(perceive ideas). Идеите се пасивни битија кои се создадени или доживеани. Во “Film” гледаме една едноставна душа која доживува морни идеи секогаш кога ќе биде исперцепирана. Што е скоро секогаш. А кога никој не ја гледа создава идеи за потенцијално можни средби и старо нови идеи. Со други зборови самото постоење на таа душа(Бастер Китон) е бескрајно измачување и најголем непријател на истата. Таа претставува парадокс за себе си. Расправата за нематеријалноста(immaterialism) или субјективниот идеализам, што навистина постои, а што не, што може да се докаже и што нема да ни фали доколку го отпишеме, е интересна. Но не повеќе од било кој друг метафизичар кој јас сум го сретнал. Заклучокот, односно една негова латинско-англиски синтагма директно комуницира со филмот: esse is percipi (to be is to be perceived) од латинското esse est percipi(to be is to be perceived/or to perceive). Ова е мачното секојдневие кое го живее ликот во филмот. Неиздржливост на постоењето како такво, дефинирано од перцепцијата на другите. Конфликтот на себе, во себе, но и кон општеството. Во овој случај подобро би функционирала хрватската варијанта на зборот општество, друштво. Дискурсот помеѓу поединецот и општеството, не можноста за било какво друштво. Хрватскиот редовен професор по политичка психологија на факултетот за политички науки во Загреб, Иван Шибер во неговата книга „Политичка мисла“ во поглавјето насловено „Конформизам и општество“ објаснува две значења на поимот конформизам:

„Заедничкиот живот, меѓусебната зависност на луѓето, нè доведува до низа социјални процеси кои ја одредуваат содржината, обликот и начинот на дејствување на поединецот и групата во општествените процеси. Конформност со групните норми, соработка помеѓу припадниците на групата и одговорност за заеднички цели се основни резултати на социјалната интеракција. Бидејќи тие облици на интеракција се битни за општествената егзистенција, секое општество тежи да ги институционализира како културни вредности, и преку процес на социјализација да формира поединец кој е во основа конформист, кооперативен и социјално одговорен.“

Продолжува со набројување на универзалните институции кои ја вршат оваа културна функција: фамилија, родители, училишта, врсници тн. Така сфатен конформизмот претставува заедничка егзистенција, склоп на меѓусебни односи во општеството, взаемно почитување и толеранција. Конформизмот кој означува прилагодување овозможува стабилност, но оневозможува промена. Меѓутоа:

„Во кризни ситуации, во ситуации на поголеми или помали револуционерни промени, кога се крши воспоставената равнотежа на општествените односи и се кине, социјално условената, врска помеѓу одредени ситуации и облици на однесување, се создава амбис, несклад помеѓу човекот и ситуацијата, и се јавува потреба за нејзино надминување. Секоја промена (во историска смисла) значи и здобивање со слобода, слобода од предходните односи, барања и притисоци. Добиената слобода, меѓутоа, е чекор напред само ако нарушената хармонија може конструктивно да се надмине. Во спротивно „ослободениот“ човек ја бара својата сигурност во авторитетот на другиот, татко, група, бог или држава, и останува неслободен. Поимот конформизам многу почесто се употребува баш за ова второ значење според кое означува изразито и некритичко прифаќање на групните норми без сопствено осмислување на фактите и сопствениот став, прикривање на сопствените интереси и слабости со претопување во безличноста на групата. Конформист е поединец кој нема волја да превземе на себе ризик кон заложување за нешто ново, чија основна цел е сопствената сигурност и неповредливост, а не промена, создавање и борба.“

Ова дефиниција е можеби најголемиот страв на Семјуел Бекет. Не негов личен, тој не се плаши од промена на светот, општеството и можноста за изградба на нов. Бекет сигурно нема да барал стадо во кое ќе ги скрие своите ставови и стравови. Но неговите ликови(општо) лебдат околу двете дефиниции на конформизмот, тие се изгубени личности, заборавени, зачекани, зашеметени, замаени, замамени од друштвото. Нивната клетва е никогаш да не бидат дел од него.

Јануари, 1983, Парис. Бекет е прободен во градниот кош и скоро убиен од еден уличен макро по име Прудент, веројатно по грешка. На првото судско сослушување Бекет го прашува напаѓачот кој бил мотивот позади нападот. Прудент одговара: “Je ne sais pas, Monsieur. Je m’excuse” – „Не знам, господине. Се извинувам“. По ова Бекет ја отфрла тужбата дел за да избегне бирократски формалности но и поради тоа што го сметал Прудент за допадлив и учтив,воспитан човек. Ова не може да биде дело на конформист.

Но да се вратиме на уморот и неуморноста. Претставата на двете спротивни инстанци една крај друга ја има во “Act without words II“. Едниот човек му приоѓа на секојдневието без нагон за било што. Јаде затоа што мора, се моли затоа што е време за тоа и најчесто е расеан размислувајќи за работи кои го прават несреќен и му го отежнуваат животот. Кај вториот лик, чудно ми е да ги наречам ликови… Можат да бидат и кукли, или роботи или клонови. Нивните движења се генерички, нивните фацијални експресии идентични како предходниот така и наредниот ден. Втората кукла му се радува на денот, на новото сонце, убавиот морков, работите кои можат да се научат. Неуморно го пречекува и сонува за наредниот. Клонови на човека. Можеби се претстави на еден лик, на еден човек, како совршен спој на спротивности, јин и јанг на човековата душа?

Некои други негови ликови се мртви, ослободени од материјалниот свет. Оној од кој напати не можат/смеат да излезат. Во “Act without words I” гледаме како некој непознат диригент два пати не му дозволува на ликот во фокус да си го одземе животот. Во „Чекајќи го Годо“ обидот за бесење е исто така неуспешен и скоро небитен, една крајно банална тема на конверзација. Како да постои предосеќај дека тоа не е излез, и тој чин нема ништо да смени. Но тие, мртвите ликови, душите и духовите не можат да престанат да сè објаснуваат или да си објаснуваат себе си. Сè! Едно бескрајно мрморење на своите вистини, тајни, грижи, стравови, на своите приказни одново и пак одново. Без разлика што се веќе мртви. Одново и одново повторување и барање нешто за што би требало да се исповедаат. Како да заборавиле, отфрлиле нешто без да знаат од приказната, па почнуваат од почеток, со ист тон и темпо. Пишувајќи го ова сфаќам дека во делата на Бекет мртвите ликови се поизградени од живите. Од урните во “Play” излегуваат повеќе чувства и емоции одколку од роботите во „Чин без зборови 2“. Бивши луѓе, нематеријални но повторно затворени во самите себе, на некое место кое го сметаат за премин, или крајна безизлезна дестинација. Заглавени во фрагмент од својот живот.

Во драмските дела на Бекет, рефлекторот е легитимен лик/карактер кој има своја незаменлива улога. Рефлекторот го дава акцентот на претставата, ни укажува дека фокусот и погледот на публиката мора да бидат таму каде што е светлото. За премиерата на “Not I” сите светла од театарот биле отстранети, дури и оние кои би требало во итни случаи да покажат каде е излезот. Едно единсвено светло во целата зграда е услов за да се изигра оваа претстава. Во однос на предходниот пасус, мотивот на мртов лик кој зборува го среќаваме и во “Not I“. Во овој случај истиот сензибилитет е зголемен на неколку нивоа. Јасна е зголемената емотивна функција во јазикот. Репликите се помешани реченици кажани со жестока брзина.  Тоа е нешто како обид за тек на свест во драмски текст. Можеби повеќе состојба на ум од тек на свест. Ликот го запознаваме подобро за разлика од оние три урни во “Play”. Текстот зборува за жена на 70 години која имала предвремена бременост и била напуштена од своите родители. Живеела механички живот, без љубов. Доживеала некоја несреќа додека била легната со лицето кон тревата. Таа е нема уште од своето детство и ова е една од ретките прилики кога зборува. Сè што публиката гледа е еден лик/нелик (Не јас), ја гледа само како уста која зборува. Бекет инсистирал дека устата не е лик, туку само инструмент преку кој се пренесува приказната, медиум без интелект. За време на пробите со Били Вајтлоу (Billie Whitelaw) Бекет ја прекинувал со зборовите „премногу боја, премногу боја…“, чие логично толкување е, воопшто да не се соживува со зборовите туку едноставно ги каже. Не јас, не ми припаѓаат мене, приказната не е моја, јас сум само инструмент. Повторно механичкиот роботски елемент…

Зарем сите ликови на Бекет заборавиле да бидат луѓе? Можеби, но тоа не е нивна вина. Не е природно да се загуби човечкиот сензибилитет. Но жешката шупа без светлина во која „живеат“ е светот каков што го познаваме, друштвен инструмент/експеримент за кршење на човековиот дух.

 

 

Петар Џајковски

Скопје, 2017

 

 

 

 

 

 

 

 

Mарија Ѓорѓијовска – актерка

 

Во прво лице –

Нека се живи и здрави сите непријатели

  1. ЗА СЕБЕ: Едноставна, енергична … подобро да кажат оние кои ме познаваат.
  2. .ЗА ЉУБОВТА: Убаво чувство, препорачливо за секој.
  1. ЗА ЖИВОТОТ: Е исполнет со секакви момети, се трдам да останам позитивна  откачена. Опкружена со луѓе кои ги сакам, почитувам и обратно.
  2. ЗА ТЕАТАРОТ: Мојот втор дом, го љубам со цело срце.
  3. ЗА ДОБРОТО: Да го има и да се шири што е можно повеќе.
  4. ЗА ЗЛОТО: Ех, да може да се искорени од цел свет.
  5. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Нека се живи и здрави сите

– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Да останат доследни и верни до крај

  1. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: Не е потребна, биди тоа што си.
  2. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Се храниме секојдневно хахаха
  3. ЗА КОЛЕГИТЕ: Дружба, соработка, колегијалност
  4. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Тоа што треба да биде, ќе биде
  5. ЗА ИДЕЈАТА: Да имаш идеја што нема да ти бега …
  6. ЗА СОНОТ: Убаво е да се сонува и мечтае.
  7. ЗА ЈАВЕТО: Да се прифати какво што е.
  8. ЗА ВИНОТО: По можност Црвено, на здраје нека е.
  9. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Моето Се!
  10. ЗА КРАЈ: Е па, секој почеток има и крај !

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

 

проф.д-р Христо Петрески

Моралистички и дидактички содржини

Џинот постојано размислува и е преокупиран со јазикот, а бидејќи се соочува со недостиг од книжевни, воспитно-образовни и други материјали, тој почнува самиот да ги подготвува и создава, па во тие рамки пишува и повеќе дидактички драмолетки,

Неговото творештво било со моралистичка и дидактичка дејност. А, драмските обиди на Џинот се првите од овој вид во македонската книжевност. Нив ги изведувале неговите ученици од Скопското училиште во дворот на црквата “Света Богородица“. Тоа се “Миневра и девет музи“, “Разговор или прави человек“, “Училиште и учение“, “Басна“, “Сербија шетаетсја в земел своих“. Првите четири од наведените драмски обиди отпечатени се во “Цариградски весник“, а драмите “Минерва и девет музи“ и “Сербија шетаетсја в земел своих“ ја изразуваат неговата идеја дека ослободувањето од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква лежи во македонското национално единство и слободната соработка на словенските земји.

Јордан Хаџи Константинов – Џинот е талентиран, образуван и начитан, како ретко кој од нашите интелектуалци од тоа време, па отскокнува од својата средина и со право го зазема местото во историјата како основоположник на македонското просветителство и преродбеништво, драмското творештво и световното образование на најмладите.

Џинот уживал глас не само на добар учител, туку и на умен човек, на филозоф. Исто така, во текот на околу две децении, пишувал стихови и преставува еден од првите македонски стихотворци.

Тој ги објавува првите македонски патеписи, кои се меѓу првите описи на Македонија, а имал афинитети и за сликање.

Најконцизно кажано: Јордан Хаџи Константинов – Џинот бил прочуен како даскалот Џинот и со неговите многубројни интересирања и афинитети. Неговиот стремеж постојано да биде оригинален во неговата средина наидувал на симпатии и одобрувања, но и на неприфаќања и негодувања. Неговите современици велат дека тој бил самиот против сите, а очигледно најмногу штета и саможртва од неговите одлучни и непомирливи сфаќања и однесувања трпел самиот тој и последиците ги почувствувал врз себеси.

Но, Џинот бил храбар, доследен и непоколеблив при согледувањето и опишувањето на аномалиите во однесувањето на својот народ и жигосувањето на тогашните историски, социјални, економски и други прилики, каде посебно место и улога зазема и идентитетскиот белег, односно менталитетот.  Па, притоа, со право Џинот укажува дека луѓето се поделени во своите ориентации и расположенија кон соседните држави и народи и дека и “едните и другите за едно луле тутун верата си ја менуваат“.

TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

  1. КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

Интересен запис за толкувањето на зборот театар и неговата духовна врска со животот. Искуства за одразување на животот. Животот и театарот и искуствата. Има вистина во тоа. Но, да видиме што велат другите речници за зборот театар. Несомнено зборот театар е од машки род, додека сцена и претстава се од женски род. Еве во “Речник на чуждите думи в б’лгарски” зборот театар под третото толкување вели дека е “место за важни, остри собитија и дејствија”8. За потеклото на зборот речникот дава дека е од грчки или француски. Но, нас нé интересира точката за “важни и остри собитија” која објаснува и кажува уште една од вистините и вредностите на театарот. Оној вистинскиот. Елитниот. Кој има што да му каже на своето време и својата култура. Има многу суштински одредници за сцената и нејзиниот феномен во тој обид со малку слова и зборови да се врами, дефинира, објасни театарот како уменост. Но, еве уште еден речник на нашиот источен сосед кој зборот театар го има завадено на стр. 961. Едно од толкувањата е дека тоа е” зграда со место за гледачи и сцена”, другото дека театар е “драмско и сценско творештво на еден народ и една епоха”9.

И нели во контекст на толкувањата на суштината на значењето на зборот театар, ако ги подредиме сите тие објаснувања во еден ред, ќе видиме дека секое од нив дава поинаква смисла и дополнување на зборот театар, односно на неговата духовна суштина. Тоа дека театарот е “зграда со место за гледачи и сцена” е толкување и денес, но во античка Македонија, се работи за отворен простор и нема класична зграда, освен градбата на сцената. Секако и денес имаме театари во кои се игра на отворен простор. Толкувањето дека театарот е “драмско и сценско творештво на еден народ и една епоха” дава една одредница, но ете во нашава земја театарот се игра, се играл (речиси три милениуми) и секако и понатаму ќе се игра. Во речникот се зборува за една епоха. А, театарот во Македонија има период на трајност и суштествување во повеќе епохи. И долг би бил редоследот на зборови, за да се одредат основните постулати на зборот театар. На терминот театар. Но, и на неговата суштина. Затоа што се работи за културен феномен кој има долготрајност, духовност и во кој се преплетуваат религијата, народната култура и уметноста. Секако на распетието меѓу елитата и масовноста како сценски и културни одредници, кои во зависност од која агол се приоѓа ја менуваат неговата значност.

Владо Дојчиновски – актер

 

Во прво лице

САМО ЗА АРНО НЕКА Е!

  1. ЗА СЕБЕ – Глумец ( кажано по нашински), среќно оженет, рибар, песнопоец ( за своја душа и присутните) Само за арно нека е!

2 . ЗА ЉУБОВТА: Си ја имам покрај мене, многу ја почитувам и многу ја сакам

  1. ЗА ЖИВОТОТ: Убав е, ама зошто таму негде луѓето не се скаат повеќе
  2. ЗА ТЕАТАРОТ: И на сцена, и на улица, и дома, и по риба…
  3. ЗА ДОБРОТО – добро прави, добро да си најдеш
  4. ЗА ЗЛОТО – секое зло за добро
  5. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ – не можам да се сетам дека ги имам

 – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? – станот ми е како автобуска станица

  1. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ – прашајте ја жена ми
  2. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА – алергичен сум, ама за миг кога нема да ја почувствувам под носот да ме зачешка, ми фали…
  3. ЗА КОЛЕГИТЕ – ги сакам и почитувам, без нив (сам) не би го направил тоа што го правам
  4. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ – И покрај желбата да се одиграат секогаш ќе остане нешто неодиграно

12 . ЗА ИДЕЈАТА – ништо без неа

  1. ЗА СОНОТ – Широка и во недоглед бистра и чиста вода
  2. ЗА ЈАВЕТО – Сакам да е така ама не е така за жал. Мене и не ми е лошо, убаво ми е, ама има на многу што не им е така.
  3. ЗА ВИНОТО – Омилениот пијалок ( црвеното)
  4. ЗА СЕМЕЈСТВОТО – Пред се, На прво место

За приказните -Растев со нив и ги обожував. Подоцна имав желба и да играм и таа желба се оствари. Кога не ги снимам, ми недостасуваат.Горд сум што сум дел од екипата што го остави ова национално богатство. Никогаш нема да ги заборавам прегратките, поздравите и убавите зборови од гледачите, обожувателите на приказните ( а не знам до сега колку ги имало). Тие за мене секогаш ќе бидат најголемата награда.

 

 

Антон Панов ” Печалбари ” ( 1906 – 1968 )

Антон Панов
apanov

 Антон Панов Струмица
Роден 13 април 1906
Дојран, Отоманска Империја(денес Македонија)
Починал 28 август 1968 (воз. 62 г.)
Струмица
Занимање писател
Период XX век
Значајни дела Печалбари, Роденденот на Серјожа Јегоркин, Стега / Вероника

Антон Панов (Стар Дојран, 13 април 1906Струмица, 28 август 1968) — истакнат македонски драмски писател. Татко му бил ситен трговец на риба, но и активен учесник во Револуционерната Организација, која по илинденското востание е подложена на репресии, а нејзините членови биле затварани и испраќани на заточени. И таткото на Антон Панов Ѓуро ке биде затворен и испратен на заточение во Беаз – Куле во Солун. Антон од татко му ја наследил гордоста и борбеноста, а уметничкото од мајка му Руша (Марушка) и баба му Ката, кои биле талентирани за драмски импровизации. Уште како мал Антон чиракува во дуќанот на татко си, иако не го сакал тој занает- трговијата. Во 1923 година неговите родители се преселуваат во Белград, каде Антон го продолжува гимназиското образование во 3-та машка гимназија. Поради спор со еден од професорите, ја напушта гимназијата и приватно ги полага испитите. Во 1933 година тој ќе ја предаде драмата на Народниот театар во Белград, но тие не биле заинтересирани и ја одбиле иако тамошниот режисер сакал да ја прифати. Кога режисерот ќе премине на работа во Скопскиот театар, ќе ја побара драмата. Премиерата се одржала на 03.03.1936 година. По театарската сезона, Панов отишол во Петроварадин каде се оженил.

Во македонската книжевност Панов е познат како автор на драмски дела. Неговата драма „Печалбари“ е напишана на македонски јазик во периодот меѓу двете светски војни, време во кое употребата на македонскиот јазик била забранета. Драмата првпат е изведена во Скопје на 3 март 1936 г., а потоа е изведувана во многу театри, меѓу кои и во Белград и Скопје. Неговата книжевна дејност е од извонредно значење за македонската книжевност. Друга позната драма на Панов е „Пиликатник“, која го обработува животот на дојранските рибари.

Книжевни дела

Панов напишал повеќе прозни и сценски текстови.

Печалбари

Печалбари  
Плакат за претставата „Печалбари“ од 27.IX.1936 во Скопје

Плакат за претставата „Печалбари“ од 27.IX.1936 во Скопје
Автор Антон Панов
Земја Македонија Македонија
Јазик Македонија Македонски
Жанр(ови) драма
Медиум Печатена
Страници 72

Награда од српските власти за драмата на Панов

Антон Панов

Печалбари“ е најпознатата драма на македонскиот драматург Антон Панов. Тоа е дело во која ни се презентира љубовна приказна меѓу двајца млади (Констадин и Симка) кои се лудо влубени, но припаѓаат на различни сталежи, тој е сиромашен – а таа богата.

Оваа противречност му била потребна на авторот за да го развие драмското дејство. Љубовта ќе биде главен двигател во драмското дејство, но и кочничар во развојот на љубовта меѓу младите. На нивната голема љубов ќе влијаат непишаните правила според кои двајца млади од различни класи не си припаѓаат еден на друг. Панов тука го вметнал и бунтот како средство со кое ќе се искаже незадоволството и ќе се постигне бунтот.

Љубовта е таа што двајцата влубени ѓе ги води напред. Но за жал, нивната среќа нема да биде целосна бидејќи посегнувањето по парите и стремежот за исконската печалба трајно ќе уништи едно семејство.

Во оваа драма Панов ги запазува драмските фази и класичното драмско дејство. При преминот од чин во чин, од појавата од појава во појава авторот не води низ дејство за да го доведе читателот до кулминација на случувањата каде зетот заминува на печалба.

Јордан во драмата е лик кој најмногу ги сака парите. Претставен е како чорбаџија кој е мек на зборови но тврдоглав на дела, среброљубец кој гледа низ призмата на парите. Секогаш бил загрижен за мислењето на другите луѓе, а тоа најмногу се гледа кога ја “продал“ својата ќерка, сметајќи оти таков бил адетот. Но бидејќи Симка се заљубила во сиромашниот Констадин, се договориле да му ја даде ќерка си поставувајќи му услов да замине на печалба, туркајќи го во смрт.

Јордан стапува на сцена во оној момент кога младите очекуваат принова и кога за нив започнуваат новите обврски. Но, тој е бескорисен, не знае да ги покаже чуствата бидејќи за него пред се сè парите.

Јордан донесува одлука која ќе ја плати прескапо, можеби не со својот, но со нечиј друг живот. Наспроти ликот на Јордан, стои Констадин, прикажен као млад човек кој има многу напредни сфаќања во споредба со времето во кое живеел. Како бунтовник, со своите постапки сакал да уништи дел од напишаните правила, како што била печалбарската традиција „ …Ех црна и крвава е нашата печалба, мајко! Уште покрвава е сиромаштијата што не гони таму!“ Сфајќајќи ги причините за тоа општествено зло, цврство стоел на ставот дека печалбата носи и несреќа и смрт.

Божана, мајка на Констадин, е жена која робува на патријахалните традиции. Таа е жена која останала млада вдовица. Но, сепак знаејќи дека печалбата е несреќа, го наговара синот и тој да биде печалбар. Таа знае како е да се живее без пари, да се одгледува дете без татко, но воедно справува и страмува што ќе рече светот и како ќе излезе пред другите со крената глава. Велејќи му на Констадин дека мора поради Јордан да оди на печалба, Констадин враќа со зборовите:

Дали чорбаџи Јордан ќе чуе таму во туѓина? Далеку, може дури преку море…На секого си туѓ…Нема со кого збор да промениш, солза да размениш! И не година, не две. Години, години да изврват, скотски да живееш, пари да збереш, додека да имаш лице дома да си дојдеш!… Ако паднам болен дали чорбаџи Јордан ќе праша за мене? Дали ќе има кој потта да ми ја избрише, кошула дами размени, јорган да ми фрли?… Ех, црна и крвава е нашата печалба, мајко? Уште покрвава е сиромаштијата, што не гони таму! Проклет да и е коренот!… И големо има лечко нишан носи од неа за цел век!… Гледај, што направи од нас таа пуста печалба! Маж – роб! Жена – роб! Син – роб! Ќерка – роб! А мајките, само за солзи се родени!…

Овие се најтажните зборови што ги проговорил некој печалбар во македонската драма. Во овој цитат Констадин ја насетува својата судбина. Можеби Панов намерно ова го направил се со цел да го стави читателот на размислување, каков е животот на печалбарите и низ каков тежок период поминуваат на печалба за да заработат парче леб. Кога Констадин мислел дека ја остварил својата цел, кога со Симка живееле убав живот и чекале принова, иднината ја нарушува Јордан кој доаѓа по своите пари. Нивната средба не е нималку пријатна бидејќи меѓу нив двајца доаѓа до конфликт. И покрај тоа што Констадин го моли Јордан да го остави барем уште една година да се порадува со својот пород, да сети таткова радост, тој е немилосрден велејќи дека не е негово да мисли на пелени, туку на пари.

Констадин заминува на печалба, но не по своја желба. Надвор од селото. Во природата. Големо старо дрво. Планинска патека води на печалбарската чешма. Тоа е место на печалбарската разделба. Кога завесата се крева, десно веќе седнала мала група печалбари, прва пристигната на местото на разделбата; седам, пијам и замислено пеам.

Во наредниот чин Констадин веќе се спрема за на печалба. Се збогува со Симка и со Божана. Прима од нив совети, но и ги прекорува и остава аманет детето што ќе се роди да го носи името на неговиот татко. Испратен е со песна впрочена како што тоа бидува со традицијата. За традиционалното испраќање на печалбарот поканува и моментот кога `рснува тапанот и зурлата, кога се прават и последните адети пред тргнувањето Тука е и размислувањето на Корама Атенас кој најубаво ја пишува тежината на печалбата. “…Разделба е разделба!…И камен на шијата полесно се носи од пустата печалба!“

Четвртиот чин дава најдобра слика на печалба кога веќе Констадин е во Белград. Таму болен од туберкулоза небаре од црна чума. Со пот и мака спечалил парите, но платил со сопствениот живот. Печалбата за него била многу кобна, тој не успева да го издржи товарот на тешката работа, но желбата да го види Коле, неговиот син е поголема од се. Тажи за својата мајка, за Симка. Свесен е дека ја доживува судбината на татка си, кого никогаш и не го видел. Судбината се повторува со него и тој повеќе никогаш нема да се врати дома. Овде смртата е нормална последица. Но дали вреди по секоја цена да се оди на печалба, да се жртвува сопствениот живот и животот на тие што чекаат дома, да се вратат печалбарите.

Драмата

„Печалбари“ е драма во четири чина и драмско дејство развиено во пет етапи. Таа е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот. Битово – значи дека е опфатен начинот на живеење, обичаите на Македонците; социјален – судирот меѓу богатите и сиромашните и печалбарството – како нужност да се спечали. Темата во драмата е љубовта на двајца млади, поради која момчето е принудено да оди на печалба. Во драмата се испреплетуваат неколку мотиви: мотивот на парите, мотивот на љубовта, на традицијата и на печалбарството. Парите се сепак движечкиот мотив, тие се средство за живот, за богатење, за купување невеста, за уништување на семејството, за одење на печалба и смисол за живеење (на Јордан му се и срце и душа). Идејата е да го прикаже животот на Македонците во првата половина на XX век. Дејствието се случува во едно село во Западна Македонија (освен една сцена во Белград) кон крајот на триесеттите години од XX век.

Содржина

Сцена од претставата „Печалбари“, со Ристо Шишков во главната улога

Прв чин

На почетокот од драмата е претставена богата македонска куќа, домот на девојката Симка. Преку разговорот на Симка со своето помало братче Стојче, авторот не воведува во светот на драмата. Таа му дава да јаде и го распрашува што дознал. Тој кажува дека уште утрото се најавиле стројници од две страни: од Ѓурѓиновци за Јован (од богато семејство) и од Итромановци за Костадин (сиромашен, но Симка го сака). Братчето е наклонето кон побогатите бидејќи тие ќе му дадат повеќе подароци, на што Симка му одвраќа:

Магаре ниедно! Уште од малечко со татковите очи гледа…

Јордан е нивниот татко, богат лихвар, кој гледа се низ призмата на парите. Во куќата доаѓа прво Божана, мајката на Костадин. Во разговорот со Рајна, мајката на Симка, дознаваме дека таа е вдовица и дека Костадин е нејзиното единствено дете за кое би направила се. Се појавува Јордан, кој е многу љубезен со Божана. Таа веднаш му кажува за што е дојдена – да ја побара Симка за Костадин. Јордан се согласува, го пофалува Костадин како млад, здрав и работлив, но споменува дека тој не бил на печалба, па веројатно нема пари за да гледа семејство и да си ја откупи невестата. Тој ја кажува цената – триесет лири, облека, појас, сребрен саат итн. Божана го пренесува ставот на Костадин, дека тој не сака да плаќа за невестата, сака да го одмине тој ред. Тој би ги направил сите адети, но да не ја купува невестата. Јордан не сака ни да слушне. Веднаш по заминувањето на Божана доаѓа Ѓорше, сиромашен селанец, кој бара пари на заем од Јордан. Тој му дава, го запишува во лихварскиот тефтер и се договара по печалба да му ги врати со камата. Стојче, синчето, му помага на својот татко, му го носи тефтерот и всушност го учи занаетот. На крајот од првиот чин доаѓа стрико Кољо, како стројник за Јован. По вообичаените поздрави и понудената ракија, Кољо го тера редот и кажува за Јован. Го фали – здрав, млад, работлив, кој е се уште во Белград на печалба. Јордан веднаш се сложува да ја даде Симка за него, повторно ја кажува својата цена, малку се ценкаат и на крај си подаваат рака. Ја повикуваат Симка, која заради редот ја прашуваат дали сака да се омажи за Јован. Таткото знае дека таа го сака Костадин, но за него тоа ништо не значи. Со солзи во очите, ќерката послушно прифаќа и стрико Кољо ја дарува. Нејзините другарки ја започнуваат обредната песна за свршувачка со што се доловува фолклорниот амбиент.

Втор чин

Во сиромашната куќа на Божана и Костадин, мајката и синот разговараат за Симка. Костадин не може да се помири дека нема да живее со неа и ги проколнува парите – кои се најважни во светот на Јордан. Костадин како носител на новото сфаќање ги искажува следните зборови:

Не, не сакам жена за пари! Јас милувам, Симка од чиста милост да ми дојде, не за пари! Сакам со неа век да векувам како со жена, не како со платен добиток. Ме разбираш ли? Јас сакам и таа да се праша! Зашто навистина ако таа се праша, право ќе си каже: Костадина го сакам! Сега дали е јасно? Сакам жена, не роб…

Мајката го советува да оди на печалба, да заработи, за да може да ја оствари својата цел, но Костадин одбива. Не сака и тој како неговиот татко да ги остави коските на печалба. Го искажува својот став кон печалбарството – зло на сиромашните, кое од нив прави робови. Доаѓа пријателот на Костадин, Зафир, кој му кажува дека ја свршиле Симка за Јован. Костадин, изреволтиран, трга да ја грабне Симка. Симка, патријархално воспитана, не сака да бега, не сака да се посрамоти, му кажува дека сега е свршена, но сепак љубовта кон Костадин победува, и покрај се таа решава да избега за него. Но, во тој момент се појавува Јордан кој го спречува грабнувањето и се пазари со Костадин. Јордан му позајмува пари, а Костадин прифаќа поради молбите на Симка.

Трет чин

Претставена е семејната хармонија во домот на Костадин, љубовта меѓу младоженците и среќата заради бебето што го очекуваат. Доаѓа Божана која најавува дека Јордан сака да ги посети. Тоа предизвикува вознемиреност кај младите. Неговото доаѓање и однесување кулминира во ужасна расправија. Тој си ги сака своите пари по секоја цена. Не му е важна среќата на ќерката, ниту се сожалува на молбите од Костадин да почека уште малку за да го види барем бебето кога ќе се роди. Расправијата го достигнува својот врв на крајот од оваа слика:

Костадин: Ти немаш срце, Јордане!

Јордан (потсмешливо): Море, парите ти се и срце и душа! Без нив ништо не можеш!… Секој чесен печалбар си ја стега торбата…

Костадин: Молчи, не зборувај!… Тие се толку чесни, та дури и не знаат дека за тебе работат, долг да ти отплатуваат. Молчи, Јордане! Засрами се!

Јордан: Зошто да молчам, пред кого да молчам, бре? Пари, пари ми требаат!…

Костадин: Трај! Во домот си ми!

Јордан: Не траам! Јас, или ти имаш за давање?…(скокнува) Море пари, пари, бре голтар! (крева рака на Костадин).

Костадин (го зграпчува за гуша): А, куче чорбаџиско! Си дошол огништето да ми го растуриш!…

Јордан (и тој го фаќа Костадина за гуша): Пари, пари, бре!…

Костадин, немоќен, заради Симка и бебето, решава да оди на печалба. Втората слика од овој чин го претставува обичајот на заминувањето на печалба, како и разделбата на Симка и Костадин. Надвор од селото, во природа, покрај прошталната чешма се собира групата печалбари и нивните блиски кои ги испраќаат. Пеат песни и пијат. Групата се зголемува, а водачот, стрико Марко ги собира на едно место, да јадат и да тргнат. На крајот ги испраќаат солзите на жените и девојките. Костадин се поздравува со жена си, која ја наведнала главата, не може ни да зборува од насобрани солзи и тага, и и ги кажува последните зборови:

Ех, Симке, Симке!…

Четврт чин

Првата слика е слика на печалбарскиот живот и се случува во една фурна во Белград. Поминале пет години, а Костадин лежи, облеан во пот и болен од туберкулоза. Неговите другари се грижат за него колку што можат, но лекови не можат да купат, бидејќи за нив треба пари. Суровиот газда Арангел сака да го избрка од фурната, велејќи му дека тоа не е болница. Тој воопшто не чувствува вина за неговата болест која ја добил од неподносливите услови за работа. И тој како Јордан мисли само на парите и загубата што ја трпи чувајќи болен човек кој не може да работи. Последните зборови на Костадин се носталгични, со желба за последен пат да ја види Симка, но и малку и префрла велејќи:

Костадин: (силно возбуден): Ах, Симке!… Не се согласи на бегање!… Не, не си ти крива… Требаше на сила!… (Се закашлува. Другарите се загрижуваат за него)

Зафир: (Му помага на Костадина).

Костадин: Што ми прави таа, мајка ми?

Зафир: Мисли на тебе.

Костадин: И плаче… Плаче Зафире… Плаче тивко, со неведена глава… Плаче и солзи рони…

Зафир: И ти плачеш…

Костадин: Дали ќе ја видам? Дали таа ќе ме види?… (Се закашлува силно. Другарите се стрчуваат кон него).

Последната слика е враќањето на печалбарите дома, со песна и радост. Коле, синчето на Костадин со нетрпение го очекува татка си кој никогаш не го видел. Но, пред куќата на Костадин пеењето престанува. Тоа значи само едно – дека печалбарот умрел. Коле не сфаќа што се случило и кога Зафир, другарот на Костадин, влегува во куќата да ги даде спечалените пари, детето се стрчува кон него, го прегрнува за колената, мислејќи дека тоа е неговиот татко.

Коле (трча кон Зафира радосно): Еве го татко, мамо!… (Му ги опфаќа колената на Зафира. Молчење).

Божана (како не со свој глас): Каде ми е син ми Костадин?…

Зафир (Молчи. Потем го вади од торбата појасот Костадинов и ќесето со пари; ги предава).

Симка (го прима ќесето и појасот): Ела, Коле… (Го прегрнува Колета). Татко ти не ќе си дојде… Никогаш не ќе си дојде… Ти пратил пари да го викнеш дедо ти Јордан на задуша…

Божана (со шепот кон Зафира): Умре?

Зафир: Умре…

Елементи на драмското дејство

Етапите во драмата се:

  • експозиција – запознавање со ликовите и Јордан како носител на семејната трагедија;
  • заплет – Костадин, како носител на новите сфаќања – против купување на невестата и против печалбарството;
  • кулминација – доаѓањето на Јордан да си ги земе парите;
  • перипетија – печалбарскиот живот, болеста и смртта на Костадин;
  • расплет – враќање на печалбарите, предавањето на парите и судбината на печалбарската жена.

Ликови

  • Јордан – богат чорбаџија, лихвар, кој се гледа низ призмата на парите. За него не претставува ништо среќата на ќерка му, важно му е само да платат за неа. Суров, бесчувствителен, бездушник, кој нема да дозволи ќерка му да оди бегалка, застапник на старите патријархални сфаќања.
  • Костадин – претставник на новите сфаќања. Тој пред се не сака да ја купува невестата со пари, зашто смета дека таа не е стока, дека и нејзиниот глас треба да се слушне. Љубовта за него е поважна од традицијата и старите закоравени правила. Исто така, тој е против печалбарството, против оставањето на својата татковина, на домот и семејството. Смета дека и тука може да се заработи за живот и да не се жртвува животот за пари.
  • Симка – патријархално воспитана, покорна ќерка, која не смее да му се спротистави на таткото. Ги потиснува своите желби за да ги оствари желбите на татка си. Иако е вљубена во Костадин таа не прави ниту еден храбар чекор за да ја оствари таа љубов. Не сака да побегне за него, бидејќи како бегалка ќе го посрамоти семејството, го тера Костадин да ја прифати нагодбата иако знае дека тоа ќе ја унесреќи и на крајот го тера да оди на печалба – сама жртвувајќи се да биде бела вдовица. Нејзината трагедија е уште поголема кога останува без маж, без човек кој ќе се грижи за семејството. Историјата се повторува, таа е иста како свекрва и Божана.

ПОСЛЕДНОТО ПИСМО НА ВИРЏИНИЈА ВУЛФ

 

 

НА СВОЈОТ СОПРУГ ЛЕОНАРД

Најмил,

Убедена сум дека полудувам. Ние не може да минуваме уште еденаш низ овој страшен период. Овој пат нема да се опоравам. Јас почнувам да слушам гласови и не може да се концентрирам. Значи,  ќе го направам она што изгледа како најдобро решение. Ти ми даде најголема можна среќа. Беше најдобар маж, по секое прашање.  Јас не мислам дека две лица би можеле да бидат посреќни, се додека не се појави оваа страшна болест. Не можам да се борам против неа, знам дека ти го вознемирувм  живот и дека без мене би можел да работиш. Ќе можеш, го знам тоа. Гледаш дека не успеваат дури ни ова да го напишам правилно. Не можам да прочитам. Она што сакам да го кажам е дека, ти ја должам сета среќа на мојот живот. Беше бескрајно трпеливи со мене и неверојатно добро. Сакам да кажам сè, но сите веќе го знаат тоа. Ако некој може да ме спаси, тоа ќе бише ти. Ме напушти се, сем сигурноста на твојата  добрина. Јас не може да продолжам да го уништам твојот живот. Мислам дека двајца луѓе не може да биде посреќен од нас.

В.

 

Како и секое утро, за време на ручек, Ленард  се качува во дневната соба да слушне вести. Се чудам зошто Вирџинија уште не се врати. Речиси 13 часот. Го препознава ракописот на неговата сопруга на ковертот и веднаш сфати сè. Од првите зборови.  Истрча во градината заслепени од болка. Тој знае дека е веќе премногу доцна. Вирџинија се фрлила во ледените води на Уза, претходно се погрижила во џебовите од своето палтото да бидат наполни со тешки камења. Реката брза. Ленард  го пронаоѓа само нејзиниот стап на брегот.

 

 

Извадок од книгата: “Вирџинија Вулф” Александре Лемоансон

БОРЧЕ НАЧЕВ – АКТЕР

 

Во прво лице

 

ЖИВОТОТ МОРА ДА СЕ ТЕРА

 

 ЗА СЕБЕ: Љубопитен

ЗА ЉУБОВТА: Ако љубов немам, ништо не сум

 ЗА ЖИВОТОТ: Мора да се тера

ЗА ТЕАТАРОТ: Магија ,горчина, Суштина…

ЗА ДОБРОТО :Ништо лошо

ЗА ЗЛОТО: Скраја да е!

ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Тикви зелени.

 – А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Се најдобро

ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ : Нема потреба ,излишна е

ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Порано ми се фаќаше гласот , сега сум имун на неа

ЗА КОЛЕГИТЕ: за кој како. А по малку и за колешките J

ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Ако не јас ,ке ги одигра некој друг. Ако не сега , друг пат.

ЗА ИДЕЈАТА : Најважна е

ЗА СОНОТ: Спокој

ЗА ЈАВЕТО: и кога не е розево , најди начин да го обоиш

ЗА ВИНОТО : Повеќе за црвеното отколку за белото

ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Насушно е

ЗА КРАЈ : Само што почнав!

 

 

 

 

Блаже Алексоски – Глумецот (1933 – 2015)

IN MEMORIAM

Блаже Алексоски – Глумецот бил еден од основачите на театарот, во кој се вработил во 1953 година и го дал својот придонес се до неговото пензионирање. Одиграл голем број улоги – Луков во Чашулевата „Црнила”, Омер во „Робот и Агата” од Чернодрински, Ристе во „Мангите пијат чај”… Остана запаметен по улогата „Татко” од Стринберг.

Почина Блаже Алексоски – Глумецот (1933 – 2015), актер во пензија од театарот „Војдан Чернодрински” од Прилеп.

“Тој замина, но неговото дело, улогите што ги оствари во театар, книгите што ги напиша ќе останат врежани во македонскиот театар и литература”, се вели во соопштението од Театарот „Војдан Чернодрински” од Прилеп.

Блаже Алексоски – Глумецот целиот свој живот му го подари на театарот. Бил еден од основачите на театарот, во кој се вработил во 1953 година и го дал својот придонес се до неговото пензионирање. Одиграл голем број улоги – Луков во Чашулевата „Црнила”, Омер во „Робот и Агата” од Чернодрински, Ристе во „Мангите пијат чај”… Остана запаметен по улогата „Татко” од Стринберг.

Оствари и завиден број режии на театарски претстави, пред се на битови драми, меѓу кои на „Бегалка”, „Печалбари”, „Антица”… За своите актерски реализации Алексоски се здоби и со призанија на МТФ „Војдан Чернодрински”, како и со наградата за животно дело на овој фестивал.

Тој беше првиот лауреат на ова угледно фестивалско признание од Прилепскиот театар. За неговиот придонес за театарот признание му оддаде и општина Прилеп.

Во последните години Алексоски стана вистински хроничар на Прилеп. Како драматичар дебитираше со пиесата „Итроман Пејо”, а напиша уште десетина драмски текстови, меѓу кои и „Колобан”, по кој се играше и истоимената претстава во театарот. Ги напиша и делата „Аџи Христо Логотет”, „Тале Мелезот”, романот „Ах”, „Прилепските прекари”, а остави зад себе и необјавени творби.

Со помош на железничарот го одиграв вториот чин, а подоцна и премиерата!

СО ИНАЕТ И ПРОФЕСИОНАЛНОСТ СЕ СЕ МОЖЕ – БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ

Претставата “Свадба” се играше по сто и некој пат. Во еден момент срипав од молерска скала, бидејќи играв молер, незгодно се дочекав, ја искривив ногата и во моментов ништо не чувствувајќи продолжив да играм. Суфлерката забележала како ногата отекува, па во паузата меѓу двата чина го беа повикале Благоја железничарот, кој ми стави еден бастум од реквизитите меѓу забите за да не се прекасам и речиси за секунда ја намести ногата, раскажува Чоревски

Во својата долга речиси петдецениска кариера актерот Благоја Чорески се соочувал со низа пречки од типот на играње со температура, па дури и дијареја, играње под шок од ненадејни судирања и удирања на сцена, но најкритично било на претставата “Свадба# од Васил Иљовски, изведба која популарниот Чоре засекогаш ќе ја памети:

-Се играше по сто и некој пат оваа претстава. Во еден момент срипав од молерска скала, бидејќи играв молер, незгодно се дочекав, ја искривив ногата и во моментов ништо не почуствувајќи продолжив да играм. Суфлерката приметила како ногата отекува, па во паузата меѓу двата чина го беа повикале Благоја железничарот кој ми стави еден бастум од реквизитите меѓу забите за да не се прекасам и речиси за секунда ја намести ногата. Тој ме советуваше да си одам веднаш дома, на што му одговорив “Чекај јас имам за играње уште втор чин, а за неколку дена имам и премиера#, раскажува Чоревски.

Ја доиграл “Свадбата”…, а за премиерата на “Артуро Уи# играл под лекарства, мачкање со борова вода, колку да ги издржи напорите и ја истерал и таа премиера упорниот Чоре.

Дека упорноста и професионален инает се негова одлика, сведочи и фактот што со ужасен грч во мускулот во ногата и неподносливи болки ја подготвувал и “Далај Мама” во режија и по текст на Љубиша Георгиевски.

-Режисерот ми рече седејќи да глумам, бидејќи не можев многу да се движам. Јас само му одвратив дека тоа не може и не смее да се случи, па покрај сите болки успеав да ги истерам пробите сосе мизасцен – уште една победа на повредениот Чоре.

Третата случка можела да биде опасна дури и по неговата глава:

-Во “Достага на самиот врв”, повторно во режија на Љубиша Георгиевски во една сцена Крум Стојанов забодува на сцена два ножа кои стојат паралелно на многу мало растојание и низ кој јас паѓајки треба да поминам со главата и рацете нанапред. Немаше да има никаков проблем и овојпат да го направам истото доколку едниот нож не беше забоден малку накриво. Поминувајќи низ нив сум ја пресекол раката, но ништо не почувствував. Осветлителот Руше приметил на сцената крв и дури тогаш, кога ме видоа, ме однесоа на шиење. Докторот иако со дебели раце и прсти ме соши мајсторски, а за болката беа виновни старите инструменти. Болеше многу, но се издржа. Потоа морав да подлегнам на петнаесетдневен антитетанус третман – завршува храбриот бард на македонското глумиште Благоја Чоревски. (Б.Г.)