Тихомир Стојановски
- КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ
Нo, ајде да допреме уште една точка на значајноста и природата на сцената. Велиме дека:”театарот се игра”. Нели ние играме и ора. Народни танци во стапки фатени еден за друг за рацете во круг, можеби означувајќи ги циклусите на кружноста како сонцето кое е круг, кругот на денот и ноќта, раѓањето и умирањето, животниот круг. Значи играме и оро и театар. И основната сцена во антиката имала облик на кружница, за разлика на денешнава “сцена кутија” на современите градски театарски згради. Играме оро и театар. Се работи за игра. Во еден случај со телото и душата, во друг исто така со нив, но и со зборовите кои стануваат метрички стапки на драмската поезија. Колку да ја начнеме котата на игра и играње. Оро и театар. И секако да не ги заборавиме народните игри за верските празници кои во себе ја имаат содржината на театарот и на играта како: василичари, џамалари, сурвескари, коледари и други, нели во контекстот на играњето. Театарот се игра. Зборот, глаголот игра може да се однесува на музика, драма, на играње на децата. Така нам ни дава право во одредниците, дефинициите за тоа што е тоа театар да го вметнеме зборот играње. И секако играње во метрички стапки. Во одреден ритам. Како неправилните божествени стапки на македонските песни и ора. И да не заборавиме да играме, народот би рекол “игра со зборови” извадок од животната драма. Убаво кажано. Показна матафора. Згуснато знаење. Меѓу театарот и животот. Меѓу елитата и масовноста. Секако, ако зборовите се во стихови, како поезија, или драмска поезија тие навистина играат по стапките на зурлите и тапаните, играат по метричките стапки.
Но, да опфатиме еден дел на играта на зборовите во стапки, да и отстапиме место на драмската поезија која е основната база на зборовниот театар. Запишано слово и сценски изговорен збор. Зборовен театар. Одредена приказна запишана пред нас, која добива сценско обликување. Во празниот простор, како што вели Брук. “Нејсе”.