проф.д-р Христо Петрески
КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА
Автобиографски сведоштва и постулати
Во пиесата “Минерва и девет музи“, просветениот Джинот ги повикува своите сограѓани кон напредок и културен живот. Богинката на мудроста Минерва (Атина) тргнала заедно с деветте музи и момчето Аполон да даруваат ум, расудување и промисленост. При средбата со Остримеч, кој е веќе просветен, Остримеч се разоткрива како скептик во однос на просветата на своите сограѓани. Очигледно, самиот има горчиво искуство од просветителските обиди и напори, па вели: се мачам со моите браќа, зашто не љубат наука и просветување, се мачам негде да најдам една корка леб за живот. Разговорот меѓу Минерва и Остримеч ја разоткрива заостанатоста на народот, кој живее во неслога, а секој луѓето ги влече за нос. Изгубен род и мрзелив за доброто – посочува Џинот, кој преку улогата и репликите на Остримеч – на најдобар начин го манифестира и афирмира и автобиографското.
Џинот, преку ролјата на Остримеч, констатира дека граѓаните не седат да учат; малку колку да пишуваат наопаку ќе принаучат, потоа ќе се вообразат, ќе се предадат во глупости и несовршени задоволства и живеат како глувци во смрдливи дупки во стените и мислат дека од слепилото нема друго послатко. Минерва сака да ги убеди, да ги примат нејзините дарови, зашто кој народ наука не сака и не љуби, тој род Бога не сака и не љуби. Затоа, им заповедува на музите да им ги дадат своите науки и уметности на граѓаните.