Кон праизведбата на текстот „ Ана Комнена“ , во продукција на Народниот театар „ Јордан Хаџи Константинов – Џинот “, од Велес.
Искреираниот сценски простор на Валентин Светозарев, со користеното светло и ефекти од проекциите на фрески и други симболи по ѕидовите, блескавите костими на Раде Василев и ненаметливата, но прекрасна музика на Сашко Костов беа вистински предусловi* претставата „ Ана Комнена “ да биде репрезентативен примерок на репертоарот на НТ од Велес. Но тоа не се случи.
Народниот театар од Велес ја заокружи програмата за 2016 година со праизведбата на текстот „ Ана Комнена “ , на 17 февруари 2017. Се работи за текст на Сашо Димоски, второнаграден на конкурсот за текст, распишан за отворањето на новиот објект на Велешкиот театар. Режијата ја потпишуваат Ненад Витанов и Васил Зафирчев , кој исто така учествува во претставата , во ликот на Учителот на Ана Комнена. За Витанов, ова беше трета соработка со драмскиот автор Димоски, по соработките на претставите „ Медеја“ во 2015 и „ Парламентарки“ , 2016 година.
Претставата „ Ана Комнена “ е театарски чин во формат на ансамблова претстава, кој се осврнува на животот и страданијата на византиската принцеза Ана Комнена, ќерка на императорот Алексеј Први . Поради смртта на нејзиниот вереник, Константин Дука, како жена , таа го губи правото да седне на престолот на Византиската империја. А , по смртта на татко и , Ана прави пуч протов брат и Јован, кој е престолонаследник и завршува во манастир, каде ја пишува историјата за триесет и седумгодишно владеење на татко и, позната како „ Алексијада“.
Но, претставата не е историска драма. Димоски , потпирајќи се на историските настани, напишал постмодерна драмска интерпретација со која го преиспитува и коментира историскиот контекст , феноменот на власта и положбата на жената во тој контекст. За таа цел, првичната, наградена текстуална предлошка, е допишувана. А, резултатот е густа и повеќеслојна нарација. Таа нема амбиции да проговори за положбата на денешните некрунисани кралици или да даде подлабок приказ на половата дискриминација на жените кај нас или во светот, туку низ сликата за Ана Комнена проговара за обесправената, еманципирана жена денес, која се бори за да ја задржи заслужената позиција во општеството . Низ играта на актерите, претставата го доловува родово-хиерархиското устројство на светот во кое доминира мажот, позицијата на жената во власта, прикажана како условена и одземена и човековата верба во Бога, во правдата, во себе си… Во истрајноста, пред неизвесноста на мигот , во царството пред колапс, а со понуда за барут како оружје на иднината, добиено од кинески трговец.
Режијата на Ненад Витанов и на Васил Зафирчев, ги предава игрите до крв за власт и влијание во византискиот двор, низ раскошот од духовни и религиски белези, типични на Византиското царство. Меѓу нив клучно место заземаат фреските кои се користат како матрици според кои се градени ликовите. Тие не само што живеат на сцената , туку оживуваат и преку проекциите на ѕидовите од сценографијата на Валентин Светозарев, прикажувајќи различни душевни состојби на ликовите. А, беа аплицирани и на современо реинтерпретираните историски костими на Раде Василев, што ги носат актерите. А што прикажаа тие?
„ Ана Комнена “ е претстава на актерката Кети Борисовска. Таа прикажа цел регистар емоции , доловувајќи ја болката и борбата за опстанок на обасправената жена. Сугестивно, прецизно, на моменти и со доза на патос го предава ликот на Ана Комнена, освојувајќи ја публиката и канејќи ја на сочувство кон нејзините страданија. Улогата на единствената сојузничка на Ана Комнена, Марија Аланска, мајка на Константин Дука, актерката Зорица Панчиќ ја долови низ умешна трансформација меѓу студена, без емоции и рационална, но и дотолку жестока личност кога треба да и се помогне на принцезата. Васил Зафирчев инвентивно, но не до крај, како што знаел да се покаже порано, ја прикажа загадочноста и мистериозноста на Учителот на Комнена, кој ползувајќи ја блискота со неа сака да го наметне богомилството како религија во Византија. Јордан Витанов во улогата на царот Алексеј Комнен, кој е растргнат меѓу проблемите на империјата и кланот Комнени, владееше со сценскиот простор , но не и со текстот. Се надевам ќе го совлада целосно низ изведбите. Потреба од покреативно исцртување на ликот, покрај прикажаната појавна мажественост има и Самоил Стојановски во улогата на воинот Никифор Брени, овдека претставен како сопруг на Комнена, по смртта на принцот Константин Дука. Весна Димитровска Бобевска пријатно изненади во ликот на императорката Ирина Комнена, истакнувајќи се во играта без текст, но со усет за прецизно и одмерено дејство во крикот за спас на царштината. Не може, а да не се забележи шармантната игра на квинтетот Скомраси : Маја Љутков, Александар Ѓеорѓиев, Кирил Гравчев , Марија Стефановска и Румена Шопова. Од нив раскажаните народни приказни , на почетокот на претставата и подоцна како меѓа за влез во нејзиниот втор дел, кој продолжува интегрално , се цитатен додаток во текстот кој функционира како антиципација на настаните во сцените што следуваат. А на младите актери, Жарко Спасовски и Александар Велјановски во улогите на браќата на Ана, Јован и Исак, Фаик Мефаилоски како Петар Хермит, Даријан Петров во ликот на Дандоло, Талија Настова како Кинескиот трговец и Андреј Серафимовски како Константин Дука, вложениот труд и ентузијазам не им помогнаа да бидат доволно убедливи. Или преглумуваа, врескаа и играа во веќе виден манир, или беа оставени сами да се снаоѓаат во своите рољи, прикажувајќи се како несигурни и незабележителни.
За сценографијата беше задолжен искусниот мајстор Валентин Светозарев. Симболиката на грандиозноста и недопирливоста на царскиот двор тој ја темели на проектираните многубројни скали кои водат до тронот. Вака искреираниот сценски простор, со користеното светло и ефекти од проекциите на фрески и други симболи по ѕидовите, блескавите костими на Раде Василев и ненаметливата, но во функција на дејството, прекрасна музика на Сашко Костов , беа вистински предуслови претставата „ Ана Комнена “ да биде репрезентативен примерок на репертоарот на НТ од Велес. Но, тоа не се случи поради покажаните недостатоци во актерските креации и поради инсистирањето да се задржи секоја реплика од густо напишаниот текст на Димоски. Тој концепт се плашам дека тешко ќе комуницира со обичната публика, при такви креации какви што видовме од актерите на затворената генерална проба , во траење од 2 часа, на 16 февруари на новата сцена на НТ од Велес. Сотир Трајков