За ” Пепелашка “, режија Деан Дамјановски; продукција Театар за деца и
младинци
Борче ГРОЗДАНОВ
Нема дете, па дури и оние кои се веќе пораснати, па и подостарени, а да не ја знаат приказната за девојката која од пеплиштето фениксираше во принцеза… Таа бајка за добродушната #прислужничка# на лошата маќеа и двете зли придојдени сестри, за тиквата – кочија и стакленото чевличе, што по Шарл Перо и браќата Грим ја визуелизираше режисерски Деан Дамјановски, пристигна каде што и е местото – во Театарот за деца и младинци! Таму,повеќе од две децении детскиот народ сонува, се смее, плаче,љубопитно гледа… И овојпат #новите клинци# на кои постарите како мене,им завидуваат скоро секогаш, имаа што да видат – колоритност, бајковитост,разиграност, низ смешка и игра поставена борба меѓу доброто и злото, за да се знае дека каде и да е, од што и да е, тоа, злото, не може да го победи доброто… Режисерската умешност, надополнета со музиката на Сашко Костов,кореографијата на Кренаре Невзати – Кери, сценографијата на Кирил Василев и костимите на Елена Дончева се дел од неодминливиот уметнички принцип на театарот – Актерите… Тие, всушност ја отелотворуваат приказната низ која Наташа Петровиќ алијас Пепелашка со многу умеење не води со тивкост и кроткост, поигрувајќи си со своите убави, мили и предани пријатели,кучето – Мики Анчевски и глувчињата – Марија Ѓоргијовска и Бојан Кирковски, кои уште еднаш ја покажуваат безусловната енергија, но и знаење кои се основните двигатели на успешното актерство… Трите пријателчиња од претходно кажаното тоа го докажуваат и при трансформацијата во други ликови кои се епизоди, но не се декор во целокупната бајка… Спојот на искуството и младоста, дава резултат, а како неодминливи експоненти на овие првите се пластичната, веристичка, па дури напати #нервирачка# улога на Катерина Илиевска Силјановска, како маќеата и смирениот татко – крал Владимир Лазовски, но и кротката, убава и одмерена самовила Ана Левајковиќ – Бошков. Од овие #вториве# импонираше играта на трапавиот, смотан, но добар слуга на Мартин Јордановски, кој го анимираше детскиот народ и при сценските преоди, со што ја надополнуваше режисерската #итрина#, за да нема празни одови, а се разбира тука се и двете грди и зли сестри кои Емра Куртишова и Симона Спировска со сета своја актерска појава и знаење ги одиграа, така што и покрај нивната злоба, децата ги прифатија со воодушевување и веселост.Оваа актерска лепеза се затвора/отвора со принцот, кој Ненад Митевски, барем по впечатокот на потписникот на овие редови, можел малку поенергично да го донесе, пред се во смисол на решителноста и одлучноста во љубовта на принцот кон прекрасната Пепелашка. Овој впечаток не ја руши појавноста на овој актер, но сепак, впечатокот дека би можел да додаде уште малку екстровертна eмоција, oстанува…
Во однос на драматуршкиот пристап и леењето на сонговите, не смееме да имаме никаква замерка, туку напротив, бидејќи тие се неодминливата нишка која го врзува дејствието на малата а голема сцена на Театарот за деца и младинци. Во низата убавини, можеби, драматуршки, како замерка би можело да се прифати дека епизодните репрезенти од народот, не морало баш да се прикажат како луѓе од внатрешноста, за да бидат смешни поради дијалектот, ами можело да се употребат низа други карактеристики и (не)умешности за да се доизградат овие епизодни ликови.
Овие крајни, навистина мали замерки, не го рушат впечатокот дека ” Пепелашка ” е во секој случај гледлива претстава, не само за детскиот народ, ами и за оној народ кој помалку или повеќе потпораснал.