TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

  1. КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

Интересен запис за толкувањето на зборот театар и неговата духовна врска со животот. Искуства за одразување на животот. Животот и театарот и искуствата. Има вистина во тоа. Но, да видиме што велат другите речници за зборот театар. Несомнено зборот театар е од машки род, додека сцена и претстава се од женски род. Еве во “Речник на чуждите думи в б’лгарски” зборот театар под третото толкување вели дека е “место за важни, остри собитија и дејствија”8. За потеклото на зборот речникот дава дека е од грчки или француски. Но, нас нé интересира точката за “важни и остри собитија” која објаснува и кажува уште една од вистините и вредностите на театарот. Оној вистинскиот. Елитниот. Кој има што да му каже на своето време и својата култура. Има многу суштински одредници за сцената и нејзиниот феномен во тој обид со малку слова и зборови да се врами, дефинира, објасни театарот како уменост. Но, еве уште еден речник на нашиот источен сосед кој зборот театар го има завадено на стр. 961. Едно од толкувањата е дека тоа е” зграда со место за гледачи и сцена”, другото дека театар е “драмско и сценско творештво на еден народ и една епоха”9.

И нели во контекст на толкувањата на суштината на значењето на зборот театар, ако ги подредиме сите тие објаснувања во еден ред, ќе видиме дека секое од нив дава поинаква смисла и дополнување на зборот театар, односно на неговата духовна суштина. Тоа дека театарот е “зграда со место за гледачи и сцена” е толкување и денес, но во античка Македонија, се работи за отворен простор и нема класична зграда, освен градбата на сцената. Секако и денес имаме театари во кои се игра на отворен простор. Толкувањето дека театарот е “драмско и сценско творештво на еден народ и една епоха” дава една одредница, но ете во нашава земја театарот се игра, се играл (речиси три милениуми) и секако и понатаму ќе се игра. Во речникот се зборува за една епоха. А, театарот во Македонија има период на трајност и суштествување во повеќе епохи. И долг би бил редоследот на зборови, за да се одредат основните постулати на зборот театар. На терминот театар. Но, и на неговата суштина. Затоа што се работи за културен феномен кој има долготрајност, духовност и во кој се преплетуваат религијата, народната култура и уметноста. Секако на распетието меѓу елитата и масовноста како сценски и културни одредници, кои во зависност од која агол се приоѓа ја менуваат неговата значност.