проф.д-р Христо Петрески
Моралистички и дидактички содржини
Џинот постојано размислува и е преокупиран со јазикот, а бидејќи се соочува со недостиг од книжевни, воспитно-образовни и други материјали, тој почнува самиот да ги подготвува и создава, па во тие рамки пишува и повеќе дидактички драмолетки,
Неговото творештво било со моралистичка и дидактичка дејност. А, драмските обиди на Џинот се првите од овој вид во македонската книжевност. Нив ги изведувале неговите ученици од Скопското училиште во дворот на црквата “Света Богородица“. Тоа се “Миневра и девет музи“, “Разговор или прави человек“, “Училиште и учение“, “Басна“, “Сербија шетаетсја в земел своих“. Првите четири од наведените драмски обиди отпечатени се во “Цариградски весник“, а драмите “Минерва и девет музи“ и “Сербија шетаетсја в земел своих“ ја изразуваат неговата идеја дека ослободувањето од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква лежи во македонското национално единство и слободната соработка на словенските земји.
Јордан Хаџи Константинов – Џинот е талентиран, образуван и начитан, како ретко кој од нашите интелектуалци од тоа време, па отскокнува од својата средина и со право го зазема местото во историјата како основоположник на македонското просветителство и преродбеништво, драмското творештво и световното образование на најмладите.
Џинот уживал глас не само на добар учител, туку и на умен човек, на филозоф. Исто така, во текот на околу две децении, пишувал стихови и преставува еден од првите македонски стихотворци.
Тој ги објавува првите македонски патеписи, кои се меѓу првите описи на Македонија, а имал афинитети и за сликање.
Најконцизно кажано: Јордан Хаџи Константинов – Џинот бил прочуен како даскалот Џинот и со неговите многубројни интересирања и афинитети. Неговиот стремеж постојано да биде оригинален во неговата средина наидувал на симпатии и одобрувања, но и на неприфаќања и негодувања. Неговите современици велат дека тој бил самиот против сите, а очигледно најмногу штета и саможртва од неговите одлучни и непомирливи сфаќања и однесувања трпел самиот тој и последиците ги почувствувал врз себеси.
Но, Џинот бил храбар, доследен и непоколеблив при согледувањето и опишувањето на аномалиите во однесувањето на својот народ и жигосувањето на тогашните историски, социјални, економски и други прилики, каде посебно место и улога зазема и идентитетскиот белег, односно менталитетот. Па, притоа, со право Џинот укажува дека луѓето се поделени во своите ориентации и расположенија кон соседните држави и народи и дека и “едните и другите за едно луле тутун верата си ја менуваат“.