Блаже Алексоски – Глумецот (1933 – 2015)

IN MEMORIAM

Блаже Алексоски – Глумецот бил еден од основачите на театарот, во кој се вработил во 1953 година и го дал својот придонес се до неговото пензионирање. Одиграл голем број улоги – Луков во Чашулевата „Црнила”, Омер во „Робот и Агата” од Чернодрински, Ристе во „Мангите пијат чај”… Остана запаметен по улогата „Татко” од Стринберг.

Почина Блаже Алексоски – Глумецот (1933 – 2015), актер во пензија од театарот „Војдан Чернодрински” од Прилеп.

“Тој замина, но неговото дело, улогите што ги оствари во театар, книгите што ги напиша ќе останат врежани во македонскиот театар и литература”, се вели во соопштението од Театарот „Војдан Чернодрински” од Прилеп.

Блаже Алексоски – Глумецот целиот свој живот му го подари на театарот. Бил еден од основачите на театарот, во кој се вработил во 1953 година и го дал својот придонес се до неговото пензионирање. Одиграл голем број улоги – Луков во Чашулевата „Црнила”, Омер во „Робот и Агата” од Чернодрински, Ристе во „Мангите пијат чај”… Остана запаметен по улогата „Татко” од Стринберг.

Оствари и завиден број режии на театарски претстави, пред се на битови драми, меѓу кои на „Бегалка”, „Печалбари”, „Антица”… За своите актерски реализации Алексоски се здоби и со призанија на МТФ „Војдан Чернодрински”, како и со наградата за животно дело на овој фестивал.

Тој беше првиот лауреат на ова угледно фестивалско признание од Прилепскиот театар. За неговиот придонес за театарот признание му оддаде и општина Прилеп.

Во последните години Алексоски стана вистински хроничар на Прилеп. Како драматичар дебитираше со пиесата „Итроман Пејо”, а напиша уште десетина драмски текстови, меѓу кои и „Колобан”, по кој се играше и истоимената претстава во театарот. Ги напиша и делата „Аџи Христо Логотет”, „Тале Мелезот”, романот „Ах”, „Прилепските прекари”, а остави зад себе и необјавени творби.