Со помош на железничарот го одиграв вториот чин, а подоцна и премиерата!

СО ИНАЕТ И ПРОФЕСИОНАЛНОСТ СЕ СЕ МОЖЕ – БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ

Претставата “Свадба” се играше по сто и некој пат. Во еден момент срипав од молерска скала, бидејќи играв молер, незгодно се дочекав, ја искривив ногата и во моментов ништо не чувствувајќи продолжив да играм. Суфлерката забележала како ногата отекува, па во паузата меѓу двата чина го беа повикале Благоја железничарот, кој ми стави еден бастум од реквизитите меѓу забите за да не се прекасам и речиси за секунда ја намести ногата, раскажува Чоревски

Во својата долга речиси петдецениска кариера актерот Благоја Чорески се соочувал со низа пречки од типот на играње со температура, па дури и дијареја, играње под шок од ненадејни судирања и удирања на сцена, но најкритично било на претставата “Свадба# од Васил Иљовски, изведба која популарниот Чоре засекогаш ќе ја памети:

-Се играше по сто и некој пат оваа претстава. Во еден момент срипав од молерска скала, бидејќи играв молер, незгодно се дочекав, ја искривив ногата и во моментов ништо не почуствувајќи продолжив да играм. Суфлерката приметила како ногата отекува, па во паузата меѓу двата чина го беа повикале Благоја железничарот кој ми стави еден бастум од реквизитите меѓу забите за да не се прекасам и речиси за секунда ја намести ногата. Тој ме советуваше да си одам веднаш дома, на што му одговорив “Чекај јас имам за играње уште втор чин, а за неколку дена имам и премиера#, раскажува Чоревски.

Ја доиграл “Свадбата”…, а за премиерата на “Артуро Уи# играл под лекарства, мачкање со борова вода, колку да ги издржи напорите и ја истерал и таа премиера упорниот Чоре.

Дека упорноста и професионален инает се негова одлика, сведочи и фактот што со ужасен грч во мускулот во ногата и неподносливи болки ја подготвувал и “Далај Мама” во режија и по текст на Љубиша Георгиевски.

-Режисерот ми рече седејќи да глумам, бидејќи не можев многу да се движам. Јас само му одвратив дека тоа не може и не смее да се случи, па покрај сите болки успеав да ги истерам пробите сосе мизасцен – уште една победа на повредениот Чоре.

Третата случка можела да биде опасна дури и по неговата глава:

-Во “Достага на самиот врв”, повторно во режија на Љубиша Георгиевски во една сцена Крум Стојанов забодува на сцена два ножа кои стојат паралелно на многу мало растојание и низ кој јас паѓајки треба да поминам со главата и рацете нанапред. Немаше да има никаков проблем и овојпат да го направам истото доколку едниот нож не беше забоден малку накриво. Поминувајќи низ нив сум ја пресекол раката, но ништо не почувствував. Осветлителот Руше приметил на сцената крв и дури тогаш, кога ме видоа, ме однесоа на шиење. Докторот иако со дебели раце и прсти ме соши мајсторски, а за болката беа виновни старите инструменти. Болеше многу, но се издржа. Потоа морав да подлегнам на петнаесетдневен антитетанус третман – завршува храбриот бард на македонското глумиште Благоја Чоревски. (Б.Г.)