проф.д-р Христо Петрески
Име соодветно на опусот
Инаку, Џинот бил со среден раст, сув и многу лут. Тој бил многу прецизен, редовен и строг човек. Имал тенки пријатни црти на лицето. Очите му биле живи и погледот остар. Тој бил многу самоуверен човек, имал убав привлечен говор и го воодушевувал населението.
Не пиел ни вино, ни ракија, јадел само леб. Водел строг монашки живот. Освен во Велес, работел и во Прилеп, Скопје и Белград.
Вака говорат сведоштвата за него, а ние ќе се задржиме само на две од нив и тоа не случајно ќе започнеме токму со нив.
Имено, првата е неговиот прекар, поточно неговото второ име Џинот. Да го добиеш токму тоа име (прекар) и да те викаат така, а да си физички со среден раст и слаб, тоа бездруго значи дека духовно мора да си многу авторитетен и силен, да доминираш, да чувствуваат другите кон тебе респект, да ти оддаваат признание, па по малку да покажуваат и страв.
А, дека се плашеле од Џинот властодржците, најречито говори дактот дека тој бил протеран и заточен во Мала Азија и осуден на 101 година робија. Притоа, тој бил жестоко испитуван и малтретиран од заптиите по патот, при што од удар со камшик му прснало и го изгубил десното око.
Има ли поголема казна, поголемо насилство и поголем грев од вадењето на едното око на еден од пионерите, просветителите и водачите на македонското просветителство, култура и писменост.
Како и при ослепувањето на Самоиловите војници, така и овојпат, попусти биле обидите да се замолчи, казни и покори македонскиот духовен Џин, кој не само што прв ги вовел како учител предметите мајчин јазик и географија во наставата, воведувал и применувал нови методи во наставата, воспитувањето и работењето, односно дисциплината и надгледувањето на учениците, туку тој е првиот наш, македонски драмски писател кој освен што пишувал драмски текстови и заедно ги изведувал со своите ученици.
Книжевникот, драматургот и учителот Јордан Хаџи Константинов – Џинот е првиот македонски драмски писател и просветител, заедно со Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски.
Спектарот на интересирањата на Џинот е мошне широк и разгранет. Тој е личност со неверојатно немирен дух, многу често препуштен самиот да се бори со сите неистомисленици и противници, против аномалиите, неправдите и аспирациите, но и примитивностите, неотпорностите и анахронизмите во матичната средина.