Димитар Ѓорѓиевски, актер
По дипломирањето на ФДУ, се вративте во родниот град Прилеп, каде сте дел од актерската постава на Прилепскиот Народен театар, театар со традиција од безмалку 67 години. Во тој временски период, од неколку години, во колку претстави имате играно?
-Да, се промував низ Скопје уште година – две по дипломирањето, но потоа излезе прилика да се вработам во родниот град и да соработувам со екипа која го сака театарот и се вложува безусловно. Заедно сме скоро една деценија и среќни сме дека сме дел од развојот на театарот, сега засега во творечка смисла, а се надевам во иднина и во инфраструктурна зашто условите за творење се прилично лоши и сценските резултати со она што го имаме позади сцената во смисол на технологија и персонал се толку непропорционални што се граничат со надреализам.
Бројот на одиграните улоги, сами по себе, можеби не кажува многу, или барем не кажува се за актерот. Секако, ретки се улогите по кои актерот остава врежана антологиска трага. Иако сте млад, верувам веќе имате своја визија, улога по која сакате публиката да ве памети, некоја веќе одиграна, или допрва исчекувана.
-Па некако се трудам секоја улога да ја доведам до многу битна, ама не се оптоварувам толку многу со тоа како публиката (не можам да речам критиката, зашто кај нас таа не постои) ќе ја прими, туку гледам мене да ми е битна. Или на карактерот кој го играм. Може звучи себично, ама имам забележано дека кога ќе си ја направам улогата битна и интересна за мој вкус, скоро секогаш убаво поминува и кај публиката. На антолошки улоги не мислам, не ми е таков стилот.
Ви се случува ли да сугерирате, при подготовка на својата улога, во оној дел во кој не ви се допаѓа, промена на сценариото или на дијалогот?
-Да. Дел од процесот е разработката на текстот и предложените сцени, па нормално, при сценската адаптација се предлагаат поинакви решенија од тие кои се одредени со самиот текст. Не мора да значи дека нешто не ни се допаднало па сме го смениле. Некогаш во прилог на нашата идеја одат решенија поинакви од тие предложените од авторот, па во консултација со режисерот дејствуваме во смер кој ни одговара.
Комедија или класична драма ? Што повеќе ви лежи лично Вам, а што , условно кажано, е полесно за глумење?
-Во Македонија ретки се жанровски определените театри, па така имаме среќа да играме во секаков тип на претстави. Се случува во една сезона да работиме и комедија и трагедија и музичка претстава и стих… Јас лично не можам да се определам што ми лежи повеќе, макар што кога ме прашуваат што сакам да работам, секогаш прво помислувам на текстови каде што има добар дијалог, да не речам класичен. А за тоа што е потешко исто така нема точен одговор. Се верува дека комедијата бара повеќе вештина, ама не сум сигурен.
Прилеп е град кој го има надалеку познатион театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, со долга традиција, со богата програмска содржина. Дали тоа проектира и една слика за прилечани,дека тие се театарољупци, и дека ви доаѓаат во голем број на вашите претстави?
-Па, со оглед на големината на градот и простотилукот од кој се заразивме гледајќи лоши телевизии и следејќи лоши политичари, изненадува посетеноста на театарските претстави. Прилеп има публика, може не е за уривање рекорди, ама е редовна и разбира театар. А исто така не е грешка ако се каже дека треба да се смислуваат стратегии и да се вложуваат средства во привлекување уште публика.
Самата професија актер, носи извесен предзнак на „идол“. Актерот мора да е водечки лик, да го остава и својот професионален, но и својот личен интегритет како пример за околината, посебно во град во кој секој со секого се знае, и постојано е под лупа на јавноста. Погледнато од еден ваш ракурс, во помало место значи ли и дека одговорноста на актерот е поголема?
-Би сакал да е така, ама за жал не е. Едноставно, во денешно време политичарите, криминалците и ропачките фаци кои се појавуваат на телевизија имаат многу поголемо влијание врз луѓето отколку ние в театар. Една претстава и да се изигра 100 пати, максимум може да ја видат 25 до 30 илјади луѓе и тоа во неколку години, а една епизода од серија има најмалку двојно публика во 45 минути. Тоа не значи дека се откажуваме и не се обидуваме да влијаеме, ама борбата е нефер.
Патувањата и гостувањата се составен дел од сценскиот живот. Досега, на кои сцени, уште и во кои градови, ги имате одиграно вашите претстави?
-Најчесто гостуваме во нашата и во соседните држави. Последно учествувавме на МЕСС во Сараево со „Ајнштајновите соништа“. Откога сум јас вработен во театар имаме најмалку едно гостување годишно надвор од земјата и тоа не е лошо, но се надевам дека во иднина ќе се зачестат таквите гостувања зашто фестивалите се добар начин да провериме до каде стоиме со нашиот израз.
Актерот постојано е во потрага за духовна храна, и духовни вредности, а тоа го потврдил и со самото тоа што ја одбрал оваа благородна професија. Но, што е потребно, како мотив, за да истрае, кога му е најтешко, особено во време, кога знаеме, се помалку се цени актерскиот труд, а примањата се ограничени.
-Лудост. Треба да е луд. Во секоја смисла на зборот. Покрај тоа и зависноста е фактор. Мислам, да не се лажеме, не само мојата професија, туку скоро сите области во општеството во кое живееме го гребат дното, така што за било која професија човек да се одлучи, мора да биде луд, за да остане нормален.
И покрај се, филмот е тој што го вивнува во популарност, еден актер. Вие бевте дел, но и имавте водечка улога имавте во „ Мајки“ (и кои други филмови?), каде се најдовте и на рекламниот постер. Накратко сублимирано, какво искуство ви донесоа овие филмови?
– Снимив неколку филмови изминатиов период, и долгометражни и кратки и искуството е секогаш убаво, па дури и кога филмот не е така успешен. Времето поминато пред камера во земја во која не се снима многу е значајно за секој актер. Штета што не се снима повеќе и квантитативно и жанровски за да набиеме искуство и ние и екипата која што работи зад камерите. Колку повеќе се снима толку подобри ќе бидат филмовите, а и ние самите.
Валентина Ѓоргиевска Парго